Home / Вести / Ременски ја “отвори“ душата

Ременски ја “отвори“ душата

Професорката и пратеничка Фросина Ременски, на својот фејсбук објави статус насловен како “Кираџиски приказни”, а посветен на поранешниот директор на УБК, Горан Николовски.

-Како што најавив, од денес во следните неколку дена ќе објавам една вистинита приказна, со вистински актери – случај кој „не успеа“ да стане дел од парламентарен надзор, а беше исто толку надежен и аргументиран како и приказната за „пензионерот“ и неговите привилегии „по сила на Мијалков“, супер лудото „правно“ образложение како „тази дупка не е дупка“ и сл, пишува Ременски за вовед во приказната.

Таа појаснува дека како совесен граѓанин, професор и пратеник  и за овој случај ги информирала надлежните институции. Таа додава и дека до завршување на нејзиниот пратенички мандат, ќе ги објави сите случаи за кои дознала како член на Комисијата за надзор над работата на УБК и АР.

-Се почна вака: Додека „завршуваше“ парламентарниот надзор за статусот на Сиљан Аврамовски во периодот пред и по, „вистинското пензионирање“ и додека се загреваше „трката“ за директор на Агенцијата за национална безбедност (поранешна УБК), од анонимен доставувач/укажувач во Собранието до мене како член на Комисијата за надзор над работата на УБК и АР, во жолто плико А4 формат и дознака „За пратеничката Фросина Ременски“ добив неколку документи со образложение.

Од природата на документите и од консултации во врска со нив, а подоцна и од слична јавна објава на социјална мрежа Фејсбук, сметам дека и ДКСК има законска надлежност да постапува по вакви и слични сознанија кои упатуваат на сомнежи за можна корупција и судир на интереси на лице кое било избрано/именувано од Владата на РСМ за вршител на должност – Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање г-нот Горан Николовски викан Џони.

По извршени консултации во врска со документацијата и потврдата на нивната вистинитост, поучена од претходниот надзор во врска со друго високо позиционирано лице во УБК, одлучив до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) како надлежен орган да поднесам
Пријава за Горан Николовски – Џони, за сомневања за неисполнување на обврските од Законот за спречување на корупција и судир на интереси на избрано/именувано лице и сомневања за корупција и судир на интереси.

ДИГРЕСИЈА: Сакам да напоменам дека, во тој временски период (од дознавање, до пријава) во јавноста не беа познати јавно изнесените сознанија за улогата на Директорот на УБК Горан Николовски во случајот Рекет и не беа познати сведочењата на брачниот пар Орце и Ана Камчеви во врска со случајот Рекет.

Оваа напомена ја должам од причина што, логичните прашања што јавно ги поставив по сведочењата на Камчеви, ставени во контекст на оваа вистинита приказна за „кираџиските релации“ и нивното можно влијание во истрагите за Рекет, ја отвараат третата димензија на случајот и постапувањето на институциите.

Доставувачот на документацијата укажува дека: Директорот на УБК Горан Николовски живее во с.Бардовци под Општина Карпош на имот на кој според катастарска парцела и адреса, како сопственик се јавува извесен Антонио Апостолски, за кој подоцна е утврдено дека е познат адвокат од Скопје. Според информации од ДКСК, Горан Николовски во анкетниот лист посочената адреса ја посочил како „адреса на престојувалиште“, различна од адресата во лична карта. Во анкетниот лист познат на ДКСК не е наведен основот за престојувалиште на таа адреса и на тој имот, ниту пак имотот е пријавен во анкетен лист.

Од Уверението за историски преглед на извршените запишувања за катастарската парцела во КО Бардовци на која се наоѓа куќата се гледа дека, од целокупниот историјат кој започнува во 2003 година, од 13.03.2015 година врз основа на Договор за продажба ОДУ.бр 565/2014 од 12.11.2014 година од Нотар Снежана Видовска, катастарската парцела со непроменета површина била запишана во ИЛ 1174 на Апостолски Антонио со право на сопственост. Од Уверението за историјатот се наведува дека,
заклучно со 16.09.2019 година други промени во катастарската евиденција за катастарската парцела во КО Бардовци, односно имотот на посочената улица во с. Бардовци НЕМА ПРОМЕНИ.

Овој дел од „кираџиската приказна“ ќе го завршам тука, за да продолжам и со другите наводи кои беа доставени со документацијата, вели Ременски.

Таа посочува дека приказната отвора неколку прашања:

„Дали постои скриено сопствеништво на имот на кој живее високо позициониран носител на функција во безбедносна служба?“

Колку е нормално, Директот на УБК да живее на имот на адвокат на негов поранешен претпоставен (Сашо Мијалков) обвинет за повеќе кривични дела поврзани со делокругот на работа на УБК, чиишто директор до неодамна беше Горан Николовски?

„Колку оваа „кираџиска приказна“ влијаела „врз текот на операцијата Рекет“ и пријавите на брачниот пар Орце и Ана Камчеви до директорот на УБК?

На потег е ДКСК која повеќе од 7 месеци работи на случајот. ДКСК како надлежен орган, во соработка со други државни органи имаат обврска да извршат проверка на фактите и да утврдат дали постои сомневање за корупција и судир на интереси, преку скриено сопствеништво на имот како и аспектот на етичките норми при вршење на функцијата директор, напиша Ременски, и најави продолжение на приказната за утре.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*