Home / Uncategorized / БИРН:Талески во третиот мандат потрошил по 154 евра на секој битолчанец!

БИРН:Талески во третиот мандат потрошил по 154 евра на секој битолчанец!

Според истражувањето на БИРН  во третиот мандат на градоначалникот  Владимир Талески за изградба на капитални објекти потрошил по 154 евра по глава на жител. Во отчетот на градоначалникот стои дека од предвидените 135 проекти се реализирани над 500 проекти, но истражувањето на БИРН покажува дека голем дел од ветените капитални објекти не се реализирани.

Во документот „Општините под лупа“ изработен од БИРН, независна невладина организација  дел од регионалната организација Балканска истражувачка репортерска мрежа Општина Битола, во мандатот на Талески предвидела дека ќе потроши 23,8 милиони евра за изградба на капитални објекти, а потрошила само 14,2 милиони евра или околу 59 проценти, објавува Призма.

По жител, пак, Битола за изградба на капитални објекти потрошила 154 евра.

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој го завршува својот трет мандат, во отчетот за сработеното во Општината за периодот 2013 -2017 година, вели дека, наместо предвидените 135 проекти, реализирани се над 500 проекти, а еден од тие проекти е проектот што предвидуваше изградба и реконструкција на над 100 улици.

Голем дел од ветените проекти како гасификација, подземните гаражи, хотелскиот комплекс „Нижеполе“, проектот Филмски град или, пак, ветената железничка пруга од Битола до Кременица, не се реализирани.

Индустриска зона „Жабени“. Градоначалникот Талевски, својот фокус го става на развивање на индустриската зона „Жабени“ и привлекувањето нови инвестиции.

Во отчетот за сработеното се вели дека бил изграден паркинг-простор, пристапен пат и создадени се други инфраструктурни услови за потребите на фабриката „Кромберг и Шуберт“.

Во отчетот се споменуваат и активностите на „Цераметал“, инвеститор од Грција во индустриската зона „Жабени“ за производство на чипс од свеж компир. Инвестицијата, според отчетот на Талевски, вреди 12 милиони евра, а во првата фаза ќе бидат овозможени 100 вработувања. Како нови инвестиции во битолскиот регион се споменуваат и фабриката „Стиза“, „Челмак“ и „Натуралија фуд“.

Топлификација на Општина Битола. Овој проект во Битола е најавуван во речиси секој изборен циклус и сѐ уште не е реализиран.

Тогаш беше кажано дека придобивките од гасификацијата граѓаните ќе ги почувствуваат во 2017 година, но такво нешто не се случи. Во 2015 година, Собранието го изгласа Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на проектот Топлификација на Битола, кој требаше да се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕЛЕМ.

Пратениците и од власта и од опозицијата, едногласно застанаа зад законот донесен по скратена постапка, во кој стоеше дека првата фаза од централниот топлификационен систем за снабдување со топлинска енергија на Општина Битола се состои од изградба на систем за производство на топлинска енергија, транспортен вреловод, примарна пумпно-топлинска станица во Битола, вреловодна дистрибуциона мрежа во Битола и топлински потстаници во објекти.

Во јуни 2017 година, ЕЛЕМ го објави меѓународниот тендер за изградба на новиот систем за централно греење во Битола, Новаци, Могила и Логоварди. Повикот до компаниите беше публикуван на веб-страницата на Германската агенција за економски развој и во македонските весници. Но, смената на власта донесе дополнителни проблеми во овој дел. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев побара од управниот одбор на државната компанија да донесе одлука за мораториум на проектите, барајќи време за нивно усогласување со владината програма .

Договорите за кредитирање на топлификациониот систем во Битола беа потпишани уште во декември 2015 година. Германската КфВ банка му даде заем на ЕЛЕМ во висина од 39 милиони евра, додека државната компанија за проектот треба да одвои дополнителни 7,5 милиони евра.

Проектот е предвидено да се реализира во две фази. Во првата етапа се планира изградба на магистрален цевковод од РЕК „Битола“ до самиот град во должина од 12,5 километри, потстаница и дистрибутивна мрежа во Битола, како и приклучоци до дистрибутивните мрежи во Новаци, Могила и Логоварди. Во втората фаза од изведбата на системот за централно греење ќе се гради дистрибутивната мрежа во населените места.

Гасификација . „Со вклучувањето на Република Македонија во проектот „Јужен поток“ и проектот за изградба на национална гасоводна мрежа, ќе се овозможи гасификација на Општина Битола.

Гасификацијата требаше да се финансира од буџетот на РМ, но таа не се оствари, и покрај многубројните ветувања, години наназад. Гасификацијата на Битола е дел од проектот „Гасификација на Република Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ. Според „Вистиномер“, делницата за природен гас, која ја опфаќа и Битола во најновата изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ „Реално“ (2017 – 2020) треба да биде завршена во 2020 година. Гасификација на Битола најавуваат и од СДСМ, која е опозициска партија во Општината.

Подземни гаражи. Изградба на подземни гаражи во Битола се ветуваат во последните два изборни циклуси, но досега не се реализирани. Рокот што го даде градоначалникот Талески за изградбата на гаражите, со цел намалување на сообраќајниот метеж, беше 2016 година

Преадаптација на просторот кај касарната. Овој проект е во почетна фаза на реализација. Во својата програма, Талески ветува дека „продадените парцели, кои се во изградба, ќе добијат потребна инфраструктура“ и ќе се создадат услови за изградба на нова населба на овој простор, со 150 милиони денари од буџетот на Општината.

Според отчетот даден на крајот од мандатот, распишан бил меѓународен тендер финансиран од Светска банка и избран е најповолниот понудувач, кој ќе изврши изградба на 7 улици во поранешната касарна за реализација на проектот „Изградба на седум улици со тротоари, водовод, систем за атмосферска вода и улично осветлување во поранешна воена област AРM1 и AРM2 во Општина Битола”.

Хотелски комплекс „Нижеполе“ е дел од програмата на Талески во 2013 годинаво програмата на Талески од 2013 година, кој за овој проект планирал да издвои 30 милиони евра од буџетот на Општината.

Овој проект не е реализиран, а причините се непознати, со оглед на тоа што од Општината не одговорија на прашањата на БИРН.

„Битола ФИЛМСКИ ГРАД“. „Привлекување домашни и странски екипи за да снимаат филмови и ТВ-серии во Битола, адаптација на објекти и опрема“, е еден од приоритетите на градоначалникот Талески во 2013 година. За овој проект планирани биле 1 милиони денари од буџетот на Општината, но истиот не е реализиран.

Реконструкција на железничката пруга Битола – Кременица (Грчка граница). е најавуван веќе 10 години, сѐ уште не е реализиран.

Кон почетокот на ноември 2016 година, тогашниот министер за транспорт и врски, Владимир Мисајловски, изјави дека бугарскиот конзорциум што беше избран да ја гради железничката траса, не го испочитувал договорот, поради што истиот е раскинат. Мисајловски најави и нов тендер за избор на нова компанија, која ќе ги доврши работите околу изградбата на пругата, но за тоа ќе се чекаат инструкции од ЕУ.

Потполна реконструкција на Зоолошката градина. И покрај тоа што градоначалникот Талески во својот отчет тврди дека Зоолошката градина е реконструирана, очевидците и фотографиите на теренот го говорат спротивното. Во отчетот, Талески тврди дека ова е реализирано како дел од заеднички проект на Центарот за развој на пелагонискиот регион, како добитник на грантот од втората компонента на ИПА фондовите, во партнерство со Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион – Битола, Агенција за развој „АНФЛО“ – Лерин, Општина Битола, Општина Лерин и Зоолошката градина Битола.

Довршување на реконструкцијата на Црн мост. Со 25 милиони денари од буџетот на Општината ќе изградиме нов, побезбеден мост за возачите, а стариот ќе се користи за пешаци, се вели во приоритетите на градоначалникот во 2013 година.

Овој проект е реализиран, односно изграден е нов мост – кружен тек, а стариот мост е адаптиран во пешачки мост. Според пишувањата на медиумите, за изградба на новите мостови во градот и реконструкција на постојните, биле потрошени 2,6 милиони денари.

Изградба на нов храм за заштитникот св. Нектариј Битолски. Со 20 милиони денари заеднички проект на МПЦ и Општината, до 2016 година требаше да се изгради нов храм на заштитникот свети Нектариј Битолски во центарот на градот, но овој проект не се реализираше.

Во 2013 година, тогашната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска престојуваше во посета на Битола, каде што заедно со градоначалникот Талески ги промовираа проектите за изградба на нов храм и за нова киносала. Сепак, до крајот на мандатот на Талески, храмот не беше изграден, сер вели во извештајот на БИРН.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*