Don't Miss
Home / Спорт / Втора фудбалска лига :“Пелистерци“ до прва победа во Новаци

Втора фудбалска лига :“Пелистерци“ до прва победа во Новаци

Пелистер – Македонија ЃП 3:1 (2:0)

Екипата на Пелистер, во саботата, конечно дојде до победа во Втората лига, а ја победија екипата на Македонија ЃП убедливо со резултат 3:1, полувреме 2:0. Екипата на Науме Љамчевски го отвори резултатот токму навреме, во средината на првото полувреме, кога Александар Недановски го постигна првиот гол по добро одработена акција.

Само по десетина минути Ристе Марковски го постигна вториот гол со што “пелистерци“ беа на чекор до победата која толку ја посакуваа.

Второто полувреме Пелистер со десет фудбалери го одигра рутински, а гостите не направија ниту една посериозна прилика за гол.

Победата ја потврди Мартин Мирчевски во 52. минута, а гостите во последната минута од натпреварот успеаја да постигнат почесен гол.

По победата на Пелистер, тренерот Науме Љамчевски рече:

-Одлично тргнавме, дадовме гол, а потоа следуваше шок за нас по црвениот картон кога останавме 60 минути со играч помалку. Но, фудбалерите издржаа и постигнаа уште два гола со што дојдовме до првата победа оваа пролет и полека се одлепуваме од опасната зона. Одигравме храбро и сега во две кола имаме освоено 4 бода, што е мотив повеќе за фудбалерите во идните кола да дадат повеќе.

Идното коло Пелистер му гостува на Тетекс, а Љамчевски вели:

-За нас е најважно дека ја вративме самодовербата кај сите фудбалери, но морам да кажам дека нема опуштање. Имаме тешко гостување, а не знаеме каде ќе играме, односно на кој терен ќе се игра оваа средба. Без разлика каде ќе се игра, иако има најава за Тетово, ние ќе дадеме се од себе. Екипата на Тетекс е фаворит според она што се случува оваа пролет, но ние во никој случај не одиме да се предадеме предвреме иако екипата на Тетекс по поразот од Победа ќе сака да се “вади“ на нас.

По 20 одиграни кола лидер на табелата е екипата на Скопје со 30 бода колку што има и Тетекс. Следуваат Влазерими, Македонија ЃП со 29, Љубанци со 28, а Пелистер е на седмото место со 26 бода. Според резултатите и бодовите сега неизвесноста е голема за пласман во Првата лига, а и за опстанок.

 

С.Р.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*