Home / Политика / Заев презентираше разговори за судството

Заев презентираше разговори за судството

Судството и состојбите во него беа темата на дванаесеттата прес-конференција од серијалот „бомби“ на опозицијата. Снимените разговори, вкупно 15 на број, денеска ги презентираше лидерот на СДСМ Зоран Заев од седиштето на партијата во Скопје.

Беа вклучени гласови за кои СДСМ тврди дека се на повеќе високи државни функционери, поранешниот јавен обвинител, судијка, сопруга на поранешниот министер за правда , како и повеќе други личности од судската фела.

Во првиот сет снимки може да се слушнат соговорниците како разговараат за судски предмети. Во вториот темата се судиите и стручните соработници во судовите. Слична е тематиката и во третиот блок, со тоа што се разговара и за обвинителите. Во четвтртиот во разговорите се вклучени новоизбрани судијки.

Заев беше прашан како може да се заштитат оние што биле назначувани на функции не со цел да ја вршат работата што самата функција ја налага, туку за да работат во корист на одредени групи. Одговори дека законот предвидува заштита.

На новинарското прашање дали има докази за посериозни судски случаи, уште еднаш порача дека е потребно трпение.

– Одиме постепено од повеќе причини. За ова да допре до граѓаните, и за тие да се подготват подобро за тоа што ќе следува понатаму. Но сеж што имаме ќе објавиме. Ова го правиме со цел кој и да дојде на власт во иднина, а за тоа ќе одлучат граѓаните на избори, веќе да не се осмели да ги повтори овие дејства – нагласи Заев.

Запршан за коментар во врска со прифаќањето на Јавното обвинителство да има меѓународно набљудување, тој рече дека се излажале тие што веруваат дека ќе има само формален мониторинг, туку дека тој ќе бил многу прецизен. Истакна и дека, почитувајќи ја Виенската конвенција, нема да ги открие имињата на странските дипломати во земјава кои, како што вели, биле прислушувани, но потврди дека СДСМ им ги доставил папките со материјали на сите претставници на дипломатските мисии за кои партијата дошла до снимени разговори. Најави и дека во иднина ќе откријат и информации околу случувањата во стопанството.

 

Извор: Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*