Home / Градска хроника / Д-р Марјан Танушевски претседател на Лајонс клубот- Битола

Д-р Марјан Танушевски претседател на Лајонс клубот- Битола

Д-р Марјан Танушевски, дописник на државната агенција МИА, неодамна беше избран за претседател на Лајонс клубот Битола, како и за член на Кабинетот на Дистриктот 132 Лајонс Македонија, задолжен за односи со јавноста во текот на 2014 /2015 година. Според востановената практика, секој новоизбран претседател на Лајонс клубот, во својата програма за работа, треба да реализира и личен имиџ-проект, кој станува имиџ-проект на клубот и кој се остварува во текот на целата фискална година.

Според зборовите на новоизбраниот претседател на Лајонс клубот Битола, д-р Марјан Танушевски, во оваа фискална година, имиџ-проектот на ЛК Битола се вика “Прочитај, предложи, подари книга“.

Инаку Лајонс клубот Битола, неодамна поведе иницијатива за збратимување со соодветен лајонс клуб од Унгарија. Ваквата иницијатива му беше образложена на амбасадорот на Унгарија во Република Македонија н.е. Јозеф Бенце, кој со задоволство ја прифати идејата и препорача дека битолските “лајонси“ ќе можат да соработуваат со некој од клубовите во Будимпешта, или друг унгарски град. На средбата со унгарскиот амбасадор учествуваа и Сашо Јанакиевски, член на Лајонс клубот Битола и воедно почесен конзул на Унгарија во Република Македонија, како и Александар Стојановски, член на Лајонс клубот Битола, задолжен за меѓународна соработка во клубот. За време на средбата во Битола, Танушевски го запозна унгарскиот амбасадор Бенце со програмата за работа на клубот и со имиџ-проектот “Прочитај, предложи, подари книга“ и притоа двајцата соговорници разменија авторски книги.

Амбасадорот Јозеф Бенце на Танушевски му ја подари авторската збирка поезија “Ѕвезда на љубовта“, додека претседателот на ЛК Битола д-р Марјан Танушевски на амбасадорот Бенце му го подари англиското издание од книгата “Лобирање во локалната самоуправа“, чиј издавач е Македонското научно друштво – Битола.
Инаку, соработката на ЛК Битола со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија почна минатата година, кога Амбасадата на таа држава беше партнер во организацијата на традиционалниот “Црно-бел бал“ што се одржа во Битола.

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*