Home / Uncategorized / Заклучоци од седницата на Владата

Заклучоци од седницата на Владата

Владата на редовната 80-та седница го прифати Предлог-законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка. Со предлог-законот ќе се овозможи избор на Државната изборна комисија и ќе се надминат објективните слабости во праксата.

Измените се однесуваат на неколку ставови од членот 27. Во него, целосно се брише ставот 3 кој гласи: „Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието подготвува предлог на листа од пријавените кандидати и ја доставува до Собранието“

Во ставот 4, кој гласи: „Од кандидатите на предлогот на листата, политичките партии во опозиција предлагаат претседател и двајца членови на Државната изборна комисија, a партиите на власт предлагаат потпретседател и тројца членови на Државната изборна комисија“, се бришат зборовите „на предлогот на листата“.

Во ставот 5, кој гласи: „Претседателот, потпретседателот и членовите на Државната изборна комисија ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, се брише зборот „двотретинско“.

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

Министрите на седницата ја разгледаа и ја усвоија информацијата за активностите за редефинирање на начинот и утврдување на критериумиите за наменските и блок дотации за општините. Притоа, Владата го задолжи Министерството за локална самоуправа до крајот на декември 2018-та година да достави предлог за редефинирање на начинот и утврдување на критериумиите за наменските и блок дотации за општините.

На 80-тата седница, Владата ја прифати и информацијата со предлог текст на Меморандум помеѓу министерството за транспорт и врски на Република Македонија и министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Република Србија за размена на искуства во областа на е-просторот. Меморандумот предвидува соработка и размена на искуство во областа за организирање и имплементација на системот е-простор во Република Србија, по моделот кој е имплементиран во Република Македонија.

На предлог на министерството за труд и социјална политика, Владата ја разгледа и ја прифати предлог-уредбата за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотации за јавните установи за деца – детски градинки по општини за 2019-та година.

Како материјал за информирање Владата на седницата го разгледа конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на Министерството за правда. Истовремено, Владата му препорача на Државниот завод за ревизија да постапи по службена должност по наодите од истиот. Во исто време Владата го задолжи министерството за правда да подготви Акциски план со точно дефинирани рокови и носители за имплементација на дадените препораки од Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на регуларност за 2016 година во функција на надминување на утврдените состојби и истиот во рок од 30 дена да го достави до Владата на Република Македонија и до Државниот завод за ревизија. Исто така, според наодите во  извештајот на Државниот завод за ревизија, Владата ги задолжи сите министерства и други органи на државна управа, во сите случаи каде што има основа за сомневање, во исправноста во постапката при изградбата на објектите за кои се тие инвеститори, да покренат постапка за одземање на лиценцата на изведувачите за тој објект (проектанти, ревиденти, надзор, изведувач и др.)

На денешната седница, беше усвоена информацијата за повеќегодишна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли, ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал за периодот септември 2018 – септември 2020 за потребите на населението на Република Македонија. За спроведување на набавката е задолжено Министерството за здравство.

Министрите, на 80-тата седница ја разгледаа и ја прифатија информацијата за исполнетоста на условите (простор, опрема и кадар) на Друштвотo за производство, трговија, транспорт и услуги Ф&М 2017 ДОО Експорт – Импорт, во село Врапчиште, Гостивар за вршење на дејност одгледување на канабис за медицински цели, со предлог-одлука.

Од областа на здравството, Владата ја прифати и информацијата за започнување на подготвителни работи и претходна анализа за можноста за формирање Регионален проект за фракционирање на крвна плазма и безбедност во снабдувањето со крв. Подготвителните активности за овој проект е задолжено да ги започне Министерството за здравство.

На денешната, редовна седница Владата го именуваше Стојанче Ангелов, за Национален координатор за прашања поврзани со здружението на бранители.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*