Home / Uncategorized / Заев и Борисов утре го потпишуваат Договорот

Заев и Борисов утре го потпишуваат Договорот

Македонија утре ќе ја пречека високата и бројна бугарска делегација со сите државни и воени почести.

Премиерот Бојко Борисов доаѓа во Македонија на чело на голема делегација а со нив пристигнуваат и новинари од 30 бугарски медиуми. Извор во Владата вели дека се најавени и новинари од други земји бидејќи настанот буди интерес и во регионот и во Европа.

Бугарската делегација пристигнува на аеродромот во Скопје на 1 август во 11.3о. Следи официјалната церемонија за добредојде, со највисоки државни и воени почести на платото пред Владата во 12.15 со интонирање на државните химни на двете земји.Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија е закажано за 13.35 утре, на 1 август.

Заедничкото чествување на националниот празник Илинден во црквата Свети Спас во Скопје е планирано за среда 2 август. Во 8 часот наутро премиерот Зоран Заев ќе има изјава на плоштадот пред црквата Свети Спас.

Потоа, на 2 август, Заев и Борисов ќе положат венци свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев а тоа ќе го направат и другите членови на високата делегација од Бугарија.

Заев и Борисов на 1 август во 12.30 ќе се видат во четири очи а другите министри ќе имаат, во текот на денот, билатерални средби со нивните бугарски колеги.

Предвидени се средби на министерот за транспорт Горан Сугарески со неговиот бугарски колега Ивајло Московски, средба министерот за економија Крешник Бектеши со министерката за енергетика Теменужка Петкова, средба на министерката за одбрана Радмила Шекеринска со нејзиниот колега Красимир Каракачанов како и средба на министерот за надворешни работи Никола Димитров со заменик премиерот за правни реформи и министер за надворешни работи Екатерина Захариева.

Истовремено ќе бидат потпишани и Меморандуми за соработка за транспорт, енергетика и економија, Меморандум за соработка помеѓу Министерството за транспорт на Бугарија и Министерството за транспорт на Македонија за развојот на железничката инфраструктура и поврзаност помеѓу земјите, како и потпишување на Меморандум за соработка во областа на природен гас помеѓу двете земји.

Борисов потоа ќе се сретне со претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на државата Ѓорге Иванов.

Бугарскиот премиер ќе има средба и со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски но нема информации дали средбата ќе се одржи во седиштето на партијата или во Собранието ниту пак дали ќе има изјави и дали нашиот поранешен премиер ќе му пренесе на Борисов нека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржат договорот со Бугарија во Собранието.

Поддршка за потпишувањето на договорот даде и лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, кој вели дека тоа ќе биде многу позитивен чекор за државата, кој ќе ја приближи кон НАТО Алијансата.

Поддршка дојде и движењето ФРОДЕМ кое соопшти дека со подобрувањето на односите со Бугарија, Македонија јасно докажува дека е фактор на стабилизација и развој на добрососедските односи на Балканот и фактор за затворање на спорните прашања со соседите.

Како и од Форумот за Демократска Македонија (ФДМ), глобална организација на демократски ориентираните иселеници од Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*