.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Колумни / Селективна (не)правда

Селективна (не)правда

Како што се приближува времето кога Собранието на Македонија треба да се изјасни со двотретинско мнозитво за уставните амандмани, со кои ќе се прифати Преспанскиот договор и истиот ќе се вгради во новиот, редефиниран Устав на Република Македонија, така се интезивираат и активностите на пратеничките групи за донесување на Законот за амнестија на учесниците во настаните од 27 април.

Иако судскиот процес  за  обвинетите во настанатите од 27 април, од кои најголемиот број се обвинети за најтешкото кривично дело, тероризам, за кое е предвидена   казна од доживотен затвор, сепак деновиве телото за помирување, кое треба да го концепира  Законот за амнестија работи буквално 24 часа  на ден, за да стигне пред  изрекувањето на пресудата на судот да донесе своја “пресуда”, со која во најголем дел ќе ги амнестира дел од учесниците во тие крвави настани, кои само благодарение на Севишниот и воздржаната (само)одбрана на нападнатите пратеници не доведе до најлошото, граѓанска војна.

Деновиве се изначитав и изнаслушав изјави на политичарите кои се обидуваат на овој или, оној  начин да ја (раз)убедат јавноста дека аменстијата за настантите од 27 април не само што е нужна, туку е и неопходно потребна, доколку Македонија сака да ги продолжи процесите за евроинтеграција.

Иако до пред само неколку месеци јавноста во Македонија беше убедувана дека амнестија за учесниците во крвавите настани од 27 април не може и не смее да има и дека секој еден, кој тој ден се обиде со насилното влегување во Собранието и буквалното претепување на некои од пратениците да изврши државен удар, ќе мора да ги сноси консеквенциите за своите  (не)промислени постапки.

И навистина  не само тогаш, туку и сега, кога ги слушаме снимките и гледаме сликите од 27 април, по којзнае кој пат се поставува прашањето за (не)одговорноста на сите тие кои тој ден  правдата  за наводно нелегитимниот  избор на претседател на Собранието, ја зедоа во свои раце.

Иако тогаш сите бевме уверувани дека настаните од 27 април ќе имаат судска завршница и дека секој еден, кој на овој или, онај начин учествувал во тие настани, ќе ја плати казната , која ќе ја одредат правосудните органи, сепак   како што стојат работите тоа нема да се случи.

За жал и овој пат, како и многу пати пред тоа, повторно кај нас наместо судот и судиите, пресудуваат политиката и политичарите.

Без да се сочека одлуката на судот  и со првостепена пресуда да им се одреди казната на виновниците и учесниците во настаните од 27 април, или пак тие кои не се виновни да се ослободат од тешкото обвинение кое им е ставено на терет, кај нас политичарите брзо- брзо изготвија закон со кој  ќе се изврши делумна амнестија на дел од обвинетите.

Иронијата да биде поголема таквата амнестија се предлага во интерес на високите државни интереси, за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ.

– Со амнестијата јасно ќе се разграничи што значи учество во насилство, кревање рака, организација и осмислување упад во Собранието. Казни ќе има, но ќе се стави дистинкција на тоа што значи судска, а што политичка одлука. Конечната цел е да донесе помирување, подавање рака меѓу Собранието, но со тенденција тоа да продолжи и на вертикално ниво, и кај навивачките групи, и во општините и кај подмладоците во партиите,истакна Заев, според кој Законот за амнестија ќе испрати порака на помали казни, и амнестија за сите што не учествувале во насилството и не биле организатори.

За самиот чин на амнестија  потпретсдателката   на Собранието и копретседавач на Интерпартиската парламентарна група за интеграција, помирување и реформи, Фросина Ташевска-Ременски  вели дека самиот чин на амнестија испраќа порака кон амнестираните и нивната одговорност кон поширокиот интерес на заедницата, а не кон индивидуалниот. Важно е да се спомене дека, заради интересот на пошироката заедница, во случајот  со настаните од 27 април не беа примарни субјективните чувства на жртвите од настаните – посочува  Ременски.

За ваквата селективна амнестија министерката за одбрана Радмила Шеќетринска вели:

-Бевме во ситуација да кажеме каде да ја поставиме таа линија? Јасно ни е дека кариери и политички интереси треба и мора да се жртвуваат  за интересите на државата, но едно рековме дека нема да го жртвуваме за долгорочните интереси, а тоа е правдата, изјави  Радмила Шекеринска.

За разлика од СДСМ кој се залага за делумна амнестија,  ВМРО ДПМНЕ се залага за целосна амнестија на сите учесници во немилите настани на 27 април.

И така додека кај нас повторно наместо судиите и судството пресудите ги носат политиката и политичарите, сосема е (не)извесно кој ќе биде крајниот епилог од настаните на 27 април и кој од учесниците ќе го извлече  (по)дебелиот крај.

Но тоа што посебно иритира и ја збунува  јавноста е што и оваа селективна амнестија наместо да донесе правда ќе донесе неправда.

Како инаку да се толкува фактот  што на списокот на сигурните кои ќе бидат амнестирани од настаните на 27 април се најдоа  речиси сите  екс пратеници на ВМРО ДПМНЕ,  кои имаат путер на главата и кои се обивинети з атежок криминал и кои беа едни од главните виновници што толпата незадоволници и “патриоти” влезе и буквално се шеташе во Парламентот, барајќи ги “предавниците” да ги убијат за предаваството што го направија со изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.

Како може да бидат амнестирани пратениците  кои ширум  ги отворија вратите на Собранието со што им овозможија на “бранителите “ на Уставот  без проблеми  да влезат внатре во Парламентот и  да се пресметаат со своите политички неистомисленици.

Со таквата (не)селективна амнестија можеби Кабинетот на Заев ќе обезбеди двотретинско мнозинство за усвојување на уставните амандмани, но Република Македонија ќе изгуби многу повеќе, бидејќи со тој чин уште еднаш ќе се потврди веќе воспоставената пракса дека кај нас пресудите за најтешките кривични дела наместо судот ги носат политичките партии и политичарите.

Во изминатите 27 години од македонската независност направени се неколку амнестии.Но за жал се покажа дека со таквите амнестии  не само што не се подобрија состојбите, туку се дерогира судството до крајна мера, за да дојдеме во ситуација нему повеќе никој да не му верува.

Од тие кои сега го подготвуваат  Законот за делумна амнестија и кој е очигледно конципиран да ги изземе од одговорност пратениците од наводната независна група на ВМРО ДПМНЕ,  дали  се прашале како во иднина на граѓаните ќе им зборуваат за независно судство, за тоа дека сите пред законот се еднакви, дека Македонија мора да биде правна држава во која наместо политичарите ќе судат и пресудуваат судиите, дека никој нема право заради свои партиски, политички, или лични убедувања да ја зема судбината во свои раце, дека Македонија ќе биде земја во која ќе се почитуваат законите, без разлика за кој се работи…

Македонија по сите досегашни амнестии не смее повеќе да си дозволи пазарење  со (не)правдата. Еднаш за секогаш на сите треба да им биде јасно дека секој еден, без разлика  на која функција се ноаѓа е одговорен за своите постапки и дека за истите мора да одговара, без разлика на тоа дали бил пратеник, министер, премиер, или обичен граѓанин.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*