Home / Uncategorized / Со пари од ЕУ ќе се гради пруга за Бугарија

Со пари од ЕУ ќе се гради пруга за Бугарија

Македонија доби грант од 70 милиони евра на Самитот во Трст од Европската унија за изградба на пругата кон Бугарија. Целата сума за земјите од Западен Балкан за инфраструктурен развој изнесуваше 194 милиони евра, а 40 проценти од овој износ и припаднаа на Македонија.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, рече дека овие неповратни средства ќе се употребат за изградба на вториот дел од железницата од Бељаковце до Крива Паланка, која ќе ја поврзува Македонија со Бугарија.

Инаку, на самитот во Трст беше потпишан договор за заеднички транспорт. Како што беше потенцирано, Коридорот 8 е од голема важност за Македонија, но и за сите земји од регионот и Европската унија, бидејќи преку него ќе бидат поврзани практично излезите на Јадранското Море преку Албанија и излезот на Црно Море преку Бугарија.  Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски рече дека овој договор ќе го поврзе Западен Балкан со Западна Европа.

На Самитот во Трст, Македонија постигнала договор и за енергетика и со Европската Унија, каде Анѓушев доби зелено светло од директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Јанез Копач, за враќање на евтината тарифа на струјата. Граѓаните ќе имаат можност да ја користат евтината тарифа по два часа на ден, а во сабота и недела саатите на струја ќе мерат само со евтина тарифа, најави вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Што се однесува до тендерот за гасификација на Македонија, Анѓушев вели дека тој е поништен бидејќи се пријавила само една компанија. Тендерот ќе биде преработен и повторно објавен, со цел да се избегне можноста за сомнеж за корупција и конкурентност на понудената цена.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*