Home / Култура / “Интерфест 2014“ во знакот на барокната музика

“Интерфест 2014“ во знакот на барокната музика

Музичкиот барок беше епоха која ја подготвуваше иднината на европската музика, каде фугата беше централна форма, а звукот од оргулите доминантен во делата на композиторите на овој стил, меѓу нив и најголемите колоси Јохан Себастијан Бах и Георг Фридрих Хендл, своевремено и најголеми мајстори на овој овој инструмент нарекувајќи го “инструмент над инструментите“.

Токму таа музика од епохата на ренесансата и барокот деновиве импресивно се одгласуваше во прекрасен акустичен амбиент на Католичката црква “Свето Исусово срце“ во Скопје која со религиозното блаженство ја восхити присутната публика. Изборот на локацијата не беше случаен, затоа што во Македонија оргули има само таму што овозможи автентично во сакрален амбиент да прозвучат ретко изведувани дела од најпознати стари мајстори од 16 и 17 век наменети за римокатоличката служба на црквата -духовниот владетел во тоа време.
И така, се редеа ефектни делови од виолински концерт, сонати, токати, прелудии и фуги што ја сочинуваа програмата од Концертот за барокна виолина и оргули на српските музички уметници Данило Новаковиќ-барокна виолина и Лана Јеленковиќ- оргули, како дисперзиран концерт во рамките на годинашното издание на Фестивалот на класична музика “Интерфест Битола 2014“, чие протоколарно отварање е на 2 октомври.
Уште со првата нумера- Виолинската соната на Бибер, двајцата актери прозвучија со завидна витуозна техника во совршен акустички склад и мајсторски баланс на звучната диференцијација на барокната виолина со оргулите, будејќи благородни чувства со богато декоративната мелодиска убавина, својствена и за другите дела од концертниот репертоар.
Таква е и транскрибираната верзија на Мадригалот од Палестрина, најзначајниот претставник на музичката ренесанса, потоа Фантазијата на Телеман, Прелудиумот на Букстехуде и други се до делата на двајцата најзначајни претставници Бах и Хендл.
Така, Баховиот Прелудиум и фуга се одгласи со величествена грандиозна волумениозност навестувајќи ја моќта, богатството и врвот на оргулскиот звучен израз што будеше возвишени емоции, па затоа и го нарекуваат “романтичар на барокот“.
Крајот го означи Хендловата Соната донесена со нежен поетичен израз и дискретен мистицизам, како возвишен креативен порив, чија мелодија пленува со својата убавина и елеганција потенцирана со рафиниран сензибилитет што е во совршен склад со неговата прокламирана естетика.
Маестрално усогласени во заедничкото и солистичкото музицирање ова необично инструментално дуо – со кристално интонативната чиста тонска проекција и автентична презентација на ретко изведувани дела од епохата на музичката ренесанса и барок покажа дека се специјализирало за овој вид музика, чија богата орнаментика и “терасаста динамика ја прави препознатлива, но бара големо техничко инструментално мајсторство.
А специфичноста на нивните инструменти отвора широк спектар од звучни, колористички и акустички квалитети потенцирани силно вдахновено со сите стилско-естетски доблести.

Тоа Европа високо го цени што го документира и богатото уметничко досие на Данило Новаковиќ-барокна виолина и Лана Јеленковиќ- оргули, чембало и пијано што го красат многу награди и признанија.

Костадин Костадиновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*