Home / Вести / Инспекторите ги тресат фирмите кои ги злоупотребиле парите на државата за помош на работниците

Инспекторите ги тресат фирмите кои ги злоупотребиле парите на државата за помош на работниците

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска и директорката на Државниот инспекторат за труд Јована Тренчевска на денешната прес-конференција информираа за заедничките контроли што ги спроведоа УЈП и ДИТ врз работодавачи на кои им била исплатена финансиска поддршка за исплата на плати и истите не ја префрлиле на сметката на работниците за исплата на плати. Лукаревска информираше дека УЈП и ДИТ уште во декември 2020 почнаа со координирани контроли кај овие даночни обврзници при што како критериум бил земен износот на добиена финансиска поддршка, бројот на вработени, обврзници кои немаат исплатено плата повеќе од еден месец и обврзници за кои се добиени пријави за неправилности во однос на исплата на плата. УЈП изврши контроли кај 60 даночни обврзници од дејностите : подготовка на оброци и служење на храна, изградба на згради, копнен транспорт и цевоводен транспорт, објекти за сместување, производствена дејност, трговија на мало, туристички агенции, градежништво итн. Од спроведените контроли УЈП утврди дека кај 16 даночни обврзници е констатирано неисполнување на условот за добивање на финансиска поддршка во однос на намалување на приходите за одредени месеци, кај седум даночни обврзници е намален бројот на вработени по месецот во кои е одобрена финансиска поддршка, од кои еден даночен обврзник веќе имал извршено враќање на добиената финансиска поддршка, кај двајца даночни обврзници е констатирано неисполнување на условот за добивање на финансиска поддршка во однос на намалување на приходот и по однос на намалување на вработените кое е поголемо од предвиденото во Уредбата и Законот.

Лукаревска посочи дека работодавачите имаат обврска согласно уредбата, т.е. законот да ги вратат добиените финансиски средства во целост, заедно со камата согласно со Законот за даночната постапка, доколку по извршена контрола од страна на УЈП и/или ДИТ се утврди дека не ги исполниле пропишаните условите. Работодавачот – корисник на финансиска поддршка кој дал Изјава за исполнетоста на условите за користење на финансиска поддршка, а не ги исполнил условите, ќе се применуваат одредбите од Кривичниот законик. Управата за јавни приходи соработува со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, со цел нивно понатамошно постапување, односно покренување на кривична постапка. Кај двајца даночни обврзници, УЈП се соочува со несоработка од страна на обврзникот и одговорните лица, поради што постапката е насочена до Управата за финансиска полиција. Кај истите овие обврзници, спроведени се контроли од страна на ДИТ за неисплатени плати на работниците.

Лукаревска рече и дека кај 11 даночни обврзници од текстилната и чевларска индустрија, како и обврзници кои се занимаваат со продажба на кондиторски производи во тек е спроведување на насочени контроли по основ на данок на добивка, ДДВ и данок на личен доход, поради утврдени одредени отстапувања во податоците од даночните пријави и годишната сметка. Контролите на даноци се спроведуваат за изминатите пет години. Директорката повторно го потенцираше механизмот на УЈП односно присилната наплата, како и контролниот механизам, вклучувајќи ги и координираните контроли со ДИТ и дојавата до други надлежни институции, се во насока на враќање на средствата од злоупотребата на државна помош и изрекување на казни за сторителите т.е. управителите за сторените злоупотреби.

Директорката на Државниот инспекторат за труд рече дека ДИТ спроведе 74 надзори кај исто толку правни субјекти, а надзори спровеле и во десет текстилни фабрики. Предмет на надзорите на ДИТ било тоа дали работодавачите им исплатиле плата и придонеси од плата на работниците (согласно чл.109 од Законот за работни односи) и дали исплатената плата е во износ на утврдената минимална плата утврдена со закон и утврдената основна плата во договорите за вработување (чл.107 од ЗРО и чл.2 од Законот за минимална плата).

Тренчевска посочи дека неправилности имало кај 41 работодавач, за што се донесени решенија со опомена-работодавачите да ги отстранат утврдените неправилности. Овие неправилности се однесуваа на неисплатена плата и придонеси од плата на работниците во рокот утврден во Закон за работни односи (најдоцна по истекот на 15 дена) како и доплата на плата до износот на минималната плата кај оние работодавачи кои исплатиле плата во износ понизок од утврдената минимална плата, утврдена со Законот за минимална плата (14.943,00 денари). По спроведените 17 контролни инспекциски надзори се утврди дека десет работодавачи постапиле по донесените решенија и ја отстраниле неправилноста, односно им исплатиле плата на работниците, шест работодавачи не постапиле по решението за опомена за што е изречена инспекциска мерка – решение со наредба согласно одредбите од ЗРО и даден е рок за постапување, а кај еден работодавач кој не постапил по решението со наредба изречена е глоба и издаден прекршочен платен налог ( микро правен субјект до десет вработени 200 евра за одговорното правно лице и 150 за одговорното лице во правното лице).

Тренчевска нагласи дека, спроведените контроли имаат превентивен ефект, што може да се констатира и од намалениот број на утврдени неправилности при инспекциските надзори, што значи дека превенцијата и зачестените инспекциски надзори доведоа до поголема одговорност кај работодавачите во почитувањето на законските одредби. За жал, сѐ уште има работодавачи кои не ги почитуваат законите а со тоа ги кршат работничките права. Државниот инспекторат за труд и во наредниот период ќе спроведува интензивни инспекциски надзори, и ќе бидат санкционирани сите оние работодавачи кои не ги почитуваат законските одредби.

„Исто така ќе продолжиме со координираните акции со УЈП со цел платите на вработените, редовно и согласно закон да се исплаќаат како едно од основните права од работен однос“, рече Тренчевска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*