Home / Вести / Договор за подобрување на јавната безбедност

Договор за подобрување на јавната безбедност

                         

Како дел од проектот „Кон транспарентна, отчетна и инклузивна полиција“, имплементиран од Центарот за европски стратегии „Евротинк“, финансиски поддржан од Националниот Фонд за Демократија од Соединетите Американски Држави, денес во општина Битола се одржа јавна дискусија.

На настанот беа презентирани клучни наоди од проектот  за институционалните предизвици за имплементирање на одржливи политики насочени кон подобрување на полицискиот интегритет, вклучително и студии кои обезбедуваат практични препораки и патоказ кон потранспарентно, отчетно и инклузивно работење. Општина Битола, беше претставена како позитивен пример на општина во која е формиран локален совет за превенција, како и општина која брзо и навремено постапува по однос на барањата за пристап до информации од јавен карактер, што е особено важно во спроведувањето на препораките кои произлегуваат од направените анализи.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски информираше за поддршката која ја обезбедува општина Битола и работата на локалниот совет за превенција:

-Како локална самоуправа, која се залага за активното, транспарентно и отчетно делување, а од друга страна и обезбедување на сигурност и безбедност на граѓаните, од особена важност за нас е заедничкото делување со сите релевантни чинители во заедницата. Токму затоа и локалниот совет за превенција во Општина Битола, со одлука на Советот е формиран како советодавно и координативно тело, заради остварување на соработката и зацврстување на влијанието на јавноста во работата на полицијата.Ваквата одлука произлегува и од нашата законска обврска согласно Законот за локална самоуправа и Статутот на општината, но и согласно пропишаното со Законот за полиција.Локалниот совет за превенција на општина Битола, има за цел да се изградат заеднички препораки за подобрување на јавната безбедност на подрачјето на општината, градење доверба и партнерски однос во превенирањето на појавите кои влијаат на безбедноста. Во локалниот совет за превенција на Општина Битола, членуваат вкупно 23 членови, претставници на локалната и централната власт, како и претставници на други владини и невладини организаци, а сите заедно преку синхронизирано делување, можеме да придонесе многу повеќе за да се изградат заеднички препораки за подобрување на јавната безбедност на подрачјето на општината, но и да се работи на градење доверба и партнерски односи во превенирањето на појавите што влијаат на безбедноста, рече во своето обраќање градоначалникот Тони Коњановски.

Главната цел на проектот „Кон транспарентна, отчетна и инклузивна полиција“ е да придонесе кон подобрување на јавното мислење и разбирање во однос на транспарентноста и отчетноста на полициската организација, преку зголемен степен на надзор и дијалог со цел подобрено носење и спроведување на политики кои ја засегаат јавната безбедност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*