Home / Колумни / Ревизија на несработеното

Ревизија на несработеното

Во последно време, по смената на власта се поактуелен станува зборот ревизија. Речиси да нема општина, јавни или државни претпријатија, агенции или институции, кои не се занимаваат со ревизија на сработеното на претходните власти или раководители.

Некои велат дека во Републичкиот завод за ревизија дури ред се чека од барањата на сите кои инсистираат на ревизија на сработеното  од претходните раководства во изминатите 12 години.

И тоа е сосема нормална работа при секоја смена на власта.

Но кај нас во изминатите години од македонската независност, никој, или  многу малку луѓе се занимаваат со ревизија на несработеното.

Преокупирани со ревизиите на сработеното, кај нас сите изминати години се провлекуваат нереализираните проекти на претходните раководства.

Додека новите власти се чудат со скапо платените изградени  проекти, никој во моментот не ја информира јавноста со тоа колку ја чинеле државата, а во таа смисла и  Битола,  платените, а нереализирани проекти.

Идејата за ревизија на нереализираните проекти ми се неметна  токму деновиве кога прелистувајќи ги веке пожолтените страници на Битолски весник, пред очи ми излезе текстот за прес конференцијата на сега веке екс градоначалникот на Битола,  Владимир Талески,за изградбата на топ 10 те проекти  со кои тој во 2010 година излезе пред битолската јавност.

И бидејки во изминатите  12 години бевме сведоци речиси секој ден како Талески ни нуди големи проекти, таа прес конференција не ме изненади многу. Но тоа што ми падна в очи е што токму на таа прес конференција, која Талески ја одржа не само пред новинарите, туку и пред битолските стопанственици и на која имаше видео презентација, Талески изјави дека сите 10 топ проекти се платени, а за некои од нив се направени дури  и измени во урбанистицките планови.

– Сега, за разлика од порано сме далеку поискусни. Во изминатите 4 години од мојот прв мандат научивме да “отвораме” многу нови врати и сметам дека  искуството што го стекнавме во изминатите години многу ќе ни помогне да се зафатиме со реалзирање на далеку покрупни проекти.

Сега сме подготвени за вистинскиот почеток. Имаме релации, разбирање, доверба… нагласи во 2010 година Талески.

Меѓу најкрупните проекти, кои Талески  ги нарече “ Топ 10 “ беа изградбата на две гаражи: подземната  под плоштадот “ Гоце Делчев “ и катната гаража зад хотелот “Македонија”.

-Со изградбата на овие две гаражи се планира Битола во централното градско подрачје да се здобие со паркинг простор  за околу 1.000 возила, со што навистина во голема мера ке се реши главниот  сообраќаен проблем со кој се соочува градот, а тој е немањето доволно  паркинг места за паркирање.

За овие два крупни инвестициони зафати проектите се веке завршени, а извршени се и измените на деталните урбанистички планови.

Вториот топ проект кој го најави  тогаш Талески беше создавање на можности  за инвестирање  во Касарната, каде на 98 хектари, според Деталниот урбанистички план беше планирана  изградба на цел еден нов град, во кој ке има многу  деловни објекти, трговски центри, згради, хотели , ресторани, градинки, станбен простор, елитна населба од хациенди,  парцела за изградба на 150 индивидуални  куки, спортски терени, изградба на “Аква парк”,  Пожарна, пошта, банки, детски градинки, основни училишта, универзитетски дел…

Еден од големите “Топ 10” проекти кој тогаш на пресот ги најави Талески беше изградбата на пазарот на големо, или “ Агро берзата”, кој според него требаше да  биде лоцирана зад Конзервната фабрика.

-Ние оваа “Агро берза” ја направивме по наши идеи.Таму  ќе има управна зграда,ладњачи, аукциска сала,   сала за селектирање на производите,за паковање, складирање, бензиска пумпа, мал хотел со  ресторан, отворени и покриени паркиралишта, поточно се што треба за една современа агроберза, која ке се протега на површина од 9,5 ха. истакна тогаш Талески.

Меѓу големите проекти од т.н. “ Топ 10”  беше   изработката на урбанистичкиот план во “Нижеполе”, кое опфакаше околу 32 хектари, а тоа е просторот кај бараките на “ Стрежево” за изградба на 8 хотели, потоа проектот  за  изградба на голф терените, кај Трново, Магарево и  месноста Братиндол, кои опфаќаат околу 120 хектари, филмските студија во Златниот рид, изградбата на спортскиот центар, затворениот базен, Аеродромот кај Логоварди, жичницата Ниже Поле-Орлови Бари,  хотелот кај Копанки, Градскиот стадион,црквата на заштитникот на Битола  “Св. Нектариј”, проектот Тумбе Кафе…

Сите овие, а и други,  изработени, платени, но нереализирани проекти и, те како скапо ја чинат и допрва  ке ја чинат Битола.

Тоа најдобро  сега го знае градоначалничката Наташа Петровска, која главата не знае каде и е од долговите кои и ги остави Талески и кои проекти сега таа (ке) мора да ги реализира и да ги плака.

И покрај тоа што градоначалничката Петровска заведе строго штедење и  кратење на многу непотребни трошоци, Битола уште долго време ке ги чувствува последиците од  мегаломанската  и непромислена (урбанситичка) политика на Талески, зашто Наташа не може толку многу да заштеди, колку што Талески (знаеше да) потроши.

Неодамна кога Петровска ја презеде функцијата слушнавме дека долговите кои ги оставил Талески се околу 13 милиони евра.

Но колку изнесуваат долговите за нацртаните, платени, но непочнати и нереализирани проекти, тоа во Битола јавноста не го знае.

Затоа се наметнува како потреба општината Битола да излезе пред граѓаните и да им соопшти колку Талески во својот 12 годишен мандат со своите  проектанти  замислиле, нацртале, изработиле и платиле проекти, кои ниту ги почнал, ниту пак помислил некогаш да ги почне.

Таквата ревизија на несработеното е нужно потребна како и за актуелната градоначалничка,Наташа Петровска, која најдиректо се соочува со последиците од таквите нереални планирања на претходната локална самоуправа и која сега мора да ги плака проектите кои Талески ги замислил, а никогаш не почнал да ги плака.

Ревизијата за нереализираните проекти е нужно потребна и  за во иднина никој  политичар, без разлика кој е,не би  се осмелил повеќе да замислува, црта и порачува  и плака со народни пари  проекти, без за истите  да има заокружена финансиска конструкција.

Само на тој начин ке  се стави крај во иднина  некој само да порачува и плака проекти кои не можат да се реализираат со години па и генерации.

Таквата школа досега мошне скапо ја плативме, а по се изгледа уште долго ќе ја плакаме сите ние.

Веќе е крајно време политичарите  сите свои проекти  да планираат да ги реализираат и платат  во својот мандате.

Доста ни е од такви политицки проектанти кои навикнале да почнуваат проекти, кој некој друг треба да им ги плака.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!