Home / Интервјуа / Васко Ковачевски: Битола никој повеќе нема да ја уништува и понижува

Васко Ковачевски: Битола никој повеќе нема да ја уништува и понижува

Битолски весник: На почетокот на интервјуто, како ја доживеавте блескавата победа на локалните избори и дали искрено очекувавте ваков изборен резултат во Македонија со акцент на Битола?

Васко Ковачевски: Оваа победа на СДСМ во Македонија и во нашата Битола, беше навистина блескава, но и очекувана. За првпат по толку изборни циклуси имавме избори во кои граѓаните слободно го искажаа своето мислење, имавме кристално чисти демократски и кредибилни избори, на кои ослободените граѓани од притисоците и заканите за првпат дадоа глас за кандидатите и програмите на партиите и коалициите за кои искрено веруваа дека ќе донесат подобро утре. Битола ја имаше најголемата победа во цела Македонија, 31.733 битолчани ни ја дадоа поддршката. Граѓаните покажаа дека не сакаат градот да ни го водат криминалци, туку чесни луѓе, кои ќе го вратат сјајот на конзулска Битола.

Б.В: Што е тоа што одлучи во толкав број да придобиете битолчани да гласаат за Наташа Петровска, како и советничката листа на СДСМ и коалицијата?

В.К: Како што кажав, битолчани многу време беа понижувани, газени и уценувани. Долг период врз нашата општина беше водена деструктивна политика, како од централната, а уште повеќе од локалната власт. Битолчани покажаа дека им е доста од уназадување и уништување на градот. Наташа Петровска беше избрана скоро едногласно, тоа за неа претставува чест, и уште поголема одговорност во водењето на Битола во наредните 4 години. Советничката листа составена од истакнати членови на нашата партија, домаќини луѓе, еднакво застапени и жените, повозрасните и младите, е победничката листа на овие избори поради нивната искрена желба да направат подобро денес и утре на нивните сограѓани.

Б.В: Долго време сте во политиката. Во политичката кариера имавте и успеси и порази. Дали некогаш се поколебавте дека ќе го срушите режимот на Никола Груевски?

В.К: Моето искуство во политиката, во ниеден момент не ме поколеба дека режимот на Груевски ќе биде срушен, само беше прашање на време. Со отворањето на “Вистината за Македонија“ т.н. “бомби”, и граѓаните кои се колебаа, кои негодуваа и кои не беа целосно убедени дека ДПМНЕ владеат со закани, уцени, рекет, мито.. веќе се уверија дека таа корумпирана власт треба што поскоро да се тргне од политичката сцена. Заради неколку луѓе од врхушката во партијата страдаше целата држава. Уназадувањето го имавме како на внатрешен: судство, полиција, образование, основни слободи и права, економија..така и на надворешен план: без покана за НАТО, далеку од преговори со ЕУ и искарани со сите соседи. Како за споредување, со сегашниот премиер Заев, и целокупната извршна власт Македонија е на чекор до влез во НАТО, реформите од планот 3,6,9 се водечки столб на нашето европско интегрирање.

Б.В: Вие бевте жесток критичар на сега веќе екс градоначалникот Владимир Талески. Деновиве слушнавме од градоначалничката Петровска дека Талески ја заглавил општината за 13 милиони евра. Дали таквиот извештај Ве изненади?

В.К: Гледано ретроспективно, Талески е најлошиот градоначалник што некогаш го имала Битола. Периодот во кој тој раководеше со градот беше полн со контраверзности, празни ветувања, и потрошени пари во магла. Иако знаеме дека имаше најголем буџет споредено со буџетите на општината во времето на поранешните градоначалници, тој направи големи долгови кон правни и физички лица кои се повеќе од 13 милиони евра. Долгот од Талески кои што го наследи новиот градоначалник не е за изненадување, ниту за мене, ниту за битолчани, познавајќи како тој ја раководеше општината изминатиов период и сите сомнителни трансакции кои што се правеа на грбот на нашите сограѓани. СЈО го отвори случајот „Транспортер„ токму заради матните коруптивни зделки на Талески со превозот на учениците и трупање на долгови на училиштата. Оставаме институциите да си ја завршат својата работа. Одговорност за неодговорното трошење на парите на граѓаните, треба и мора да има!

Б.В: Дали мислите дека толкав е долгот на општината или имате сознанија за нови долгови кои допрва треба да излезат пред јавноста?

В.К: Сеуште е рано точно да се прецизира долгот, но и вака гледано долгот е многу висок, без оправдана причина. Во Битола немавме капитален проект за да настанат вакви долгови во нашиот град имавме пропаднати нереализирани проекти, ќе потсетам за неколку. Битолчани не забораваат за затворениот базен, катните гаражи, стадионот, топлификацијата, гасификацијата.. децении ветуваните проекти на Талески. Случајот„Транспортер„ , уништениот полигон, нерегулираниот градски сообраќај, паркинзите во градот, лошата и дотраеана водоводна и канализациона мрежа. Мое мислење е дека ревизијата на 12 годишното владеење на Талески ќе покажи многу други финансиски и други малверзации.

Б.В: Според вас сметате ли дека со таква задолжена Општина градоначалничката Петровска може да ги реализира проектите со кои излезе пред битолчани?

В.К:Се разбира дека задолженоста на Општината ќе влијае врз целокупната работа на општината. Но, Петровска е домаќин човек која ќе знае да изменаџира со целокупните капацитети на Општината и заедно со централната власт успешно ќе се надмине овој проблем. Проектите кои се зацртани во изборната програма искрено верувам дека ќе се направат во периодот во кој се ветени пред граѓаните. Градоначалничката е исклучително компетентна личност која со помош на советниците од Советот, стручните луѓе од општинската администрација, нејзиниот тим на соработници, новите раководни кадри на јавните претпријатија, училиштата, градинките… заедно ќе направат се и ќе дадат се од себе да ја вратат во кондиција нашата Битола.

Б.В:Во изминатиот период како пратеник бевте жесток критичар на пратениците  дека недоволно се залагале за прифаќање на амандманите поднесени од Вас кога бевте во опозиција за Битола. Дали сега како власт исто така жестоко се залагате за проектите за Битола?

В.К:Ова е добро прашање. Изминатиот период додека ДПМНЕ беше на власт Законодавниот дом беше гласачка машинерија. Како што беше и во предизборната кампања, нашите заложби се за враќање во демократијата во РМ, враќање на слободата и правото на секој да одлучува за својата иднина. Дебата имаме желба да се отвори насекаде, а тоа по дефиниција мора да е и во Парламентот. Искрено се залагаме и јас како пратеник и сите мои колеги од владејачкото мнозинство да се разгледа секој предлог, барање, амандман кој ќе придонесе за подобро утре на сите граѓани на нашата земја, на нашите деца, внуци… Секој предлог вреди да се разгледа, да се анализира и да се прифати, ако придонесува за подобро утре на граѓаните. Очекувам дека предвидените проекти за Битола во Буџетот за 2018 година ќе се реализираат во рамките на ветеното.

Б.В: Дури и ако тие дојдат од страна на опозиционите пратеници?

В.К:Да секако! Сакаме отворена дебата од опозиционите пратеници и од опозиционите советници во Општините каде имаме мнозинство. Времето на популизам и политиканство заврши! Македонија ќе ја биде само со цврста и силна опозиција, која со реални проекти, барања и решенија ќе придонесе за развој на земјата во целост. Не само тие, очекуваме и граѓанскиот сектор да се приклучи кон овие иницијативи. Граѓанскиот сектор веќе го имаме во Парламентот, во институциите од извршната власт, во Советите во Општините. Како што вети премиерот Заев, граѓаните се вклучени во носењето на одлуките, а тоа значи крај на едногласието и централната моќ во една или неколку личности.

Б.В:Господине Ковачевски кои големи проекти можат да ги очекуваат битолчани во вашиот мандат?

В.К:Имаме голем број проекти кои битолчани ги избраа преку изборот на градоначалник на локалните избори. Капитални и големи проекти кои би ги спомнал: гасификација до крајот на мандатот, отпочнување на изградба на пречистителна станица за отпадните води од 5тиот канал и подпелистерието, реконструкција на Офицерскиот дом, враќање на полигонот во Битола, целосна реконструкција на запуштените сообраќајници во центарот на градот, реконструкција на влезовите во градот, проекти за намалување на загаденоста, враќање на духот на Старата чаршија и пазарот.

Б.В:Како је гледате Битола во наредните години?

В.К:Нашиот град ќе го врати сјајот, изгубен во изминатиот период. Битола ја гледам како модерен европски град, економски, студенски, конзулски современ град, во кој што младите ќе сакаат да продолжат да живеат, да творат и да создадат семејства. Туристите кои ќе ја посетуваат, насекаде ќе раскажуваат за нејзината убавина и топол дух. Градот ќе ја врати културата, Широк Сокак повторно ќе блесне во својот препознатлив сјај, а Старата чаршија повторно ќе биде препознатлив знак на нашиот многувековен град. Ќе заживее спортот и повторно ќе се радуваме на победите на Пелистер, “Чкембарите” гордо ќе ги бодрат своите миленици под Тумбе кафе и во салата Младост. Битола, повторно ќе ја биде!

Б.В:Вие бевте голем критичар на криминалот во ЕЛЕМ и РЕК “Битола“. Дали СДСМ и Вие можете да се изборите со расчистувањето на криминалот во ЕЛЕМ и РЕК “Битола“?

В.К:РЕК “Битола“ е столбот на електроенергетскиот систем во Р.Македонија. Криминалот во РЕК и ЕЛЕМ е прашање за кое навистина е потребно големо внимание. Новата Влада целосно се вложува за решавања на проблемите кои произлегуваат од расипничкото раководење на предходното раководство на ЕЛЕМ и комбинатот. Сомнителните тендери, корупмираните вработувања, грешките во управувањето кои чинеа илјадници и милиони евра, скапо платените ремонти и истражувања.. И згора на се, загадувањето на воздухот кое што го предизвикува несоодветното отпепелување, користењето на енормни количини на мазут,  се дел од наталожените проблеми. Новото раководство на РЕК “Битола“, заедно со ЕЛЕМ и Владата на РМ, нема да дозволат криминал и корупција, дисциплината и одговорноста ќе бидат на прво место. Ќе се набави сопствена механизација со што ќе се намалат трошоците за ископ и транспорт на јаглен. Еколошките проекти ќе бидат приоритет, за што веќе се отпочнати постапки и преговори. Вработените ќе бидат повторно задоволни од работните услови, го вративме оброкот со квалитетна храна за секој, ќе се врати превозот и ќе им обезбедиме нова облека и обувки, заштита на работа по највисоки стандарди. РЕК “Битола“ ќе биде главен двигател на економијата во Битола!

Б.В:.По победата на парламентарните избори Вас, битолчани Ве гледаа на многу други функции. Но вие останавте и натаму пратеник. Дали Васко Ковачевски ќе остане пратеник, или во наредниот период ќе извршува друга раководна државна функција?

В.К: Чест и задоволство е да се претставуваат граѓаните во Собранието на РМ, целосно се заложувам за интересите на сите, а посебно за битолчани. И кога бевме во опозиција не се штедев во моите говори и дискусии да ги бранам интересите на оние што ни ја дадоа довербата. Сега размислувам само за работата во Собранието и подобрување на законските решенија кои се носат во Законодавниот дом. Следува расправа за донесување на Буџетот за 2018 та и подобрување на условите за живот во Битола. Доколку претседателот Заев и Централното раководство одлучат дека треба да имам некоја друга јавна функција, или да раководам со некое претпријатие, тоа ќе го прифатам како нов предизвик.

Б.В: Деновиве Централниот одбор на СДСМ донесе одлука за распишување на внатрепартиски избори.  Како прв човек на битолската СДСМ кажете ни до каде се подготовките за  спроведувањето на избори во општинската партиска организација?

В.К:Централното раководство на СДСМ донесе одлука за спроведување на внатрепартиски избори за претседатели и членови на Извршниот одбор на сите општински организации. Ова е постапка заради изминат мандат на актуелните раководства. Во Битола, ќе се спроведе демократска постапка за предлагање од страна на членовите на партијата во месните организации и самокандидирање за кое ќе биди објавен и јавен повик. Во оваа прилика, ги повикувам и охрабрувам сите оние кои сметаат дека можат да придонесат за подобрување на политиките и јавното делување на СДСМ како партија на власт, да се приклучат во органите и телата на партијата и да придонесат за поквалитетно делување и спроведување на програмските определби. Битолската партиска организација има квалитет и капацитет, тоа го покажавме во непосредно изминатиот период. Јас и членовите на  партиското раководство ја имавме поддршката на членството во изминатите два мандати, и сметам дека довербата ја оправдавме. Без разлика дали ќе продолжам јас понатаму, или ке биди некој друг на чело на општинската организација, СДСМ и понатаму ќе биде партија која ќе ги спроведува политиките на потребите на граѓаните на Битола.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*