Don't Miss
Home / Култура / Битола го одбележува Светскиот ден на џезот со концерт на Сашо Поповски-Трио

Битола го одбележува Светскиот ден на џезот со концерт на Сашо Поповски-Трио

Меѓународниот ден на џезот, 30 април, во Битола денеска ќе биде одбележан со концерт на Сашо Поповски Трио, културен настан што ќе го организираат Младински културен центар – Битола и “Порта Џез“, со што градот под Пелистер по четврт пат се вклучува во оваа глобална акција.

Концертниот настан ќе се одржи напладне, а влезот ќе биде слободен за сите љубители на добрата и квалитетна џез музика, информираа од МКЦ-Битола.

Сашо Додовски, менаџер на МКЦ-Битола истакна дека на пладневниот концерт во Битола ќе настапат Сашо Поповски-гитара, воедно професор на музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, македонски џез музичар, композитор и бенд лидер.

– Неговата музика е спој на традиционалниот и современиот џез. На настанот ќе биде промовирано и неговото последно ЦД „Gathering”, снимено на неговите клупски настапи во битолската Магаза. Утре напладне ќе настапи и Иван Бејков-контрабас, член на Македонската филхармонија, македонски џез музичар кој е активен повеќе од 20 години како бенд лидер, но и како соработник на врвни џез музичари. Неговиот израз е фузија од конвенционални и авангардни елементи, рече Додовски.

Додаде дека во познатото македонско трио ќе настапи и Гоце Стевковски на тапани, кој е македонски џез музичар, кој е и член на Македонската опера и балет и професор на Музичката Академија на Универзитетот „Гоце Делчев“–Штип.

Претстојниот настан е дел од глобалната акција за прослава на Меѓународниот ден на џезот, кој вклучува над 1.000 настапи и концерти во повеќе од 190 држави во светот.

Главниот настан по повод Меѓународниот ден на џезот ќе се одржи во Белата Куќа во Вашингтон со настап на големите звезди Арета Фреклин, Стинг, Пат Метени, Диана Крал, Херби Хенкок и многу други, информираа од МКЦ-Битола.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*