Home / Uncategorized / Состојбата во Новаци моментно стабилна

Состојбата во Новаци моментно стабилна

Семејството на Станко Мицевски од Новаци чија куќа е целосно поплавена од вчера се привремено сместени во студентскиот дом во Битола.Нивниот престој го организира и обезбеди општина Новаци.

 

Вредните ствари од куќата сеуште се наоѓаат во салата на општината се додека не се создадат услови за враќање во куќата.
-Немаме куќа, покуќнина, ни остана само душата, вели Мицевски.Направено е се што можеше да се направи.
Новаци иако е обиколено со вода, жителите немаат технички исправна вода за пиење. Хуманите луѓе веќе започнаа да донираат вода за пиење, средства за дезинфекција,лична хигиена и слично.

-Водата не е за ништо, мириса, вели Славчо Марковски.

Жителите, работниците од комуналното претпријатие,локалната самоуправа цела ноќ се на терен и помагаат при испумпувањето на водата од поплавените куќи.
-По вчерашната посета на министерот Јанакиевски дваесеттина пумпи се доставени од ЦУК и 4 од пожарна Битола, а на помош се одѕва и градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски кој испрати 2 пумпи со поголем капацитет со 9 член екипаж од пожарната кои се сместени тука и веќе работат на терен на испумпување на водата- рече градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски.

 
На местото каде што е пресечен регионалниот пат Новаци – РЕК сеуште стои железниот пешачки мост, но се прават напори да се направи поголем мост кој ќе овозможи проток на возила.

 
Денешната состојба се оценува како стабилна, нивото на река Црна изнесува 4 метри, но интензивно се работи на утврдување на насипите кои се веќе изградени, пристигнаа 30 војници од АРМ кои полнат вреќи со песок и ги поставуваат на насипите на почетокот на селото со цел да се заштитат куќите и имотот на населението доколку дојде до влошување на ситуацијата заради најавените обилни врнежи од дожд, вели Котевски.

 
Општина Новаци денеска набави 50 пара гумени чизми и 50 кабаници кои им се поделени на населението и лицата кои интервенираат на насипите.

 

За денеска во 12 часот е свикана итна седница на Советот на општина Новаци за да се определат понатамошните начини на делување на локалната самоуправа во овие случаи на елементарна непогода. Започната е и постапка за отворање на посебна финансиска сметка за донации.

 

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*