Home / Колумни / Заложништво

Заложништво

Иако кај нас во последно време надолго и нашироко се “дебатира” и “полемизира” за помирувањето и помилувањето на политичките партии и лидери, кое има амбиции да прерасни во сенародно помирување, сепак речиси нема ден а политичарите да не испратат по некоја отровна стрела за тоа кои се патриоти, а кои предавници.

И се чини дека кај нас тоа одамна е веќе видено.

Затоа во оваа прилика  немам намера да пишувам на таа тема, бидејќи  и таа како и многу други иницијативи во минатото е коњуктурна и сезонска.

Во оваа прилика ќе се осврнам на тоа што посебно ме загрижува, а тоа е функционирањето на најголемата опозициона партија ВМРО ДПМНЕ, која сеуште никако не може да најде сили во себе и да расчисти со темното минато на  делувањето и сите хипотеки кои ги носи со себе и во себе, од 12 годишното владеење додека беше на власт.

Иако се трудам никако не можам да го разберам лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој не знам која дипотрија наочари носи, како сеуште не може да ги согледа состојбите со отворени очи.

Човекот кој ја презеде партијата во исклучително тешки моменти и кој беше дел од тимот на Груевски, кога ја извршуваше функцијата генерален секретар, сеуште не може да се ослободи од ликот и делото на својот поранешен  “шеф” , Никола Груевски.

Додека во последно време обичните членови на ВМРО ДПМНЕ, па дури и најзакоравените вмровци најдуваат сили и гласно го критикуваат не само владеењето, туку и однесувањето на  Груевски по губењето на власта, а посбено по неговото кукавичко напуштање на државата, Мицкоски сеуште не може да собере сили и јавно да се дистанцира од политичкото владеење на Груевски.

Тоа што посебно загрижува  е што Христијан Мицкоски во сите негови досегашни јавни настапи, никогаш отворено, јасно и гласно не го осуди чинот на бегството на Груевски од Македонија  во Будимпешта.

Напротив, тој без око да му трепне, за бегството, наместо Груевски ја осудува власта, која наводно му дозволила на Груевски да избега од државата.

Во овој момент додека истражните органи истражуваат како Груевски ја напуштил Македонија ирелевантно е  Мицкоски да дава одговор на прашањето како тој избега.

Но тоа за што Мицкоски не смее да молчи е дали тој како лиер на партијата и ВМРО ДПМНЕ се оградува(ат) и дистанцираат од политиките на Груевски и дали го осудуваат неговото бегство.

Наместо за овие прашања Мицкоски да ја пушта јавноста одговор да бараат кај Заев,  Мицкоски  е најповикан да каже што мисли тој за бегството на Груевски. Дали тој го оправдува неговиот чин или не.

Бегството на “патриотот “Груевски од Македонија долго време скапо ќе ја чини партијата.

ВМРО ДПМНЕ уште долго време не ќе може да се ослободи од таа хипотека, дека нивниот “војвода” и лидер на партијата, кој тие го прикажуваа како Големиот Александар,  кој бил подготвен главата да ја стави на трупец за партијата и  Република Македонија избега, за да не одлежи затворска казна од 2 години и без да се соочи со вистината дали е виновен, или не, за  (не)делата кои му се ставаат на душа.

Со бегството во Унгарија, Груевски му ја плукна и на партијата и на “ Фамилијата “ и на Македонија.

Тој со чинот  што  го направи се покажа дека бил човек кој размислувал и се однесуваал како секој обичен криминалец, кој откако ќе ги наполни џебовите размислува само каде да му ја здувне.

Но Груевски со бегството од Македонија можеби ја избегна затворската казна, но си пресуди самиот себеси, дека не бил ни патриот, ни лидер, ни државник, туку човек кој единствено размсилувал само за себе и својата судбина.

Но тоа што загрижува е што иако Груевски со бегството си го покажа вистинското лице, ВМРО ДПМНЕ, раководството на партијата и пратениците сеуште се обидуваат да го заштитат ликот и делото на Груевски.

Ниту  тие, ниту Мицкоски сеуште не можат да соберат храброст за сите злодела што ги направи Груевски во изминатиот период, ако не го исклучат од членство тогаш барем да му ја одзмат титулата почесен претседател на партијата.

Како може човек како Груевски кој, откако ги вплетка во криминалната мрежа сите свои најблиски  соработници и подоцна ги напушти,  оставајќи ги самите да се бранат за криминалот на кој тој му кумуваше и кој што е обвинет за тешки кривични дела да биде почесен претседател на партијата која ги носи светите букви на ВМРО.

Во овој момент најмалиот   потег кој треба и мора да го направи Мицкоски е  да го исклучи Груевски од член во партијата, да му го одземе признанието почесен претседател, и да побара во парламентот да му се одземе пратеничкиот мандат, без да чека 6 месеци за по сила на законот му престане мандатот.

Груевски со се што направи за време на своето владеење и подоцна со бегството во Унгарија не му нанесе штета само на Макеоднија, туку тој му нанесе огромна штета и на партијата и затоа не  заслужува да биде член на партијата.

Или пак Мицксоки ќе дозволи како што пишува Груевски на својот фејсбук профил, тој  за македонската кауза да се бори од Унгарија.

Такви “патриоти” не само што не му се потребни на Македонија, туку најмалку му се потребни на ВМРО ДПМНЕ.

Се додека Мицкоски настојува да го штити ликот и делото на Груевски, ВМРО ДПМНЕ не само што нема да се реформира, туку оваа партија  уште повеќе ќе се маргинализира и не ќе  може да се ослободи од хипотеката која ја носи со себе, дека е партија која буквално во изминатите 12 години мајчиното млеко му го исцица на државата и преку која одделни поединци стекнаа такво големо богатство кое не можат да го потрошат  со децении  дури и доколку цел Централен комитет на партијата  би се преселил да живее во Унгарија.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*