Home / Политика / Бомбата на Заев како црешовото топче

Бомбата на Заев како црешовото топче

Иако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и натаму се труди да ја држи јавноста во исчекување да ја активира “бомбата”, а тој никако да го откачи фитилот и се оглушува на повикот на ВМРО -ДПМНЕ и лидерот Никола Гру-евски, конечно, да ја фрли “бомбата”, сепак, ако се суди по последните “пукотници” во јавноста, повеќе од јасно е дека “бомбата” на Заев веќе е детонирана, но засега “шрапнелите“  не ја погодија вистинската мета, премиерот Никола Груевски.

Напротив, може да се каже дека (де)активирањето на “бомбата” на Заев помина како крушевското црешово топче, кое веднаш, откако беше запален фитилот, се распадна.
Иако никој, освен тој и најблиските до него, засега не знае за каква “бомба” станува збор, сепак во јавноста веќе почнаа да излегуваат (дез)информации за полнежот на “бомбата”.
Не треба човек да е многу паметен за да не забележи дека детонирањето на “бомбата” на Заев почна од неделникот “Фокус”, кој во последниот број со темите кои ги објави, за наводната фабрика за производство на пасоши во некоја приватна куќа, или стан, и убиството кај Смиљковското Езеро, практично најави две теми, кои, според добро информирани извори, наводно, ги содржи “бомбата” на Заев.
Имено, во неделникот “Фокус”, во петокот, излезе ексклузивна информација, која, наводно, ја содржи “бомбата“  на Заев, која на неделникот им ја доставил граѓанин, дека постоела тајна фабрика за рачна изработка на пасоши.
Покрај информациите за тајната фабрика за печатење пасоши, анонимниот доставувач, наводно, му доставил и видео материјал од 45 секунди кој сведочел дека во куќа, или стан, тајно се изработувале пасоши. Оваа печатница, новинарот на “Фокус”, ја поврза со исчезнува-њето на АФИС системите за изработка на лични карти и пасоши.

Втората ексклузивна информација, која во петокот ја објави “Фокус”, а која деновиве може да се слушне во одредени наводно добро информирани извори, блиски на СДСМ, дека убиените момчиња кај Смиљковското Езеро пред две и пол години, биле жртви на политички интереси. Таквата констатација, “Фокус” ја темели на сведочењето на родителите на убиените деца, кои се сомневаат дека нивните информации говорат дека велигденскиот масакар кај Смиљковското Езеро бил извршен од политички причини и дека пред лицето на правдата за овој масакар не се вистинските убијци.

Тие мислат дури дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја знае вистината за убиството на момчињата во случајот “Монструм”, но зошто молчи не им е познато.

Иако,  ваквите (дез)информации, пласирани во неделникот “Фокус” предизвикаа интерес кај јавноста, сепак, брзо беа демантирани од страна на МВР, кое тврди дека пасошите на Република Македонија се едни од најбезбедните и дека досега не е за-бележано некој да бил фатен со фалсификуван македонски пасош.
-Доколку “Фокус” располага со такви информации потребно е истите да ги достави до МВР, нагласи министерката Јанкуловска.
Случајот со “бомбата” на Заев се претвори во шпанска серија, чиј епилог засега не се наѕира.
Обвинувајќи се едни со други за нивната нервоза, двете најголеми партии, со пинг-понг играта околу наводната “бомба”, се повеќе ја нервираат македонската јавност, која веќе подолго време е преокупирана околу “бомбата” на Заев и нејзиното (де)активирање.
Случајот со “бомбата” навистина веќе добива трагикомични димензии. Без да навлегуваме во тоа дали Заев има “бомба“  и што содржи истата, никој не му дава право на Заев да ја држи целата нација во исчекување кога таа ќе биде (де)активирана. Ако е точно тоа дека “бомбата”, наводно, содржи такви докази од кои по нејзиното “експлодирање“, веднаш премиерот Никола Груевски ќе мора да си поднесе неотповиклива оставка, а Македонија ќе се срами за тоа што тој го направил, тогаш обвинувањата се навистина сериозни.

А бидејќи тие не се само сериозни, туку и опасни, никој не му дава за право на Заев со таквите докази да си игра не само со личноста на премиерот Груевски и неговиот кабинет, туку и со граѓаните на оваа држава.
Што ако се покаже дека “бомбата”, која, наводно, ја поседува Заев, не содржи никаков компромитирачки материјал за премиерот и дека тоа се некои “докази” кои немаат никаква компромитирачка содржина? Или што ако Заев одлучи никогаш да не ја активира “бомбата”? Дали македонската јавност цел тој период ќе живее во исчекување Заев да се смислува да ја активира “бомбата”? Кој ќе сноси одговорност за тоа што тој со месеци ја држеше јавноста во заложништво дека поседува “бомба” со компромитирачки докази за Груевски, од кои треба сите ние да се срамиме во државата? Што ако Груевски во меѓувреме ги скрие, или уништи доказите, кои ги поседува Заев, или пак тој се испазари со премиерот за да не ги објави доказите кои ги поседува во “бомбата”?
Една таква “бомба” на Заев, со Македонска банка видовме како експлодира. Наместо Груевски, од нејзината “експлозија“  се “разнесе” самиот Заев, кој доживеа таков удар, неговите сведоци да сведочат против него.

Дали и оваа “бомба“, која сега ја поседува, ќе биде со слична “детонација“  останува да се види.

Засега неуверливи се и шпекулациите на Заев и неговите први соработници дека веднаш по “експлозијата” на “бомбата“ , која тој ќе ја активира, Ахмети ќе фати “џаде” и ќе се откаже од Груевски, по што сигурно ќе се растури коалицијата и ќе падне Владата.
Времето покажа дека “бракот” од интерес меѓу Груевски и Ахмети е многу поцврст отколку што мисли тој, или Тито Петковски. А настрана тоа што ако си оди Ахмети, Тачи и ДПА со нетрпение чекаат да влезат во власта.
Затоа, ако Заев веќе ја има “бомбата“  или нека ја “активира“, или што побрзо нека ја деактивира, бидејќи може да се случи таа да му “пукне“ во неговите раце.
Заев не е Николетина Бурсач. Во случајот тој наликува на бомбаш-самоубиец, кој не само својата партија, туку и сите нас не држи во заложништво, постојано заканувајќи ни се дека откако тој ќе се смилува да ја активира “бомбата”, власта ќе замине во пеколот, а ние сите заедно со него во рајот.

Притоа како да заборава дека при секоја експлозија на бомба покрај виновниците гинат и други, најчесто невини (цивилни) жртви. А во изминатите години поради таквите политики во државата паднаа доста невини жртви.

 

 

 

Автор:  М.Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*