Home / Вести / Само за медиумите нема чаре

Само за медиумите нема чаре

Деновиве, кога Македонија се справува со пандемијата сите надлежни институции во државата и градот бараат начини не само да го заштитат здравјето на граѓаните, туку и како да се намалат штетите по бизнисот и економијата.

И додека на сите нивоа се бараат начини како да им се помогне на граѓаните, фирмите, превзниците, угостителите, занаетчиите, институциите, трговците… само за медиумите во Битола никој не размислува како да им се помогне.

Иако битолските медиуми и во време на пандемијата дали од дома или од терен и со десетковани екипи дење ноќе работаат, никој во градот не размислува како да им помогне.

Додека се бараат начини и средства на сите кои моментно не работата и седат дома во изолација да им се исплаќаат редовно платите, придонесите или даноците… никој во Битола не размислува со што да им се помогне на медиумите.

Само за медиумите и натаму важи небулозната одлука за забрана за рекламирање и соработка.

Навистина е фрустирачки медиумите на своите екрани, радио бранови или страници да ги објавуваат и печатат сите мерки и активностите на надлежните дали на државно или на локално ниво, како да им се помогне на граѓаните, фирмите, институциите, трговците… а само за нив да нема ниту препораки ниту било какви решенија за ублажување на последиците од кризата.

Иако постојано се нагласува значењето на медиумите, особено сега кога во државата е воведена вонредна состојба, сепак засега, во Битола никој не го боли увото како да им се помогне на медиумите.

Крајно е лицемерно или цинично секојдневно да се потенцира улогата на професионалните и веродостојни медиуми не само во борбата против пандемијата, туку и против лажните вести, кои на социјалните мрежи ги пласираат новопечените “новинари “ и “уредници“, а при тоа никој да не направи буквално ништо да се помогнат медиумите.

Едноставно медиумите во Битола се оставени да се снаоѓаат кој како знаат да преживеат без никој да ги праша во каква состојба работаат и како опстануваат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*