Home / Uncategorized / Интерпол ќе ги бара Грујовски и Бошковски

Интерпол ќе ги бара Грујовски и Бошковски

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по обвинетите Горан Грујовски и Никола Бошковски, откако синоќа не ги најде дома за да ги спроведе во притвор, соопшти МВР. Од министерството велат дека по добивањето на наредбите за спроведување во Шутка во 21 часот веднаш била распишана национална потерница со која што биле спроведени активности за приведување на обвинетите и тимовите на МВР извршиле проверка на домовите на Грујовски и Бошковски, како и на повеќе локации во земјава, поточно во Скопје, Велес и Охрид, за кои што министерството имало оперативни сознанија дека ги користат за криење.

„Со оглед на тоа дека не беа пронајдени, МВР, согласно законските надлежности, побара од Судот согласност за распишување на меѓународна потерница и по наредба на Судот веќе е распишана меѓународна потерница за Г.Г. и Н.Б.“, соопшти МВР.

Врховниот суд вчера попладне соопшти дека петчлениот казнен совет на Врховниот суд на Република Македонија донесе решенија со кои се одбиени жалбите на бранителите на Горан Грујовски и Никола Бошковски и ги потврди решенијата на Апелациониот суд Скопје за определување на мерка притвор во траење од 30 дена

Двајцата се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Тоа се предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, кои сега се споени во еден предмет.

Грујовски е главниот обвинет во „Тврдина“ и „Таргет“. Бошковски, пак, според обвинението, е извршителот на наредбите на тогашниот началник Грујовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*