Home / Вести / Едночасовна блокада на патот Новаци – РЕК „Битола” по сообраќајката во која настрада жител на Новаци

Едночасовна блокада на патот Новаци – РЕК „Битола” по сообраќајката во која настрада жител на Новаци

Жителите на Општина Новаци организираа предупредувачки протест со блокада на патот Новаци РЕК „Битола” во којшто го искажаа својот револт за тешката сообраќајна несреќа што се случи во петокот, во која смртно настрада жител на Новаци, на возраст од 71 година кој возејќи трактор беше удрен од тешко товарно возило кое се движело на овој пат.

-Иницијатори на овој протест сме ние младите од Општина Новаци коишто сме револтирани и незадоволни од сето тоа што се случува во последниот период и особено по трагичниот настан во којшто загина нашиот жител. Нашиот соселанец го загуби животот по сообраќајката што се случи во петокот, кога камион налета на тракторот со кој управуваше нашиот соселанец кого во текот на вчерашниот ден го погребавме. Пред некој ден само на неколку метри оттука беше удрено мало дете кое си возеше велосипед. Ние како жители на Новаци секој ден сме изложени на опасност од густиот сообраќај на лесни и тешки товарни возила кои поминуваат по овој пат. Камионите што се движат од и кон РЕК „Битола” и носат јаглен, не се дижат прописно туку возат со поголема брзина и затоа нашите животи се загрозени. Со овој протест ние покрај тоа што сакаме да го изразиме нашиот револт, бараме да се забрза постапката за изградба на алтернативен пат околу селото и од надлежните бараме поставување на соодветна светлосна сообраќајна хоризонтална и вертикална сигнализација и ротирачки камери што ќе бележат со колкава брзина се движат камионите. Воедно, бараме да се постават и редовни полициски контроли- изјави Даниел Петревски еден од иницијаторите за протестот.

Сузана Талевска снаа на починатиот жител на Новаци која беше на протестот со доста емоции побара да се прифатат барањата на жителите на Новаци и конечно да се стави ред во сообраќајниот хаос што се случува на патот Новаци-РЕК „Битола”.

-Овој проблем што ни се случува во центарот на Новаци не е од вчера. Мора да се стави ред бидејќи дневно по овој пат се движат над 200 тешки товарни возила товарени со јаглен, истакна на протестот градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски.

Институциите коишто одлучиле на овој начин да ги обезбедуваат термоелектраните со јаглен, требало да размислуваат да најдат алтернативно сообраќајно решение. Како градоначалник на Општина Новаци ќе се заложам во иднина да се изгради нова сообраќајница која ќе ги поврзува Битола со РЕК и би се избегнало тешките товарни возила да се движат низ Новаци- истакна на протестот градоначалникот Стевановски.

Во врска со протестот на жителите на Новаци, од АД ЕСМ излегоа со официјално соопштение во кое стои:

-Целосно ја разбираме загриженоста на жителите на Новаци за безбедноста во сообраќајот кој се одвива по регионалниот пат кој минува низ селото. Последниот трагичен настан во кој настрада жител на Новаци мора да биде навистина последен. Изразуваме длабоко жалење и сочуство до семејството на настраданиот.

РЕК „Битола” презеде конкретни чекори и оствари средба со економските оператори кои вршат транспорт на јаглен во Комбинатот на која беше подвлечено дека безбедноста на граѓаните е приоритет. Комбинатот ќе направи се што е во рамките на неговите можности за да се спречат слични појави во иднина.

Апелираме до жителите на Новаци кои секојдневно го користат регионалниот пат Новаци – Битола, како и до сите учесници во сообраќајот на овај патен правец, да се придржуваат кон поставената сообраќајна сигнализација, како и кон условите на патот.

Благодарни сме за постојаниот ангажман на македонската полиција која често го контролира движењето на возилата на оваа делница и ги охрабруваме полицајците уште почесто и уште поригорозно да ги санкционираат несовесните возачи.

РЕК „Битола” е партнер на локалната заедница на село Новаци повеќе од 40 години и претставува не само најголем извор на електрична енергија во државата, туку и извор на егзистенција и на живот за новачани. Убедени сме дека со заеднички сили ќе го надминеме и овој предизвик-стои во соопштението на АД ЕСМ.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*