Home / Колумни / Соочување со реалноста

Соочување со реалноста

                            

                   Предвремените парламентарни избори беа и поминаа.

           Победник на штотуку завршените избори е  партијата на СДСМ и Коалицијата “ Можеме“

                   Можеби звучи чудно, но за жал реалноста е таа.

          Сега, кога изборите завршија не се знае кому му е потешко,на победникот, СДСМ или на поразениот ВМРО ДПМНЕ.

          Победникот на изборите веќе од  утре го очекуваат мошне тешки денови и години, не само за исполнување на ветувањата кои им ги даде на граѓаните, туку и за справување со огромните проблеми, како со ковид 19, така и со пандемијата од  која веќе неколку месеци  страда македонската економија.

          Во наредниот период Македонија ја очекува  исклучително тежок период. И тоа не само во еден, или два- три сектори, туку во многу области.

          А најтешкиот проблем со кој ќе мора да се соочи власта е како да го зачува здравјето и да ги спаси животите  на граѓаните од смртоносната болест ковид 19.

          Иако и во текот на (пред)изборната кампања Македонија се соочуваше со огромни загуби од пандемијата со корона вирусот, сепак искуството од соседството покажа дека заразата буквално експлодира по изборите.

          Не треба да биде човек на наивен па да не знае дека сега, кога изборите завршија власта ќе мора да се соочи со нов бран  ширење на пандемијата.

          Иако сите политички партии и лидери тврдеа дека (пред)изборните активности ги правеа според сите здравствени протоколи, сепак сведоци бевме дека тие во најголем дел не се придржуваа на препораките и не ги почитуваа протоколите и дека политичките партии, во настојувањето што повеќе да им ги доближат своите (пред)изборни програми  на своите поддржувачи, премногу  се “доближија” до граѓаните и  најверојатно притоа многумина се инфицираа  од ковид 19,  без да знаат,  или  да бидат свесни за тоа.

          Оттаму првата работа  на која ќе мора да се фокусира новата влада во наредниот период, се справувањето со  чумата на 21 век, која не само што скапо ја чини Македонија по бројот на изгубени над 380 животи, туку и по закрепнувањето на економијата, која буквално 4 месеци е на респиратори.

          Иако цело време  јавноста беше убедувана дека Македонија е една од ретките земји во опкружувањето, или поширко, која добро и се спротистави  на пандемијата, сепак верувам дека на сите им е јасно дека досега изгубивме премногу животи од оваа болест и дека доколку во наредниот период не се  преземат соодветни мерки, нивниот број може да биде далеку поголем.

          Пандемијата не му нанесе само огромни жртви на граѓаните, таа  во голема мера го “инфицира “ и македонското стопанство, кое е во комотозна состојба и кое со исклучок на одредени сектори и области се одржува  исклучиво благодарение на финансиските инфузии што ги добива од  кредитите и позајмиците кои ги подигна државата.

          И на врапчињата им е јасно дека на Македонија ќе му треба многу време да го “излекува “ стопанството од последиците на ковид 19.

          Во многу сектори  и покрај помошта од државата многу сопственици ги затворија своите бизниси. Добар дел од некои сектори тоа велат ќе го направат наскоро, доколку не им помогне државата.

          Не е мал бројот и на стопанствениците кои по појавата на пандемијата во февруари, буквално едвај опстојуваат и работаат или со загуби, или на границата на рентабилноста.

          Тоа што е уште позагрижувачко е што  во овој момент не се гледа крајот на пандемијата, не само кај нас, туку и во Европа и светот и  што во моментот нема ни епидемиолог, или вирусолог,  кој би  се осмелил  да предвиди до кога ќе трае пандемијата и кога таа ќе  исчезне.

          Предвидувањата на здравствените работници се песимистички и сите тврдат дека короната, која го покори светот и истиот го клекна на колена не мисли за скоро време да се повлече.

          Напротив  кога се мислеше дека со доаѓањето на потоплите денови ќе си замине од овие простори, се “врати “ со уште поголема вирулентност.

          Затоа не треба да се биде било каков експерт па да се заклучи дека власта во наредниот период ја чекаат исклучителни тешки денови и години.

           Пандемијата го смени не само начинот на однесување на луѓето, туку и начинот на живот.

          Колку и да се прават многумина храбри и бестрашни, сепак најголемиот дел од луѓето, како кај нас,  така и во светот, најмногу и најчесто  сега размислуваат како да преживеат и да се спасат од пандемијата. Во таква атмосфера малкумина деновиве  размислуваат за своите бизниси, компании, работни обврски, инвестиции или проширувања на дејностите. Се е некако ставено на стенд бај.

          Се добива впечаток како да се наоѓаме во филмот “ Лет во место”.

          Затоа во наредниот период,во справувањето со последиците од пандемијата мора покрај власта, која мора што побрзо да биде избрана да се  вклучи и опозицијата. Народот го кажа своето. Тој го направи изборот. И сега кога тој ја донесе одлуката нема повеќе ни простор, ни време за надмудрувања и препукувања. Сега на сите, наместо смо на партиските штабови треба во преден план да ни бидат здравјето на луѓето и интерсите на државата.

           Во таа битка значаен придонес треба да дадат и граѓаните со своето примерно однесување. Доста ни беа импровизации и надмудрувања. Време е да се почитуваат препораките и мерките на здравствените работници. А тие мерки барем во овој момент се исти за цел свет: Носење маски, почитување дистанца и одржување хигиена.

          Тие не се ни тешки, ни скапи ни неподносливи. Но во вој момент  се  најкорисни.

Затоа време е конечно да се свртиме кон себеси и да се заштитиме самите,а со тоа и другите.

Овој пат грешките немаат цена. Тие се плаќаат со човечки животи.

Колумната можете да  ја прочитате во печетното издание на Битолски кој поради изборите од печат излегува утре, 17 јули   

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!