Home / Вести / Утре ќе се празнува Илинден: Џафери во Скопје, Заев во Пелинце, Пендаровски во Крушево

Утре ќе се празнува Илинден: Џафери во Скопје, Заев во Пелинце, Пендаровски во Крушево

Граѓаните на Република Северна Македонија утре ќе го празнуваат 2 Август – Денот на Републиката. Ден со кој на Илинден во 1903 година – со Илинденското востание и Крушевската република, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година со АСНОМ – Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија, беа поставени столбовите на Републиката и на државноста.

Како што соопштија од владината прес-служба, годинешното одбележување на најголемиот државен празник се совпаѓа со значајните годишнини: 30 години од независноста и 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Одбележувањето на празникот ќе започне со настаните во Скопје, во организација на Собранието на Република Северна Македонија со почеток во 09:00 часот.

Собраниската делегација, која ќе ја предводи претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери ќе положи цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев. Програмата во Скопје потоа продолжува со обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери и со празнична културно-уметничка програма.

Владината делегација во Скопје ја предводи министерот за здравство Венко Филипче, заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.

Државната празнична програма продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија-АСНОМ со почеток во 09:45 часот. Делегацијата ќе ја предводи претседателот на Влада на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Програмските содржини во Пелинце започнуваат со положување на свежо цвеќе на споменикот пред Меморијалниот центар, по што ќе започне првиот дел од пригодната празнична културно-уметничка програма. Потоа следува обраќање на претседателот Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и завршниот дел од културно-уметничката програма.

Државните почести по повод Денот на Републиката во Крушево, во организација на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски започнуваат со панихида во храмот Св.Никола, во 10:20 часот, по што ќе следува полагање цвеќе на гробот на Никола Карев, празнична програма пред споменичниот комплекс Македониум и полагање цвеќе на споменикот на хероите на Слива.

Владината делегација во овој дел од програмата ја сочинуваат министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за локална самоуправа Горан Милески, и заменик-министерот за образование и наука Арафат Шабани.

Централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август – Денот на Републиката ќе започне во 18 часот на Мечкин Камен со поздрав на илинденската коњаница проследена со костимирана придружба, поздрав на Армијата на Република Северна Македонија и со полагање на цвеќе и венци на споменикот на Мечкин Камен, по што ќе следува празничната културно-уметничка програма посветена на двата Илиндена.

Владината делегација за централниот дел од настанот ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, придружуван од првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Програмата за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа и традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општина Демир Хисар. Програмските содржини во Смилево почнуваат со положување цвеќе на могилата Даме Груев, споменикот на Смилевските илинденци и спомен плочата на Смилевскиот партизански одред во девет часот, по што следува посета на Меморијалниот музеј и положување цвеќе на споменикот на Даме Груев.

Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија во Смилево ја предводи заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање  Христина Оџаклиеска, наведуваат од Владата.

МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*