Home / Вести / Или да се деблокира Собранието или вонредна состојба

Или да се деблокира Собранието или вонредна состојба

Поради исклучително сложената и тешка здравствена состојба, немање на вакцини за имунизација на населението, како и последиците по бизнисот, укажувам на потребата Парламентот веднаш да профункционира, во спротивно се повеќе се јакнат идеите за прогласување на вонредна состојба, вели лидерот на партијата Демократски сојуз (ДС), Павле Трајанов.

– Предлагам, уште денес Талат Џафери, да свика координација на сите пратенички групи и независни пратеници, на која ќе се утврдат врвните приоритети за кои треба да заседава Парламентот. Треба да се дефинираат кои се приоритетни закони, посебно оние кои се во функција на заштита на здравјето на граѓаните, спречување на ширење на вирусот и обезбедување на вакцини, како и законите со кои се предвидуваат мерки за поддршка на фирмите кои трпат последици од пандемијата, финансиска помош на бројните самостојни уметници, музичари, спортисти, како и помош на ранливите категории на население, невработените итн – нагласува Трајанов.

Според него, со воведување на вонредна состојба дополнително ќе се усложнат состојбите, ќе се ограничат правата и слободите на граѓаните, ќе колабира бизнисот, ќе се отворат можности за висока корупција и сето тоа, како што вели, негативно ќе се одрази на социјалниот живот и менталното здравје на граѓаните.

Лидерот на ДС додава дека неговата партија е против воведување на вонредна состојба и повикува на разумно и рационално однесување на сите партии и пратеници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*