Home / Вести / Станари од социјална зграда во Битола две години се „заробени“ во своите станови поради дефект на лифтот

Станари од социјална зграда во Битола две години се „заробени“ во своите станови поради дефект на лифтот

Слободен печат:

Васка М.Младеновска

Фото: Слободен печат

Станарите од социјалната зграда на улицата „Смилевски Конгрес“ број 25 во Битола поради расипаниот лифт, веќе цели две години живеат „заробени“ во своите станови.

Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber

Според нивните зборови тие две години се соочуваат со тешкотии во нормалното живеење и функционирање, бидејќи повеќе од две години лифтот во нивната зграда не работи, а нема кој да го поправи.

Иако тие уште на 31 август 2021 година преку соопштение на влезот од зградата беа известени дека лифтот ќе биде времено исклучен од употреба од страна на одржувачот на лифтот „Елеватор сервис ДООЕЛ“ поради констатирани оштетувања на редукторот и дека поради тоа не е безбеден за користење, сепак тој сè уште не е поправен, па станарите се принудени пешки по скалите да се качуваат до своите домови.

И додека најголемиот дел од станарите со судни маки и на разни начини некако успеваат да се качуваат до своите станови, девојчето кое боледува од церебрална парализа кое со својата мајка живее на 5 кат веќе две години нема излезено од својот дом.

-Големи маки имаме. Ќерка ми повеќе од две години нема излезено надвор од станот. Порано редовно ја носевме надвор на чист воздух и на прошетка. Како сега да и објаснам дека поради тоа што не работи лифтот не можам повеќе да ја изведам на прошетка. Од нервоза си ги изеде непцата, па сега ја болат, а јас не можам да ја однесам на стоматолог. Секој ден јас алармирав до Сизот за домување во Битола да го поправат лифтот, од таму ми беше кажано дека се чека тендер и дека наскоро ќе се направи лифтот. Лага до лага, раскажува со солзи во очите Калина Димитриевска, мајка на девојчето со церебрална парализа.

Фото: Слободен печат

И нејзината сосетка Вера Мискарова која има сериозни здравствени проблеми, вели дека опасно е по нејзиното нарушено здравје да се качува и слегува по скали.

-Имам тумор во желудникот и срцево заболување. Никако не смеам да се качувам по скали според мојата дијагноза. Лекарот ми советува дека морам да излегувам на воздух. Но, како, да летнам од горе од 6 кат? вели резигнирано Вера Мискарова, претседател на Куќниот совет на социјалната зграда во Битола.

Станарите на оваа социјална зграда во неколку наврати барале од Сизот за домување да го поправи лифтот, но сите молби не вродиле со плод.

Дури од страна на некои раководни лица од Сизот им се заканиле дека ако се жалат за лифтот тие ќе сносат консеквенции.

Во таква ситуација тие со претставки се обратиле до Народниот правобранител во Битола. Во последната претставка им било сугерирано дека тие како надлежен орган ги исцрпиле сите можности и дека од Сизот за домување со станбен и деловен простор немаат слух за нивниот проблем. Им било предложено да го тужат Сизот кој стопанисува со најголемиот број станови, кои се државни.

Во врска со проблемот на станарите од социјалната зграда на улицата „Смилевски Конгрес“ број 25 во Битола се обративме до АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од каде ни одговорија:

-Веднаш по утврдување на техничка неисправност на лифтот во социјалната зграда на улица „Смилевски конгрес“, надлежните служби на АДИССД преку овластен сервисер започнаа постапка за надминување на ситуацијата. По извршените проверки утврден е проблем со моторот, чија репарација и покрај вложените напори не беше изводлива. По исцрпување на сите обиди, Друштвото донесе одлука за набавка на нови, компатибилни делови во насока на сеопфатна поправка. Во оваа насока, преземени се соодветни активности во однос на објавување на тендер за набавка на услуга за техничко одржување и сервисирање на лифтови и лифтовски постројки, откако претходно беше распишана тендерска постапка за прв технички преглед и периодични технички прегледи. Нашето Друштво има целосно разбирање за проблемите со коишто се соочуваат лицата-корисници на овие станови, поради што максимално го забрзува целиот процес, секако во рамки на законските можности, па оттука, веднаш по реализација на постапките,во најкус можен рок, ќе пристапиме кон поправка и ставање на лифтот во употреба-велат од АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката-Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*