Home / Uncategorized / Свечена академија по повод 110-годишнината од смртта на Дамјан Груев

Свечена академија по повод 110-годишнината од смртта на Дамјан Груев

Во големата сала на Центарот за култура – Битола  се одржа свечена академија, по повод 110-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Дамјан Груев.

На академијата, која ја организира Здружението на граѓани за заштита на ликот и делото на Дамјан Груев, на која  присуствуваа бројни поддржувачи на ликот и делото на овој револуционер, великан и корифеј, се обратија претседателот на Здружението, Ристо Грујовски и професорот од Институтот за историја при Филозофскиот факултет од Скопје, д-р Ванчо Ѓорѓиев, а беше организирана и културно-уметничка програма.

-На денешен ден загина еден од најголемите синови на Македонија, кој беше иницијатор за формирање на Македонската револуционерна организација, идеолог и водач на македонското револуционерно движење и со право се нарекува македонски револуционерен апостол и волја на револуционерна Македонија.

dame-gruev

Здружението на граѓани “Дамјан Груев“ од Битола со гордост го чествува и го величи неговиот лик и неговото дело – истакна во своето обраќање пред присутните Ристо Грујовски, претседател на Здружението и додаде:

-Голема и нераскинлива е врската на Груев и Битола. Во Битола, тој го започна своето издигнување. Тој живееше во Битола, учеше во Битола, предаваше во Битола, го формира месниот комитет на Македонската револуционерна организација и беше окружен раководител на Битолскиот револуционерен округ, Битола ја претвори во револуционерна тврдина, беше затворен во Битола и однесен на заточение. Дамјан Груев со своето загинување во Русиново, Беровско, дава посебен белег на македонската борба за слобода и останува траен паметник на македонскиот народ како голем револуционер, кој со својата крв ја натопи земјата малешевска за слободата и добробитта на цела Македонија. Затоа академик Гане Тодоровски лаконски запишал “Смртта му го продолжува животот“ – истакна Грујовски.

Посебен осврт на ликот и делото на Дамјан Груев имаше и професор д-р Ванчо Ѓорѓиев, од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, кој, воедно, во својата научно-истражувачка работа се занимава со проучување на ликот и делото на овој великан, а со своето капитално дело “Подземната република“, кое е посветено на Даме Груев, остави траен белег во македонската историографија.

Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, во своето обраќање на академијата, меѓу другото, истакна:

-Особено се чувствувам горд што се наоѓам токму овде во Битола, во срцето на некогашниот Битолски револуционерен округ, во срцето на некогашниот Битолски велает. Затоа сметам дека тоа е најдостојното место каде што треба да се чествува името, ликот и делото на Даме, тоа го велам затоа што каменот најмногу тежи додека е на своето место. Штом тој ќе почне да се тркала, да се преместува, ќе ја изгуби својата специфична тежина, а со тоа го губи и својот облик, ќе биде обезличен. Неговото загинување е логичен крај на една нелогична македонска историја, затоа што секој што целосно ќе се оддаде на револуционерната идеја, со сиот свој интелектуален и морален потенцијал, нормално е дека еден ден ќе заврши така. Даме загина, но со неговата смрт не згасна идејата за слободна Македонија, остана идејата по него, останаа плејада носители – борци за слободарските идеи, носители на македонските идеали – истакна на свечената академија проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев и додаде:

dame-4

-Даме Груев е дел од колективната меморија на македонскиот народ и неговата мартирологија и голгота за независна држава. Даме е човек со нескршлива волја, тој е столбот на македонското револуционерно движење. Тој е припадник на генерацијата македонски револуционери-патриоти кои го издигнаа македонското име и му дадоа суштина, значење и издигање на македонското прашање на меѓународен план. Даме е столбот на македонското револуционерно движење, врвен организатор и раководител на Македонската револуционерна организација, кој својот живот го посвети на македонската револуционерна борба и затоа заслужува достојно да се одбележува.

Ликот на Дамјан Груев е симбол за македонскиот опстој и непокор, пример за највозвишен хероизам и саможртва, синоним за беспримерен стоицизам на човек, кого не го поколебаа ни најужасните искушенија и не го згаснаа кај него исконскиот револт кон неправдата која му се нанесуваше на македонскиот народ, тој е синоним за човечкиот отпор, за доблесноста, човечноста, за одлучноста да се истрае во борбата за идеалите, да не се потклекне и да се истрае се до последниот здив во вербата и борбата за слободна Македонија.

На свечената академија беше изведен и поетско-музички рецитал посветен на великанот, во изведба на поетската група “Поетски зговор“, кој го подготвија Николина Поповска, проф. по македонски јазик во СОУ “Таки Даскало“, Александра Гецовска, проф. по македонски јазик во ОУ “Гоце Делчев“, Марјан Тасевски, проф. по македонски јазик во ОУ “Ѓорѓи Сугарев“ и Роберт Трајковски, проф. по историја во СОУ “Таки Даскало“.

Здружението на граѓани “Дамјан Груев“, кое, сите изминати години од нивното формирање, несебично и неуморно работи на зачувување на ликот и делото на Дамјан Груев и тој да го добие заслуженото место во нашата историја, во рамките на чествувањата по повод одбележување на 110-годишнината од смртта на овој великан, организира и бројни други активности, како положување свежо цвеќе пред споменикот на Даме Груев пред НУ Завод и музеј во Битола, посета на родното место на Даме Смилево, каде се положи цвеќе и се одржа панихида, потоа се организира приредба во основното училиште кое го носи името на овој великан во Смилево, а на 20 декември беше организирана и изложба на фотографии во ОУ “Даме Груев“ во Битола.

Исто така, Здружението распиша и литературен конкурс за есеј посветен на македонскиот корифеј, на кој зедоа учество ученици од основните и средните училишта во Битола, најдобрите есеи беа наградени на свечената академија, а беа доделени и благодарници за сите соработници и поддржувачи на активностите на Здружението.

 

 

 

 

Автор:Марија М. Димитровска

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*