Home / Интервјуа / Тимоние: Договорот од Перспа некои Грци го доживуваат како лична трагедија

Тимоние: Договорот од Перспа некои Грци го доживуваат како лична трагедија

Во неделата , на 11 номеври, со низа манифестации  Република Франција го одбележа големиот празник 100 години од завршувањето на Првата светска војна.

          Тој ден на Француските, Српските и Германските гробишта во Битола беше одбележан и денот на помирување на државите кои  некогаш војуваа меѓу себе.

          По тој повод, а и во врска со актуелните настани од 27 април во Собранието на Република  Македонија, Преспанскиот договор, уставните измени , притисоците на кои е подложна  Република Македонија од Западот за смена на уставното за Нова Македонија  амбасадорот на Франција во Република Македонија, неговата екселенција Кристијан Тимоние даде интервју за главната уредничка на Битолски весник, Васка М.Младеновска

 Битолски весник: Ваша екселенцијо. На 11 ноември се навршија  точно 100 години од крајот на Првата светска војна. Како Франција го одбележи овој голем празник?

Кристијан Тимоние: Низ спомените на семејствата, затоа што целиот француски народ беше длабоко погоден од овој ужасен конфликт што ги преполови нашите семејства и го опустоши северниот и источниот дел на земјата. Низ спомените за сплотеноста против непријателот и натчовечкиот отпор, како тој во Верден. Низ сеќавањата за војниците од сојузници, кои ја споделија нашата победа и му го отворија патот на народот кон еднаквоста и слободата. Ги чуваме спомените за сојузниците од целиот свет кои дојдоа на нашите боишта. На Парискиот мировен форум беа поканети шеесетина шефови на држави и влади, како и претставници на граѓанското општество од целиот свет кои ке ја искажат својата верба во свет на мир и соработка. Во време кога сме соочени со враќањето насебичноста, популизмот и национализмот дури до срцето на Европа, ова ќе биде можност да ја искажеме нашата волја за одбрана на мултилатерализмот и нашата верба во мирот и развојот, подготвени да одговориме на новите глобални предизвици. Македонија беше претставена од претседателот на државата Ѓорге  Иванов, кој беше  поканет да се обрати во оваа прилика како претставник на пријателски и сојузнички народ. Не забораваме дека Битола, како и Верден била одликувана со Воен Крст со палма, значајно одликување за градот чиешто население претрпело големи страдања.

Б.В: Кажете ни поконкретно кои се активности и манифестации  беа  организирани тој ден во Битола и Република Македонија?

 К.Т: Оваа годишнина ја одбележавме во Скопје во саботата, на 10 ноември, кога на  Француските воени гробишта со пригодна церемонија на која беше  прочитана  пораката на претседателот Макрон упатена до нацијата, како и имињата на војници кои оваа година загинаа за Франција, додека нашата земја продолжува да се бори за своите вредности, денес против тероризмот и фанатизмот. По завршувањето на церемонијата,  се потпишавме  во книгата за гости во неодамна отворената Спомен-кука и музеј. Во неделата, на 11 ноември во Битола  учествував најнапред на српската церемонија на којашто бев  поканет, а потоа и на двојната заедничка франко-германска церемонија на двете воени гробишта во Битола, во присуство на дипломатскиот кор и највисоките претставници на земјата, како и градоначалниците од регионот. Група млади дојдени од Франција, како и средношколците од Битола  оддадоа посебна почит и беше  откриена спонем-плоча посветена на мирот, извајана од ученици од Кутанс, во Нормандија.

Со поддршка на општина Епинал,  го проширивме чествувањето преку превод на француски јазик и испракање во Франција на изложбата посветена на Македонскиот фронт, а реализирана од македонското Здружение на професори по историја. Во неа   детално се  опишани фазите на војната и животот на цивилното население и на војниците, што ќе овозможи да ја приближиме до француската јавност оваа заедничка европска историја, која тамошната јавност се уште малку ја познава.

Така, подобро ќе се разбере што ни носи заедништвото и надеж што ја споделуваме во Европа на мирот.

Б.В: Тој ден одржавте  заедничко чествување со Германија, како ден на помирувањето. Како успеавте двете земји, кои некогаш се гледаа преку нишанот да се помирите и да заборавите на непријателствата и страдањата?

           К.Т: Мојот германски колега, кој не е франкофон,  се потруди да го одржи својот говор на француски јазик на нашите гробишта, за што навистина ни е мило. Јас пак  зборував на германски јазик на Германските воени гробишта, исполнет со емоции, размислувајќи за одредени моменти од нашето семејно минато. Не го забораваме минатото чии што поуки ни овозможуваат да изградиме подобра иднина.

Двата народи се различни и нивниот однос кон светот не е ист, но тие се свесни за нивната одговорност во служба на еден подобар свет и знаат дека дури и моќни и богати (двете земји го надминуваат придонесот во НАТО што го даваат САД), тие не само што се потребно една на друга, туку имаат потреба и од други земји. Тие го негуваат проектот што го создадоа двајца големи луѓе, Аденауер и Де Гол, кои поминале низ Првата светска војна,а потоа и низ премрежињата на Втората светска војна, кога сфатиле дека можат да помогнат во создавањето на еден нов свет, каде што Европа ке стане дел од историјата, а не место на внатрешни или надворешни ривалства. Предизвикот останува ист и во денешни услови на спроти САД, Русија и Кина.

Б.В: .Ваша екселенцијо. Во последно време помирувањето  како  чин е присутно и на македонската политичка сцена. Таквата можност ја најави лидерот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев. Дали Вие лично верувате дека во Македонија е можно да дојде до помирување на политичарите?

К.Т: Слогата меѓу граѓаните е минимален услов за напредок кон Европа. Помирувањето со своите соседи, пронаоѓањето на патот за искрена соработка меѓу заедниците, да се врати братството меѓу граѓаните и да се стави крај на скриената граѓанска војна помеѓу “приврзаниците” и “предавниците” е оној неопходен патоказ. Значи, треба да се престане со говорот на омраза: не, противникот не е во принцип “анти-западно” настроен, бидејќи е поврзан со одреден број на вредности кои одговараат на неговиот идентитет.

Не, не сака да го “продаде името”, тој што смета дека дури и болните компромиси се неопходни за да се обезбеди влез на земјата во алијанса или Унијата! Исто така, важно е политичарите да се откажат од говорот на омраза или исклучувања и да бидат за пример. Но, тоа е став кој треба да се промени.

Б.В: Можноста за помирување е во врска со настаните од 27 април, за кои како што изјавивте во едно интервју за Нова Македонија и лично ги доживеавте, бидејќи се најдовте пред парламентот. Дали во Македонија може да дојде до помирување по тие крвави настани кои можеа да доведат  до меѓуетнички судир?

 К.Т: Овие настани имале многу различни нивоа на одговорност и треба да се направи точна проценка, што може да потрае одредено време. Не можеме да ги ставиме на истото ниво, со добра причина, демонстрантите кои влегле во парламентот, со откриени лица и без насилнички намери, за разлика од маскираните и насилни луѓе,хулигани или дури и можни убијци. Не можеме да ги мешаме познатите личности кои имале барем храброст кога ги правеле своите постапки, кои ја презеле врз себе неоспорната одговорност, и заговорниците, кои можеа да ја воведат земјата во граѓанска војна, или кон сериозни внатрешни нарушувања. Ние не можеме сите да ги етикетираме како “терористи”. Оттука, кога се работи за доброто на земјата, тоа е она што ќе помогне во донесувањето на одлуките, да се пронајде онаа тешка рамнотежа меѓу човечкото разбирање и неопходното одржување на минималните стандарди без кои владеењето на правото е невозможно да се изгради. Не смееме да заборавиме дека одредени договори може да бидат извор за големи забуни кај луѓето во свет каде што реперите и вредностите стануваат неразбирливи. Неприфатливо еодредени лица, кои можеби биле организатори на тие насилства, да избегнат казна за своите дела, дури и за возврат на точно определени услуги.

Б.В: Со изгласувањето на 80-те пратеници за отпочнувањето постапката за уставни измени, практично на повидок е прифакање на Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција. Дали вие лично верувате дека со неговото изгласување во Собранието  и прифакањето на уставните амандмани, Македонија ќе стане членка на НАТО и ке ги почне преговорите за ЕУ?

    К.Т: Оваа ратификација е неопходен елемент за отворање на патот кон интеграциите. Тој кон НАТО е најмалку тежок, кога ќе нема пречки од која било држава-членка. Франција, од своја страна, без двоумење ја поддржува кандидатурата на Скопје,како што изјави претседателот Макрон при средбата со премиерот Заев. Патот кон Европа бара нов напредок во областа на реформите, кои зависат од вас самите, а исто така, ќе биде потребно и од европска страна сите земји-членки да бидат подготвени да прифатат ново проширување. И ние имаме многу реформска работа што ни претстои за да ги примиме новите членки, сооглед на очигледните недостатоци на сегашната Унија. Но тоа не треба да нѐ спречи да работиме заедно, врз конкретни елементи за да бидеме подготвени, кога ке дојде времето за интеграција.

Б.В: Мислите дека Договорот од Преспа ќе биде изгласан во Грчкиот парламент?

 К.Т: Во секој случај, тоа е она што го предвидува Договорот и она што го бараме, бидејки овој договор е добар за целиот регион и за Европа. Ова го кажуваме во Атина, како и во Скопје.

Б.В:   Како Вие го оценувате Договорот за решавање на спорот со Грција за името?

К.Т: Потребна беше храброст за да се потпише и се уште ќе треба да постои добра волја за помирувањето да биде успешно. Духот на меѓусебното разбирање ќе биде мошне значаен, како и желбата двете земји да испишат нова страница во историјата на овој регион во светот, сто години по завршувањето на Првата светска војна.

Б.В:. Дали не сметате дека Македонија е можеби единствена земја во  Европа која се најде пред исполнување на таков услов да мора да го смени името за да стане членка на НАТО и ЕУ?

К.Т: Македонија останува Македонија со географско име. Тоа ќе биде крај на едно долготрајно недоразбирање, кое постоело дури и пред создавањето на НАТО и на Европската унија. Отстапките ги чинат двете страни, како што можам да разберам од некои грчки пријатели, за кои отстапката во врска со името на Македонија на северниот сосед, го доживуваат  како лична трагедија. Имам други пријатели кои плачеа овде кога се гласаше за уставните амандмани. Неопходно е да се почитуваат националните чувства, тоа е неоспорно. Тие носат жалење и огорченост, но дали треба по таа цена да се остане заробен во ситуација кога можеби имате право, но останувате во корсокак?

Б.В; Дали мислите дека Македонија се наоѓа во неблагодарна ситуација да ги трпи притисоците од Западот и Истокот?

 К.Т: Најдобар начин да се излезе од притисоците е да се биде во позиција на учесник, на полноправна членка на сојуз, или заедница подготвени да ве примат. Во денешниот свет, оној што ќе остане сам и изолиран ќе се најде загрозен од интересите или амбициите на другите.

 Б.В: Како го коментирате однесувањето на опозицијата во Македонија кога станува збор за (не)прифакањето на Договорот од Преспа.

К.Т: Партиите ги претставуваат историските сили и мислења и нема потреба да се цени негативно каква било позиција што одговара на одредени длабоки чувства. Ги почитуваме оние кои слободно гласаа против, дури и оние кои избраа да останат воздржани. Тоа е нивниот избор, макар што ние јасно кажавме што ни се чинеше дека најдобро одговара на интересот на земјата во поглед на нејзината европска перспектива.

По еден изминат тежок и мачен пат, да погледнеме веќе кон иднината. Времето на Европа може да се отвори за оваа земја: на патот кон неа, ќе треба да се мобилизираат сите таленти и сета добра волја. Доколку конечната ратификација биде послободна и пошироко изразена, тоа би било знак на зрелост и позитивен одговор на овој историски предизвик.

 

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*