Home / Вести / Идната недела пристигнуваат 500.000 маски

Идната недела пристигнуваат 500.000 маски

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на редовната прес-конференција за состојбата со коронавирусот во земјава, информираше дека во текот на следната недела како донација треба да пристигнат 500 илјади маски и 20 илјади тестови, како и реагенси за тестирање на вирусот.
„Денеска имав состанок со амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, на којашто и се заблагодарив за поддршката што во изминатиот период ја даваа за осовременување на лабораторијата во Институтот за јавно здравје и сега таа е централна институција во нашата земја, во којашто се вршат тестирања, многу значајни во овој момент за државава. Добивме одговор и од повеќе донатори преку норвешката влада за респираторни машини, тие на почетокот на април ги очекуваме во нашата земја.
 Дополнително, одговор најавуваат и од амбасадата на Кина, една донација која ние ја побаравме веќе пред неколку недели и најавија претставниците на Амбасадата дека во следните денови ќе добиеме дефинитивен одговор. Во текот на следната недела како донација треба да пристигнат и 500.000 маски и 20.000 тестови-реагенси за тестирање на вирусот“, потенцираше министерот Филипче.

На прес-конференцијата министерот Филипче информираше за состојбата со КОВИД-19. Регистрирани се 24 нови случаи на пациенти со коронавирусот по градови: Скопје 15, Куманово 4, Дебар 2, Охрид 1, Штип 1, и 1 во Тетово. Има уште еден пациент поврзан со Кожната клиника во Скопје. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска до 12 часот изнесува 201 лице. Според местото на живеење пациенти со коронавирус се регистрирани во Скопје, Дебар, Куманово, Штип, Велес, Охрид, Кавадарци, Прилеп, Гостивар и Тетово.
„На Клиниката за инфективни болести веќе е испишан еден пациент од Дебар, тој е пратен на домашно лекување, во добра општа состојба со два негативни последователни теста и се подготвува исписот на уште една пациентка од Скопје, која исто така има два последователни негативни теста и согласно општата состојба ќе биде испратена на домашно лекување. Со ова, во нашата земја имаме тројца излекувани пациенти и тројца починати. Добра е состојбата и на пациентите во Штип, без некоја тешка манифестација на формата на болеста“, рече министерот Филипче.

Филипче информираше дека нашата земја, во текот на вчерашниот ден, беше примена и во голема студија за избор на најсоодветна терапија кај пациенти заболени од Ковид-19, наречена „Солидарност“.
„Студијата ја води Светската здравствена организација и во неа се вклучени повеќе земји. Станува збор за мултицентрична студија во која се анализираат резултатите од повеќе пристапи во лекувањето, имајќи предвид дека сите терапии во овој момент како што најавивме во неколку наврати досега се „off label“, односно треба да се завршат клинички студии. Но веќе се влезени во препораките на повеќе земји, имајќи во предвид дека веќе дале добри резултати кај одредени групи пациенти, согласно тоа, комбинацијата на лекови којашто ние почнавме да ја даваме веќе се аплицира на нашата клиника. Сите пациенти се анализирани и кардиолошки се евалуирани, каде е потребно индицирано се вклучува терапија, кај луѓето коишто се во болница и кај кои може да се даде согласно проценката на специјалистите по инфективна медицина“, изјави министерот Филипче.
Тој посочи дека во текот на следните ден-два ќе се спроведе детален преглед и тестирање и на лицата кои се затекнаа во областа на Дебар. Сега поминува 14-дневниот карантин, значи тие по соодветното тестирање ќе бидат пуштени дома, во другите градови каде што живеат со оглед на тоа што истече периодот на инкубација.

„Во тек е и онлајн тренингот на здравствени работници со помош на „Brown“ Универзитетот од САД. Вклучени се 20 доктори, 20 медицински сестри и тие се обучуваат да бидат тренери за искуствата во однос на лекувањето на овие пациенти од секој аспект, прием, тријажа, проценка, пристап, итн. Благодарејќи на експертите од САД и Универзитетот, овие луѓе ќе бидат обучени после да го пренесат знаењето и на своите колеги, не само во институциите тука во Скопје, туку и ширум државата во сите ЈЗУ каде има персонал кој може да дојде во контакт со овие пациенти“, информираше министерот Филипче.
Тој додаде дека во болницата во Куманово, денеска, престојувал и наш експерт, професор од Инфективната клиника во Скопје, кој детално разговарал со лекарите од инфективното одделение и менаџментот на болницата.
„Разговарано беше за начинот на третман и прием на пациентите, организација на работа, делот за изолација, имајќи во предвид дека тука веќе има дијагностицирани асимптоматски здравствени работници. Во текот на утрешниот ден целосно ќе биде завршена анализата и согласно тоа и стратегијата за лекување. Куманово ќе биде еден од првите градови во кои ќе се зголеми бројот на тестирања по мобилен пат“, истакна министерот за здравство Филипче најавувајќи дека сето ова ќе започне следната недела.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*