Home / Спорт / ФФМ и Општината Битола ќе го реконструираат стадионот “Под Тумбе Кафе“

ФФМ и Општината Битола ќе го реконструираат стадионот “Под Тумбе Кафе“

Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески и претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски, денеска во општина Битола потпишаа договор за регулирање на меѓусебните односи при изведување на работи, реконструкција на фудбалски стадион и ревитализација на игралиштето во склоп на стадионот, како и поставување на рефлекторско осветлување.

ffm 6

Согласно потпишаниот договор, на фудбалскиот стадион „Под Тумбе кафе” во Битола ќе биде извршена реконструкција на теренот и поставена природна трева, и исто така ќе бидат поставени рефлектори за ноќни фудбалски натпревари.

-Станува збор за проект на УЕФА од програмата „Хет-трик четири” кој овозможува поставување природна трева на теренот според стандардите на УЕФА. Минатата недела, стручно лице од УЕФА во Битола изврши стручна анализа на теренот и ќе даде насоки за реализацијата на овој инфраструктурен зафат на теренот и поставувањето на рефлекторите, изјави Ѓорѓиоски.

Вредноста на проектот е околу 800.000 евра, средства кои ги обезбеди ФФМ. Општина Битола, ќе го заврши останатиот дел од реконструкцијата на стадионот „Под Тумбе Кафе”, нагласи градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

ffm 1

-Стадионот во Битола за нас е посебна грижа, а добро е тоа што и за ФФМ стана приоритет. Ова е покрупен чекор што го правиме заедно со ФФМ, односно реконструкција на теренот и електрификација на стадионот. Ние имаме и проект за реконструкција и доизградба на стадионот за 12.000 гледачи и очекуваме деновиве заинтересираните фирми за изградба на стадионот да го соопштат нивниот интерес, а потоа ќе распишеме оглас за јавно приватно партнерство-рече градоначалникот Талески.
Попладнево во спортската сала „Младост” во Битола, во соработка на општина Битола и ФФМ ќе се одржи хуманитарен фудбалски натпревар и концерт, а собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*