Home / Култура / Раскош и драматичност во најновата колекција „Подем на гревот” на модниот бренд “PAPAZ”

Раскош и драматичност во најновата колекција „Подем на гревот” на модниот бренд “PAPAZ”

Еден од најуспешните македонски модни дизајнери Андреј Папаз Ѓоргиевски  ги вооодушеви вљубениците во модата  со најновата колекција „Подем на гревот”  на модниот бренд  „PAPAZ” која ја претстави на Модниот викенд во Скопје што минатата недела се одржа во престижниот хотел “Мериот” во Скопје.

Темата на најновата колекција на PAPAZ  е приказната за потопот на Содома и Гомора, и самата колекција претставува  симбиоза на таа библиска приказна, поврзана со Блискиот Исток, како денешна територија каде се смета дека се наоѓале овие два града и сето тоа спакувано во една современа форма окарактеризирана со провокативност и сексапил.

Во колекцијата преовладува црната боја, претставена во мат и сјајни вариации. Се појавуваат и сиви тонови, бела и цигла боја како освежување на целокупниот впечаток. Во колекцијата на “PAPAZ”  застапени се еко-кожа, свилен шифон, штоф, жоржет, скај и мрежа, додека пак  суптилно се вметнати и садо/мазо елементи.

-Колекцијата инсистира на инспирацијата од која е извлечена. Се работи за еден авангарден стил, составен од носливи и помалку носливи парчиња кои носат дух на раскош и драматичност.  Колекцијата ќе го најде патот до оние  со нескротлив дух подготвени за експериментирање и “гладни” за внимание- вели успешниот  македонски  моден дизајнер, Андреј Папаз Ѓоргиевски.

Инаку, Андреј Папаз Ѓоргиевски по потекло битолчанец е моден дизајнер и костимограф во Македонија, кој има завршено студии по моден дизајн на ФОН Универзитетот и својата кариера ја започнува уште за време на своите студии, соработувајќи со естрадни личности, работејќи на разни едиторијали за месечни и неделни магазини. Како прв сериозен проект на кој работел е „Македонски идол”, каде заедно со своите колеги ги подготвуваа стајлинзите на изведувачите, а потоа следува и евровизискиот проект во 2013 година, каде заедно со неговата колешка Викторија Арсовска го креираа костимот на Влатко Лозаноски.

Својата кариера ја продолжува со голем број на костимографии за претстави ширум македонските театри, а и костимографии за телевизиски серии. Препознатлив е по раскошните креации и гламурозните фустани.

Модниот дизајнер Андреј Папаз Ѓоргиевски минатата година беше прогласен за дизајнер на годината на престижната манифестација на Битолски весник “Избор на најуспешни битолчани”.

 

 

Автор: Васка.М.Младеновска

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*