Home / Спорт / Прва фудбалска лига: Пелистер ќе презими на третото место

Прва фудбалска лига: Пелистер ќе презими на третото место

Со одигрувањето на последното 18.  коло од Првата фудбалска лига заврши есенскиот дел, а уште  за оваа сезона ќе се игра фудбал на фудбалските терени во Македонија, кога се играат реванш средбите од Купот на Македонија.

Екипата на Пелистер во неделата гостуваше во Тетово, на екипата на Шкендија и оттаму се врати со минимален пораз, 1:0.

Екипата на Шкендија не блескаше, но го совлада Пелистер со 1:0 со прекрасниот гол на Алими, кој е единствениот момент за издвојување во неубедливото тетовско неделно попладне.

Тренерот на Пелистер, Наџи Шенсои извади цврст блок пред голманот Пашовски, а Шкендија мака мачеше да го пробие противникот.

Половина полувреме немаше ниту една закана и директен шут кон двата гола. Битолчани дури и се осоколија и солидно парираа на средината од теренот.

Во 21. минута се обиде Хасани со соло продор, а 15 минути подоцна малку недостигаше топката од Трифуновски да го извади Лукас сам пред домашниот голман Захов, но на одмор се замина со почетните 0-0.

И кога Шкендија остана без идеи, се појави Алими и со спектакуларен удар од преку 30 метри ја “скина пајажината“ од голот на Пашовски и им донесе водство на домаќините.

По овој гол Шенсои ги внесе напаѓачите Божиновски и Василев, но  наместо нивни шанси за израмнување, во 68. минута пак Алими одлично биеше, сега од непосредна близина, но дирекот го спаси гостинот.

Во судиското надополнување од четири минути Пелистер имаше две мешаници пред голот на Захов, еден удар на Божиновски од далечина, но резултатот не се менуваше.

Пелистер на зимски одмор оди на третото место на табелата со 29 бода, односно 12 помалку од лидерот Вардар, а осум  бода помалку од второпласираната Шкендија.

Пелистер гостува во Кратово во реванш средбата од Купот на Македонија. Пелистерци ќе го очекува тежок и неизвесен реванш, бидејќи патуваат со само гол предност од првата средба.

Но, фудбалерите на Пелистер не патуваат со бело знаме, туку со верба дека со добра игра ќе успеат да го “поминат“ Силекс и да презимат во македонскиот куп.

 

 

С.Р.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!