Home / Свет / Британските бизнисмени предупредуваат за брегзит без договор

Британските бизнисмени предупредуваат за брегзит без договор

Британските стопански комори ги критикуваа политичарите зашто се фоксуираат на меѓусебни пресметки наместо да се подготвуваат за процесот на излегување на државата од ЕУ, предупредувајќи дека нема доволно време да се спроведе сценариото на брегзит без договор, јави Би-би-си.

Британија вчера одбележа симболични 100 дена од датумот на официјално збогување со ЕУ на 29 март 2019 година. Стопанските комори, кои претставуваат илјадници фирми во Британија, велат дека „со ужас“ гледаат на политичките расправии во парламентот. Британската премиерка Тереза Меј неодамна договори спогодба за развод со ЕУ, но наиде на жестоки реакции од пратениците, кои мора да ја поддржат за да стапи во сила. Откако увиде дека нема да добие поддршка во парламентот, Меј реши да го одложи гласањето за неа и најави дека Владата се подготвува за сценарио на брегзит без договор. Таа исто така соопшти дека испратила писма до 140.000 компании да почнат да се подготвуваат за евентуален брегзит без договор ако Британија и ЕУ не успеат да ги усогласат идните односи. Повеќе британски фирми нагласуваат дека се подготвени да инвестираат во други членки во ЕУ ако не се постигне договор.

Во меѓувреме, Европската комисија почна да ја објавува легислативата што е потребна за привремено да се обезбеди континуитет во осум области, како на пример царините или правата на Британците што живеат во ЕУ. Ако не се постигне договор за брегзит, тие ќе важат од моментот кога Британија ќе излезе од ЕУ, 29 март, до крајот на 2019 година. И Лондон и Брисел нагласуваат дека брегзит без договор е најлошо сценарио за обете страни.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*