Home / Вести / Средба на премиерот Заев со јапонскиот амбасадор

Средба на премиерот Заев со јапонскиот амбасадор

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Хиронори Савада, новоименуваниот амбасадор на Јапонија во нашата држава.

На состанокот се изразени честитки за успешното лидерство на премиерот Заев во справувањето на Владата со здравствената ситуација во земјава, како и успешните чекори со коишто нашата држава стана членка на НАТО и придонесува кон отворањето на перспективите кон ЕУ.
Соопштено е дека Јапонија ги поддржува евроинтеграциите на Северна Македонија. 
Премиерот Заев се заблагодари на амбасадорот Савада за помошта од Јапонија во медицинска опрема и лекови за нашата држава, како и поддршката на економски и политички план.
Заеднички е констатирано дека има позитивен развој на билатералните односи помеѓу двете држави, за што се констатирани и можности за натамошно унапредување.
На средбата се најавени заложби за поголем број инвестиции од јапонски компании во земјава. Изразена е определба од Јапонија и за силна поддршка во делот на економијата и социјалата.

„Работиме на развивање на економијата и создавање на услови за нејзин раст и развој по смирувањето на пандемијата, а во меѓувреме сме посветени да ги поддржиме работниците и стопанството. Посветени сме и на напредокот во евроинтеграциите. Многу ни значат искрените пријателства како ова со Јапонија и наша определба исто така е да ја развиваме меѓусебната соработката во сите области“, рече премиерот Заев.

На состанокот е разговарано за унапредување на соработката и во инфраструктурата, енергијата, транспортот, дигиталниот сектор помеѓу Република Северна Македонија и Јапонија, којашто во рамките на стратешкото партнерство со ЕУ, соработува на овој план со Унијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*