Home / Uncategorized / Свлечиштето им го зеде сонот на битолчани

Свлечиштето им го зеде сонот на битолчани

Иако се добива впечаток дека надлежните институции бавно реагираат за решавањето на овој проблем, сепак, стручните екипи мошне брзо направија стручен увид на самото свлечиште и веќе ја подготвија стручната анализа за типот и за карактерот на свлечиштето.

svleciste-2[1]

Од денот кога кон крајот на минатиот месец, како резултат на обилните поројни дождови што го зафатија битолскиот крај, кај обиколницата на регионалниот пат Битола – Ресен на патот паднаа илјадници кубици земја и камења, жителите што живеат на тој дел од градот го изгубија сонот. Тие едноставно спијат на едно око, очекувајќи секој момент свлечиштето да се спушти на патот и да ги загрози нивните трошни куќи, кои и така едвај се држат. Тоа што особено ги загрижува жителите што живеат во близината на обиколницата е што, иако изминаа веќе дваесетина дена, свлечиштето сѐ уште не мирува и претставува сериозна опасност за нив, а голем број несовесни возачи, и покрај предупредувањето на сообраќајната полиција и поставените сообраќајни знаци, возат на тој дел од патот, притоа доведувајќи ги во опасност не само своите животи, туку и животите на луѓето што се движат на тој дел од патот.

 
Иако вработените на „Македонија пат“-подружница Битола се обидуваат во границите на своите можности до некаде да ги отстрануваат камењата и земјата што се спушта од ридот, сепак овој дел од патот сѐ уште е забранет за сообраќај, бидејќи активното свлечиште во секој момент може да се спушти на коловозот. Дека движењето на овој дел од патот е опасно се уверивме и ние. Додека го водевме разговорот со луѓето од „Македонија пат“, а нашиот фоторепортер правеше фотографии од свлечиштето, почнаа да паѓаат големи количества земја и камења.

 
И додека надлежните и стручните екипи размислуваат како да го решат овој проблем, сообраќајот на овој дел од патот, кој води од Прилеп за Ресен и за Охрид, се одвива преку улиците на Битола. Дополнителен проблем за одвивањето на сообраќајот е што токму во овој период во Битола, кај месноста Довлеџик, се изведуваат градежни работи за проширување и за асфалтирање на улицата што води до излезот кон патот до Охрид.

 

Тоа што посебно ги загрижува битолчани е што, според неофицијални информации, санацијата на патот може да се одолжува неколку месеци и да трае буквално цело лето, кога овој дел од патот е доста фреквентен и голем број патници патуваат од Прилеп за Охрид. Доколку се случи тоа, сигурно свлечиштето многумина туристи ќе одврати за Охрид да патуваат преку овој патен правец.

 

– Проблемот е доста сериозен и бара што побрзо решавање. Ние како подружница на „Македонија пат“, кои сме надлежни исклучиво за одржување на државните патишта, немаме никакви ингеренции на своја рака да преземеме мерки и активности за санација на овој дел од патот – вели директорот на подружницата на „Македонија пат“, Веселинчо Спасевски, кој, и покрај ограничените можности со механизацијата што му е на располагање, прави сѐ да го (ис)чисти патот од одроните што се јавуваат на свлечиштето.

 

Во очекување на стручните екипи да ги кажат причините за појавата на свлечиштето, сепак, според многумина, тоа се појави не само како резултат на поројните дождови што ја зафатија Битола туку и како последица на големите пожари од пред неколку години, кога пожарите буквално го пеплосаа тој дел на градот и сега ридот е целиот соголен, без дрвја. Битолчани се нервозни поради овој проблем, кој им го отежнува животот не само на жителите од тој дел на градот, туку и поради пренасочувањето на сообраќајот низ самиот центар, каде што сега се движат тешки товарни возила.
Тие, повикувајќи се на искуството со свлечиштето на Пелистер, кое чекаа да се санира дури три години, се плашат и сега да не се повтори приказната и да мораат да чекаат санирањето на овој проблем да се одложува во недоглед.

 

Иако се добива впечаток дека надлежните институции бавно реагираат за решавањето на овој проблем, сепак, според информациите што ги добивме, стручните екипи на јавното претпријатие за државни патишта „Македонија пат“, професори од Градежниот факултет Скопје, како и надзорниот орган за одржување државни патишта „Геинг“ од Скопје, мошне брзо направија стручен увид на самото свлечиште и веќе ја подготвија стручната анализа за типот и за карактерот на свлечиштето.
Според извештајот на Градежниот факултет, се работи за активно свлечиште, кое не претставува опасност за жителите на Битола, но поради типичната зрнеста структура на самиот рид, пукнатината што е јавена, како и водите што течат низ косините, сериозно го загрозуваат безбедното одвивање на сообраќајот на тој дел од патот. Науката во својот извештај, меѓу другото, истакна дека за целосно санирање на свлечиштето е потребно изработка на проект со техничко решение, базирани на геотехнички подлоги.

Токму затоа стручните екипи од Градежниот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ предложија неколку мерки како привремено решение, кои би ги ублажиле последиците од свлечиштето, но кои наедно би овозможиле безбедно одвивање на сообраќајот на овој дел од патот до неговото конечно санирање.

 

Како привремено решение од страна на стручните лица се предлага постојано чистење на земјата што паѓа на коловозот, потоа зафаќање на атмосферските води со отворање канал над појавената пукнатина, изградба на бариера од камен што би ги задржувала наносите од земја или камења што би паѓале од ридот, а подоцна багерите на „Македонија пат“ би ги чистеле. За да може безбедно да се користи овој пат за одвивање на сообраќајот до конечното санирање на свлечиштето, се предлага и изградба на девијација на овој потег од патот кон постојното плато, преку кој непречено би се одвивал сообраќајот.

 

Б.В.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*