Home / Македонија / Врачени наградите „Св. Климент Охридски“

Врачени наградите „Св. Климент Охридски“

Проучувачот на македонскиот фолклор Марко Китевски, обоистката Гордана Јосифова-Неделковска, скулпторот Жарко Башески, поетесата и преведувачка Весна Ацевска-Стојчевска и театарската критичарка Лилјана Мазова денеска во Собранието на Република Македонија ја примија државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и образованието.

Признанијата им ги врачи академик Владо Камбовски, претседател на Одборот за доделување на оваа награда за 2016 година. Во обраќањето тој се осврна на наследството што го оставил свети Климент во  деветтиот век кое го продолжиле просветителите, преродбениците, учебникарите, споменувајќи ги и Миладиновци, Рацин и Конески.

– Република Македонија  денес е мултикултурно општество што се стреми во 21 век да се вклучи во рамноправен натпревар со другите европски општества како општество засновано врз знаења. Тоа значи дека развојот на обрзованието, науката, културата и другите општествени дејности е клучниот просветителски постулат во времето на големите предизвици за нашето општество. Посланието на свети Климент – спасението да се бара во народното просвештение – е завет кој одредувал отсекогаш, а денес повеќе од секогаш, таквата мисионерска задача на учителите, научниците, уметниците, творците и вредните работници во сите области на човековото живеење – рече Камбовски.

Во име на петтемина годинашни добитници се заблагодари фолклористот Марко Китевски кој истакна дека да се добие оваа награда е голема чест и признание затоа што го носи името на заштитникот на македонскиот народ и патронот на Македонската православна црква, наследничка на Охридската архиепископија, а особено, како што рече, затоа што се случува во годината кога се одбележуваат 1100 години од упокојувањето на светителот Климент.

– Ние ја добиваме оваа награда за тоа што сме го направиле во изминатите неколку децении, но таа не обврзува и во иднина да го славиме свети Климента и да и служиме на нашата татковина. Да создадеме уште нешто по што ќе бидеме препознаени, со конкретни дела да се одолжиме и кон минатите генерации, но да оставиме нешто вредно и за идните поколенија. Свети Климент ни остави аманет да ја чуваме нашата света црква, да го чуваме нашиот јазик, нашето име, а тоа подразбира да ја чуваме нашата татковина – рече Китевски.

Тој е најпродуктивен македонски фолклорист, кој проучува, собира и публикува народни умотворби. Има 60-ина книги. меѓу нив и едиција „Македонски народни умотворби“ во десет книги, како и околу 400 прилози објавени во периодиката во Македонија и во странство, кои имаат извршено влијание врз науката за фолклорот.

Музичката уметница Јосифова-Неделковска настапува на светските сцени повеќе од 20 години и има концертни настапи во 27 земји во безмалку сите континенти. Во својот репертоар вклучува први изведби на композиции за обоа од современи автори, неретко и од македонски. Посветена и на педагошката работа со студенти на ФМУ.

Скулпторот и проф. по вајарство на ФЛУ Башески е активен на домашната и на меѓународната ликовна сцена, кој во творештвото е фокусиран на хиперреализмот, но и на јавната монументална историска пластика. Меѓу ретките македонски автори што е посветен на монументалната скулптура со религиска, археолшока и психолошка тематика.

Поетесата, прозаистка и преведувачка Ацевска-Стојчевска е авторка на седум поетски книги. Од нејзината поезија се објавени десет избори на повеќе јазици и е застапена во антологии на современата македонска поезија. Во нејзината богата преведувачка работа се вбројуваат и преводите на финскиот еп „Калевала“ и нордискиот еп „Стара Еда“.

Театарската критичарка и публицистка Лилјана Мазова речиси четири децении ги коментира настаните позврани со театарот оставајќи пишани траги за одиграните претстави. Објавила над десет илјади рецензии, интервјуа, коментари, колумни во весници и списанија и е авторка на повеќе од 20 книги, монографии и други театарски изданија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*