Home / Интервјуа / Интегра ја држи надежта на нацијата

Интегра ја држи надежта на нацијата

       

Битолски весник: Професоре Ристовски каква е вашата оценка за актуелниот политички момент во Македонија?

Љупчо Ристовски: Изразито негативна. Актуелниот политички момент е резултанта на 30-годишното назадување на вкупните општествени процеси, пред сѐ поради неспретноста, криминогеноста и неукоста на политичките гарнитури на власт тие 30 години. Македонија се соочува со сериозно незнаење во политиката, таа стана сваштарска професија со која  мислат дека можат да се занимаваат ѝ кој треба ѝ кој не треба.        Двете политички партии од македонскиот блок, а кои јас ги нарекувам злокобни партии, веќе 30 години се натпреваруваат меѓу себе која може да нурне подлабоко кон дното. Во тој нивни натпревар кој повеке да го искраде и да го разграби народот, тие се мошне успешни.

Околу  30-тина милијарди украдени пари и злокобта во владеењето од страна на тие две партии ни ја одзедоа нашата младост, можеби најубавиот период од нашите животи, ни ја одзедоа егзистенцијата како народ, ни го одзедоа потомството и го вјармија да работи за туѓи бели дворови, ни ја одзедоа перспективата за пристоен живот, ни ја одзедоа радоста од нашите срца и насмевките од нашите лица.

Оттука, оценката не може и не смее да биде преодна. Искрено, се чувствувам мизерно од дострелот на понудените партиски програми во македонскиот политички блок во тие 30 години, кои основно не успеаа да се справат со заканите и предизвиците, ниту пак понудија извесна визија и перспектива за квалитетно живеење.

Татковината како никогаш досега, се наоѓа на дното на достигнувањата споредено со државите на планетата земја. Скоро на сите валидни мерења и истражувања, Македонија покажува симптоматична неумесност за справување со уметноста на водење држава. Слободата ја изрелативизираа до степен на непрепознатливост на нејзиното огромно значење, особено за творечкиот потенцијал на нацијата да дојде до полн израз.

Но, и болно опасната ситуација на детериорирање на македонските национални интереси во својата татковиина и исчезнувањето на македонското од татковиината Македонија, сѐ се тоа маркери кои упатуваат на целосен распад на системот, во најава. И сето ова е силна материјална аргументација во полза на мојата негативна оценка, од почетокот на овој одговор.

        Б.В: Дали сметате дека процесите на назадување се забрзаа со потпишувањето на Преспанската спогодба?

        Љ.Р: Апсолутно да.Преспанската спогодба е плод на т.н. затруено дрво (м.з. д-р Марјан Попески). Со спогодбата се отвори и т.н. Пандорина кутија и испливаа на површината злите духови на екстремизмите на официјална Атина и Софија, но и на внатрешен план особено со екстремизмите кај албанската етничка заедница во Македонија.

Флагрантни се сите обиди и постапки со силна доза на политичка злокоб во нив, насочени кон Македонскиот народ, како клучен носител на политичката сувереност на територијата која е Република Македонија. Непримерена беше и целата пресија врз македонската јавност да се примени и прифати новото решение за името и за домашна, внатрешна употреба во правно политичкиот поредок на Македонија. Јас сум убеден дека никој од меѓународната заедница, чинот на внатрешна промена на уставното име, го немаше побарано во таква дрска форма. Убеден сум дека е истата производ на дрско и безобразно велепредавничко, јаничарско, поданичко однесување на владата на СДС*. Грција не очекуваше, дури не помислуваше ни на сон дека е воопшто можно да побара промената на името на државата Македонија да важи и за внатрешна употреба во Македонија. Двете Резолуции на ОН, 817 и 845, јасно го дефинираа мандатот на разговорите (дури не беа третирани како преговори), односно беа ограничени само за сите употреби, во рамките на системот на ОН, но не и за внатрешна употреба во правно политичкиот поредок во Македонија.

Таквиот поданички апизмент однос на владата на СДС* ке остане запаметен во светската историја и уставотворни практики како најцрната точка на планетата земја.

Дополнително што целиот процес беше изведен наспроти јасниот маркер на Референдумот од 30 септември, кога иако консултативен, Македонскиот народ даде јасно до знаење преку неисполнување на бараниот со закон цензус, наспроти силниот меѓународен притисок при посетите на меѓународните авторитети, дека не се согласува за уставните промени и ново име и за внатрешна употреба. Исто така, процесот беше изведен и со драконско кршење на владеењето на правото како врховен принцип во правниот поредок, на начин што дел од нив без извадени од притвор и им беше грантирана слобода, мислам на пратениците од ДП*НЕ, кои се согласија да гласаат во Собранието за Уставните промени и новото име “Северна”. Сето ова укажува на злокоб на јавна сцена, на извитоперување на демократијата како доблесен политички систем, на погазување на правните принципи на владеењето на правото и на вештачки реинженеринг на Уставот на татковината Македонија. Оттука сѐ што е вештачки внесено во Уставот, вештачки и ќе отпадне и ќе се вгнезди таму каде  што му е местото, во историјата на заблудите и велепредавствата на модерните домашни квинслизи.

        Б.В: Која е вашата проценка за излезните решенија од ваквата политичка констелација?

 Има ли воопшто излез?

Љ.Р: Има секако. ИНТЕГРА постои за да ја држи надежта на нацијата на одржливо ниво. Ние на политичката сцена во Македонија сме барометарот за вредностите, доблеста и интегритетот во политиката. Но, да одиме со ред.

Сѐ што било проблем досега, ќе мора да го изместиме од сцената и да го испратиме во “последните клупи” на политичкиот систем. Имено, двете злокобни партии СДС* и ДП*НЕ се извор на сето зло за нацијата и татковината Македонија сиве овие изминати 30 години, тие се причината за сиромаштијата во Македонија, за наведнатите глави и свиената кичма на македонскиот народ, тие се изворот на сериозно длабоките раздори помеѓу браќа, тие го раскрвавеа македонското национално ткиво и го ставија на смртна постела македонскиот национален организам, со своите погубни политики за времетраењето на целиот период на независнот на Македонија, со ненаситниот граблив менталитет и со назадните идеологии од 19-от век: марксистичко-ленинистичко-сталинистичко-комунистичко-социјалистичка идеологија на СДС* и револуционерната, граблива, мегаломанска, одродена идеологија на ДП*НЕ.

Второ, двете Спогодби кои во своите основи се проблем и генерираат проблеми, таа од Преспа со Грција и таа со Бугарија ќе мора да ги дисквалификуваме од правно-политичкиот поредок на државата Македонија. Првата поради загрозување на правото на самоопределување на мојот народ да се нарекува Македонски, а втората поради загрозеното право на постоење на мојот народ како Македонски, во етнички контекст, народ кој говори Македонски јазик, кој има своја македонска историја, култура и духовност, уште од дамнина, дури и од древни времиња. Аргумент плус е ѝ заеднички именител на екстремизмите на Атина и Софија, а тоа е дека тие се извор на загрозеното право на државотворност и остварен политички суверенитет над теритоијата која е Република Македонија, од страна на Македонскиот народ. Таквото право е стекнато право со Конференцијата на Јалта од февруари 1945 година, ѝ е заслуга на исправната одлука да сме на страната на антифасистичката коалиција од Втората светска војна, а против фашистичкиот троен пакт и е бетонирано во Уставот на ФНРЈ од 1946 година, како и со Рефрендумот од 1991 година и Уставот на самостојна и независна Македонија.

Истовремено, Македонија ќе мора да влезе во радикален пресврт на политичката сцена со соборување на владата на СДС*, а за што базичната одговорност е во парламентарната и вонпарламентарната опозиција од т.н. татковински патриотски блок. Засега, најголемата пречка во реализација на ваквата генерална цел е ДП*НЕ, кои наместо да влезат во процес на партнерско преструктурирање на внатре опозициските односи, на доверлива основа, тие одлучија да седнат на маса со Заев и СДС* и да станат конструктивна опозиција. ИНТЕГРА во таа насока, уште во ноември лани понуди Меморандум за формирање на антивладин фронт за соборување на владата на СДС*.Одлуката да се биде конструктивна опозиција е донесена, според клучните луѓе од раководството на ДП*НЕ, пред сѐ поради стравот да не си го навлечеат гневот на т.н. длабока држава, чиј што главен стожер е “Калето” или американската амбасада во Скопје.

Значи, одговорот е дека мора да следат радикални промени и пресврт на политичката сцена во Македонија, Македонскиот народ ке мора да излезе масовно на претстојните локални избори, медиумите ќе мора да се отворат за новите политички визии, идеологии и политички субјекти на сцената, ке мора да создадат поволна клима за натпревар на различни политички стојалишта и да поттикнат процеси на промена и исчекор од оваа 30-годишна зачмаеност во македонското општество. Новите политички сили ќе мора да бидат поддржани во нивните напори да ја препородат татковината и да ги систематизираат коцките во македонскиот политички и општествен мозаик. ИНТЕГРА е промотор и има претензии да биде предводникот на ваквиот радикален расплет на настаните. Уверени сме дека нашата политичка визија е мисијата која треба да ја следи македонскиот народ и да ни се приклучи во процесите на преродба на татковината Македонија.

Б.В: Дали Европската унија и понатаму ке биде катализаторот на промените на внатрешно политички план? Постои ли замена или поинаков модел за напредок на Македонија како држава?

        Љ.Р:Европската унија влегува во фаза на сериозни внатрешни проблеми, особено после Британското излегување од неа. Француско – Германското ривалство е исто така сериозно бреме за унијата. Должничката криза во Грција, претстојните кризи во најава во Италија, Шпанија и Португалија, се дополнително сидро кое ке ја укотви ЕУ на постојните развојни позиции. Секако, европските стандарди се посакуваниот момент за Македонија. Но, да сработите за истите да се нашата нова реалност, не е потребно да сте задолжително членка на Унијата. Тие зависат пред сѐ од политичката волја во Македонија, од подготвеноста на политичките чинители да се носат со предизвиците на европската перспектива.

Унија која бара да се откажете од безвремена вредност каков што е националниот идентитет, друштво кое бара да се понижите и омаловажите себеси за да ве има во своето окружение е блатантно, бедно, мизерно. Оттука, ние Македонците ке треба да се преиспитаме што да очекуваме од Европската унија и во кој правец да ги редефинираме генералните цели и задачи. Па оттаму да ги редефинираме ѝ новите стратегии и политики.

Постои начин и многу   нови иновативни латерални решенија кои ке значат откочување на рампата за забрзан прогрес и просперитет на нацијата и дрзавата Македонија. Истите се опишани во детали во нашата Изборна платформа 2020. Платформата на ИНТЕГРА е сериозна основа и поттик за отпочнување на јавна дебата за внатрешните потенцијали на нацијата и државата, за еден нов политички дискурс кој треба да не доведе до точката на деблокирање на творечкиот потенцијал на нацијата и издигнување на истиот на едно ново ниво, на потенцијално повисока перспектива од било кога досега, во македонското општество. Ке треба да ги засукаме ракавите и да се дадеме себеси како нација и држава со сѐ свое за да си ја сочуваме, одржиме и развиеме татковината Македонија, како наш заеднички дом. Ова свето парче Македонска земја и сите ние на неа и во неа, заслужуваме многу, многу повеке и многу многу подобро. А можеме, знаеме и умееме како. ИНТЕГРА со својата мокна политичка визија и силна политичка реторика е гаранција дека Македонија има и потенцијал и кадри и знаење и умеење за пресврт кон прогрес и просперитет од европски и светски мастраф.

Ке се одважи ли Македонскиот народ да ја положи довербата во новиот модел на ИНТЕГРА е избор помеѓу благослов и проклетство.

        Б.В:  Дали претстојните редовни локални избори се можеби шанса за покренување на внатрешниот потенцијал на нацијата за промени?

        Љ.Р: Да, секако дека претстојните локални избори се шанса која македонскиот народ мора да ја искористи и да ја преземе ситуацијата во свои раце. Ке мораме да носиме храбри и одважни одлуки, за новото, за посакуваното да стане нашата нова реалност. ИНТЕГРА е фокусирана на кадровско профилирање на листите за Советите на Општините и на потенцијални кандидати за градоначалници. Работиме со стручните тимови на подготовка на Локалната изборна платформа 2021 и ке се претставиме со иновативни решенија за локалните проблеми на населението, ке изнанадиме и со неколку нови развојни проекти.

Особено е важно на овие избори да се покаже храброст и одлучност за масовна излезност и поддршка на нова политичка сила која ке влее доверба кај нацијата дека може да ја изведе на вистинскиот пат, кон прогрес и просперитет. Нашите претензии како ИНТЕГРА се да станеме ние таа нова сила, ние да сме нашата нова македонска реалност.

Населените места низ Македонија се во страотно лоша состојба, патиштата се руинирани, недостасува основна инфраструктура, на прагот на третата декада во 21-от век сѐ уште се соочуваат со неасфалтирани и калливи патишта, со нерешени комунални, водоводни и канализациони проблеми, бесперспективноста е на сцена, луѓето се деморализирани, западнати во очај, младите го напуштаат селото, но и државата, земјоделството пропаѓа, производите немаат цена при откуп, се работи колку да се преживее. И сега, ако трагаме по изворот на ваквите состојби, нема друг заклучок освен тој дека, двете партии кои беа на власт изминативе 30 години, кумуваа на истите, тие беа промоторите на сиромаштијата, тие го доведоа селанецот до таквиот бесперспективен статус. И тука нема дилема дека сме во право со нашава констатација.

Прашањето е дали решенијата ке ги бараме повторно во истите рутини и навики на тие злокобни партии, кои не донесоа на ивицата на провалијата изминативе 30 години или, ќе се охрабриме да ја положиме довербата во нова политичка сила, која нуди отворање на повисоки перспективи и извесна иднина за селото и неговите потенцијали. Од Бога дадените ни почва, вода и воздух мора да се издигнат на ниво на национални стратегиски ресурси и истите да се стават во функција на раст на материјалното богатство на фармерите, семејствата и нацијата. Државата мора да подметне рамо, да подаде рака и да го крене земјоделецот од ова дно на кое е донесен од овие две црно бели гарнитури, отворајќи повисоки перспективи за раст и развој на агробизнисот. Има начин како, сѐ е објаснето во програмските и изборни платформи на ИНТЕГРА, само треба одлучност за поддршка на нашата визија за татковината и за богати фармери и силен агробизнис сектор.

        Б.В: Што би ѝ порачале на македонската јавност, а што на политичките партии?

        Љ.Р: Главата горе. Колку и да ви изгледа дека сме влегле во зоната на безизлез, не смее да продолжи разочарувањето. Ке мора заедно, партнерски со ИНТЕГРА да работиме на вракање на националното достоинство и националната гордост на нас Македонците, ке мора секој од нас да се даде себеси со сѐ свое за татковината Македонија, за свои на своето во неа. Би сакал да го повикам Македонскиот народ, но и секоја душа човечка која е родена, чекори и твори на ова парче света Македонска земја да ни се приклучи во нашата света мисија за татковината Македонија, за нашите деца, внуци и идни поколенија да се почуствуваат горди на своите претци, кои успеале да ја сочуваат татковината и македонското во неа, да го вратат од ивицата на провалијата, но и да го востоличат во силна додадена вредност за европската и светската цивилизација.

Пораката е заедно да оставиме значајна трага за идните покленија, да бидеме генерацијата која ке биде запишана како горостасна во историските читанки за нашето време. Верувам дека заедно можеме, умееме и знаеме како, со Божја помош.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*