Home / Интервјуа / Интервју со Наташа Петровска, кандидат за градоначалник на Битола: Битолчани се огорчени од состојбите, акламативно бараат промени

Интервју со Наташа Петровска, кандидат за градоначалник на Битола: Битолчани се огорчени од состојбите, акламативно бараат промени

Битолски весник: Се наоѓаме на неколку денови пред гласање за иден градоначалник на Битола. Какви се вашите впечатоци од досегашниот тек на кампањата?

Наташа Петровска: Кампањата ја реализиравме со големо задоволство, енергично и со многу дружење бидејќи на секој чекор наидувавме на многу пријатели и поддржувачи, со многу луѓе желни за промени, со битолчани од сите генерации кои цврсто ни ја стискаа раката, кои ни пружаа поддршка и порачаа дека промените во Битола се неопходно потребни. Бевме насекаде, имавме бројни покани од сите страни на градот кои се во исчекување на 15 октомври кога конечно Владимир Талески и официјално ќе биде сменет од градоначалничкото место. Промените ги сакаат сите. Младите и возрасните, бизнисмените и дуќанџиите, пензионерите, мажите и жените. Промени бараат екологистите и спортистите. Многу луѓе бараат промени, затоа што се незадоволни од тоа што се случува во Битола, од начинот како се водеше нашиот град повеќе од една деценија од еден човек поддржан од врхушката на ДПМНЕ.

Б.В: Во изминатиот период имавте бројни средби со граѓаните од разни возрасти и социјални категории. Можете ли да издвоите кои прашања најчесто Ви беа поставувани од граѓаните?

Н.П: Мојот бележник и бележникот на мојот тим, на моите соработници и советници од советничката листа, имаат бројни забелешки, пораки и идеи за разни прашања во градот. Очигледна беше консензуалната поддршка на граѓаните за укинувањето на екстерното тестирање и радиодифузната такса, воведувањето на евтината тарифа на струјата, но и зголемувањето на минималната плата. Од друга страна, се обврзавме дека нивната огорченост од состојбите во нашата општина ќе ја преточиме во решенија во нашиот мандатен период. За жал во 21 век ние и понатаму слушаме, но, и гледаме раскопани улици, нечист град, катастрофални влезови, нечисто речно корито, нечисти речни канали и предизвикувачи на поплави, заборавени и неподигнати контејнери кои како комунален проблем со подобра организација и пристап не би биле проблем. Ние слушнавме за катастрофалната финансиска ситуација на битолските училишта, за блокирани сметки, за неуредени и неосветлени училишни дворови, за запуштени тоалети и расипани чешми. Со посебно внимание како и сите,  ги слушнавме и родителите чии деца чекаат сместување во детска градинка, семејствата кои чекаат ред за сместување на нивни блиски во старски дом, ги слушнавме младите битолчани кои сакаат да спортуваат, или безбедно да возат велосипед, а нема каде. А, за проблемите со паркирањето и јавниот градски превоз, да не ви зборувам. Конечно, тоа што во секој разговор беше на прво место, тоа е борбата за чист воздух! Ете, со тоа се соочува нашиот град во 21 век. Тоа е Битола во 21 век која со ДПМНЕ продолжи да тапка в место.

Б.В: Сега, кога се наоѓаме на самиот крај на локалните избори, дали сте поголем оптимист за исходот на изборите?

Н.П: Исходот од изборите ќе биде одраз на желбите и барањата на битолчани. Талески заминува во историјата и жално е што тоа му се случуваше на нашите сограѓани. Јас бев оптимист од првиот ден, а тоа што го видов и слушнав само е потврда на мојата анализа. За мене е важно што оптимизмот не е личен, туку заеднички. Оптимисти се моите сопартијци, моите поддржувачи од коалициските партии, од Либерално демократската партија, од НСДП и Обединети за Македонија, од Партијата на пензионерите и Демократскиот сојуз, од ДОМ и од ВМРО НП, од сите партии на демократскиот блок, но уште повеќе оптимизмот доаѓа од граѓаните кои се политички неопределени, а на овие избори токму нам ни ја даваат нивната поддршка и глас. Впрочем, сите знаат дека единствен начин во Битола да се сменат Талески и политиките на ДПМНЕ е големиот излез на изборите, и победа со заокружување на бројот 19.

Б.В: Со кои проекти ја барате довербата од битолчани?

Н.П: Планот за живот во Битола содржи бројни проекти, изградба, преадаптација на нова зграда за Територијалната противпожарна единица, изградба на нов добиточен  пазар, но и забрзана реконструкција на централниот зелен пазар во Битола. Имаме посебна програма за развој на спортот и туризмот со цврст став за изградба на планинарскиот дом „Копанки”, формирање на еко-центар за млади, велосипедски патеки. Во програмата издвоивме три посебни проекти или капитални проекти. Првиот капитален проект е со цел директно да се справиме со фактот дека Битола е еден од најзагадените градови во  Република Македонија и Европа и дека проблемот со загадувањето на воздухот мора да се реши. Едно од тие решенија е гасификацијата на Битола, односно доведување на природен гас до секој дом, институција, претпријатие. Гасификацијата ќе помогне во намалувањето на аерозагадувањето, а паралелно ќе има позитивни финансиски импликации со намалувањето на трошоците за електрична енергија. Кај училиштата, со новиот начин на користење на енергијата ќе се овозможат директни заштеди на средствата, и истите ќе се пренаменуваат за реинвестиции, реконструкција или унапредување на нивната дејност. Вториот капитален проект е ревитализацијата на Офицерскиот дом. Ќе вложиме, за  никој повеќе да не помисли да го продава. Офицерскиот дом никогаш повеќе нема да биде на оглас, туку напротив ќе огласува натпревари на програми од областа на културата, програми на граѓанските организации кои токму во Офицерски дом ќе ги промовираат своите уметнички достигнувања, изложби, концерти, освоени награди и признанија. Третиот капитален проект го изработивме затоа што подолг временски период граѓаните, а посебно младите од Битола, укажуваат на потребата за мултифункционален спортски комплекс во кој што ќе се негуваат повеќе спортски содржини. Овој проект очекуваме да ги исполни желбите на нашите сограѓани кои сакаат да се занимаваат со пинг-понг, куглање, боди-билдинг, боречки спортови, бокс…, а ќе има и танцови школи, пилатес, фитнес. Убедена сум дека со овие содржини се обезбедува вистинска можност за да младите изберат здрав, спортски живот и да се спротистават на пороците на денешницата.

Б.В: Дали кога ја почнувавте вашата политичка кариера помислувавте дека ќе станете градоначалник на Битола?

Н.П: Кога политички се активирав, единствената желба и мотив ми беа да го ставам мојот капацитет и знаења во функција на граѓаните. Низ мојот политички активизам стекнав бројни пријатели и тоа ме прави побогата и посилна. Ветени политички функции во нашата партија нема, тоа го има кај политичките опоненти и затоа со години се задржуваат на едно место каков што е случајот со Талески кој 12 години е најдобриот избор на ДПМНЕ. На почетокот од мојата политичка кариера уште како член во месната организација од која потекнувам, а тоа е „Блаже Рогозинаро” секако дека незнаев како ќе се развива мојата политичка кариера, но од денешен аспект освен што сум задоволна од придонесот во политичките тела на СДСМ, освен што сум задоволна од мојот ангажман како координатор на советничката група на СДСМ во општинскиот Совет, туку сум дополнително мотивирана заедно со мојот тим, со голема посветеност да помогнеме Битола да не биде последна станица во државата и регионот.

Б.В: Долги години бевте советник во Советот на општина Битола. Како ја оценувате работата на Советот и на градоначалникот Владимир Талески?

Н.П:: Долги години Советот на општина Битола беше заложник на Талески. Наместо коректив на неговата работа, Советот во кој доминираше ДПМНЕ беше послушник на неговите наредби, чести хирови, самобендисаност и недемократичност. Има една и единствена оцена за работата на мнозинството во општинскиот Совет, односно ДПМНЕ која е незадоволителна. Сепак би нагласила дека во позициското мнозинство, повремено имаше и советници, за жал малку, кои се обидуваа да промовираат и поинаква политичка култура. Има една и единствена оцена за градоначалникот Талески и таа не може да се искаже со број, туку описно – што побрза смена, за да се намалат штетите направени во изминатиот период, за да се врати сјајот на градот, имиџот на градот кој сме го стекнале во минатото, а е срушен во последнава деценија

Б.В: Каква општина очекувате да наследите?

Н.П: На ова прашање не може лесно и брзо да се одговори, затоа што општината беше премногу затворена за јавни информации. Замислете ние како советници не можевме да добиеме информација или одговор за ниту едно прашање, а што да кажат другите наши сограѓани!? Ние оваа затворена кутија со еден клуч кој беше во рацете на еден човек, ќе ја отвориме целосно, а клучот ќе биде во рацете на битолчани. Граѓаните ќе знаат каде се трошат нивните пари, граѓаните ќе го креираат општинскиот буџет, граѓаните ќе ги креираат општинските политики. Локалната самоуправа ќе биде услужна општина за сите, ќе направиме моќни урбани и месни заедници со оплеменети катчиња, ќе ги остраниме сите ѕидови и пречки кои ДПМНЕ и Талески ги поставија во општинската администрација, јавните комунални претпријатија и другите институции што се во надлежност на локалната самоуправа.

Б.В: Кој ќе биде вашиот прв потег како нов градоначалник на Битола?

Н.П: Јавно ќе кажам дека општина Битола е на сите!

Б.В: Која е вашата порака во пресрет на 15 октомври?

Н.П: Драги мои битолчани, Ве повикувам масовно да излезете на гласање. Ве повикувам да гласате за СДСМ и Коалицијата и да го заокружите бројот 19. Со Вашиот глас победуваме! Имам тим, имаме прекрасна советничка листа со докажани професионалци. Доколку ми ја дадете довербата јас ќе бидам градоначалник на сите и за сите! Заедно можеме повеќе. Потребни се промени. Промени кои ќе овозможат Битола да ја водат луѓе ДОМАЌИНИ! Но промените никогаш не доаѓаат сами по себе. Промените сме сите ние! Заедно со Вас, драги мои сограѓани ќе направиме отворена општина, перспективна општина, среќно место за нашите деца. За Битола со љубов!

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*