Home / Колумни / Првиот буквар на битолчани

Првиот буквар на битолчани

                                     

          Денеска  Битолски весник  го одбележува својот редок  јубилеј, 55 години од излегувањето на првиот број.

          На 29 април, во деновите кога македонските христијани и верници ги празнуваат Велигденските празници и во пресрет на празникот на трудбениците 1 Мај, Битолски весник го одбележува својот  златен јубилеј, 55 години од своето излегување.

          За тие кои заборавиле да потсетиме дека  точно на 29 април, во далечната 1964 година, пред точно 55 години,  во предвечерието на големиот трудбенички празник 1 мај,  во печатницата “ Киро Дандаро “ беше испечатен првиот број на Битолски весник.

          Излегувањето на Битолски весник, според зборовите на единствените  живи сведоци на тој настан, а посебно оние кои учествуваа во подготовката и уредувањето  на првиот број  беше вистински празник за Битола.

          Колку само радост имаше на лицата на графичарите на “ Киро Данадрот “ кога   го испечатија  првиот број на Весникот,  кој  уште во насловот се определи да биди весник на Битола и граѓаните на Битола.

          Иако  името  на Весникот во многу нешта го ограничува пласманот на Битолски весник надвор од овој град, сепак токму во насловот  на Битолски весник има многу симболика.

          Тој беше замислен  и таков остана сите овие изминати  55 години, да биди весник на  граѓаните на Битола.

          Денеска,   по изминати  55 години од своето непрекинато излегување, Битолски весник може со гордост да се пофали дека не само што ги оправда очекувањата на првата генерација новинари, туку е вистински бренд, кој сите овие изминати  55 години е сведок и хроничар на градот, или што би рекол еден наш сограѓанин, колективна меморија на Битола.

За Битолски весник во една прилика професорот по новинарство, проф.д-р Томе Груевски напиша дека Битолски весник е светилник не само на битолското, туку и  на македонското новинарство.

          Битолски весник е без сомнение најстриот локален печатен медиум во државата.

          Тој цели 55 години секоја среда, непрекинато се наоѓа во рацете на илјаднци свои верни читатели.

          Некои од нив  со Битолски весник другаруваат  уште од првиот број.

За многумина битолчани, Битолски весник бил првиот и единствениот буквар, преку кој научиле да читаат и пишуваат.

Многумина со Битолски весник другаруваа од својата најмала возраст, од училишните клупи, па се до  пензионирањето.

Голем број  битолчани со Битолски весник другаруваа и за време на отслужувањето на војниот рок, во екс Југославија, а  не беше мал и бројот на битолчани, кои  откако во потрага по подобра среќа, откако ќе ја напуштеа Битола, со Битолски весник другаруваа како  претплатници во САД, Австралија, Канада, Европа…

          Токму  со   Битолски весник тие  ја лечеа својата насталгија за својот град.

          Во изминатите 55 години Битолски весник минувал низ бројни и тешки искушенија.

          Од  стопостотното  финансирање, на почетокот од неговото излегување, па се до целосното финасирање во седумдесетите  и добар дел од осумдесеттите  години,  Битолски весник  од 1990 година, кога згасна Социјалистичкиот сојуз, кој беше основач на Весникот,  е оставен  сам да се бори за својата егзистенција.

          Сите овие изминати  55 години, по укинувањето на државните субвенции Битолски весник опстојува на пазарот и сам се грижи за својата судбина.

           Таквиот начин на работење во многу наврати  го доведе во прашање нормалното излегување на Весникот. Имаше периоди кога беше навистина тешко. Понекогаш дури и претешко да се опстои, да се испечати следниот број.

          Но кога многумина ни го посакуваа и предвидуваа нашиот  крај,  ние се подигнувавме и продолжувавме во нов почеток.

          На тој речиси пет и пол децениски пат сме имале многу тешкотии, пречки, опструкции, притисоци, закани, подметнувања…

          Откако не успеаја да не скршат, пред една деценија некои мрачни сили кои  ни ги посакуваа крајот, се обидоа со поднесување на бројни тужби и барање на големи оштетни побарувања да не замолчат и да не принудат да потклекнеме.

          Но откако и тоа не им успеа, без воопшто да се кријат, слушајќи ги наредбите на нивниот вожд, со невидени санкции блокади и опструкции се обидоа  да стават крај на Весникот, кој пред тоа најмногу ги афирмираше.

          Но и тоа не им помогна.

Битолски весник остана и опстана, така како што навикнал да биде секогаш, Простум.

          Гледајќи напред во иднината, сите изминати 55 години  ги совладувавме проблемите и тешкотиите на кои наидувавме.

Како човек кој цели 40 години е вработен во Битолски весник и кој речиси три децении е на чело на Весникот, многу пати  сум се прашуавл дали ќе издржиме.

          И за среќа и радост на бројните наши читатели, досега издржуваме.

          Признавам не ни беше и сеуште не ни е лесно. Напротив ни  беше и сеуште ни е  доста тешко. Но не се предаваме.

          Битолски весник опстојуваше сите овие 55 години и убеден  сум дека ќе опстојува и натаму.

          Мојата  таква убеденост не  е само  поради традицијата на  Весникот и цврстите темели кои се поставени,  туку најповеќе заради тоа што Битолски весник ја има безрезервната  и безвременската наша љубов кон него и што се наоѓа во сигурни раце, кај луѓе кои повеќе мислат за Весникот отколку за себе.

          Се додека е така и додека гори пламенот на таа љубов кон него,  тој нема да згасни, не само на наша радост, туку и на радост на бројните наши читатели, како и на радост на нашите децениски спонзори и поединци и институции кои не ценат, сакаат и почитуваат и кои знаат да ги ценат традициите на овој град, со кој сите ние се гордееме.   

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!