Home / Колумни / Избори без избор

Избори без избор

Власта одлучи: На 5 јуни во Македонија ќе се одржат нови предвремени парламентарни избори. На ваквата одлука на владејачкото мнозинство лидерот на опозицијата Зоран Заев возврати:

-Доколку власта остане на ставот дека изборите треба да се одржат на 5 јуни, на нив опозицијата, предводена од СДСМ, нема да учествува.

На таквите крајно спротивставени ставови дали на 5 јуни ќе се одржат предвремените парламентарни избори, или тие повторно ќе бидат одложени, претседателот на Парламентот, Трајко Велјановски е категоричен, дека избори на 5 јуни мора да се одржат и дека не постојат никакви законски можности за нивно ново пролонгирање, бидејќи Парламентот веќе е (само)распуштен и тој не постои.

Така доколку двете политички партии останат на своите заклучоци, во тој случај на Македонија ќе и се случи 1994 година, кога во државата се одржаа  парламентарни избори без опозицијата, на кои учествуваше само СДСМ, бидејќи тогаш ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Петар Гошев нив ги бојкотираше.

Како што сега вели Никола Груевски, дека кој сака може да учествува на изборите,  кој не сака не мора, и дека тоа е демократско право, така и тогаш велеше лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на кого око не му трепна што опозицијата, предводена од Љубчо Георгиевски,  одлучи да ги бојкотира изборите. Епилогот од тие избори е познат.

По бојкотот на опозицијата и апсолутното владеење на СДСМ,  во Република Македонија се случи најголемиот криминален грабеж  кога власта го донесе Законот  за приватизација на општествениот капитал и кога фабриките, кои дотогаш беа сопственост на работниците преминаа во рацете на директорите, или менаџерските тимови.

Какви последици ќе претрпи Република Македонија, доколку на 5 јуни се случат избори без учество на опозицијата, засега никој не може да предвиди, но ако се знае дека апсолутната власт, освен на поединци, никому не му донела ништо добро, тогаш слободно може да се каже дека наместо со изборите на 5 јуни, политичката криза во Република Македонија да се реши, таа уште повеќе ќе се продлабочи.

Сега, кога политичките партии го кажаа своето и кога власта е цврсто решена да оди на избори, а опозицијата истите да ги бојкотира, се поставува прашањето зошто моравме цели две години да бидеме заложници на политичките пазарења на партиите околу изборите и кому му требаше целиот овој циркус.

По најновите случувања на македонската политичка сцена се поставува прашањето кој сега ќе одговара за новиот “пуч“ што и случува на државата.

Во првиот “пуч“, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, беше обвинет дека се обидува по секоја цена, па дури и со закани врз премиерот да се избори во Република Македонија да се случат предвремени парламентарни  избори. Како во филмот “Превртено“, сега работите се свртија наопаку. Сега лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, сака по секоја цена да оди на предвремени избори, а  Зоран Заев,  кој бега од изборите како  зајак, се обидува истите да ги пролонгира за некои  подобри времиња.

Останува сега нејасно дали со бегањето од избори на Заев ќе му биде простена вината за аферата “Пуч“,  или пак сега Катица Јанева ќе го обвини Никола Груевски, дека тој со закани сака да го принуди Заев по секоја цена да оди на избори на 5 јуни.

Во Македонија одамна нормалните работи станаа ненормални, а ненормалните нормални. Иако сум далеку од преговарачките процеси на власта и опозицијата, сепак никако не можам да разберам како може опозицијата по сите оние работи што се случија во изминатите две години и по толку испукани  “бомби“,  се   уште да не биде  подготвена за избори.

Ниту несредените избирачки списоци, ниту пак несредените медиуми не можат да бидат алиби за неподготвеноста на опозицијата за соочување со народот. Иако СДСМ веќе повеќе од 10 години е во опозиција, сепак таа и натаму води алиби-политики и секогаш вината за поразите ја бара и наоѓа најчесто кај власта, без притоа да си го постави прашањето како може истата таа опозиција со вакви неисчистени избирачки списоци, какви што беа, на локалните избори во 2013 година  да победи токму во општините Центар, Карпош, Куманово и Струмица, каде ВМРО -ДПМНЕ истури милиони евра да победи и како може изборите на кои победи Заев, Стевче Јакимовски, Андреј Жерновски или Зоран Дамјановски, да бидат легитимни, а останатите не.

Тоа не значи дека во изминатиот период во Македонија немало изборни манипулации. Напротив, на сите ни е јасно дека имало. Би биле премногу наивни да мислиме дека и по прочистувањето на Избирачкиот список и средувањето на медиумите нив нема да ги има. Затоа и власта не смее да се амнестира себеси од одговорноста дека кај нас изборите биле фини како во Финска.

Како и да е, сега, откако опозицијата најави нов бојкот на изборите, веќе на сите им е јасно, освен на Заев и луѓето околу него, кои одлично живеат и кога се во опозиција, дека сегашното раководство на СДСМ не само што нема капацитет да го урне, како што велат, режимот на Груевски, туку тешко ќе може да излезе од кризата, во која по своја вина со години е западнато.

На 5 јуни на Македонија ќе и се случат избори без избор. На потег е народот. Тој како што рече во една прилика Бранко Црвенковски е во право и кога греши, или пак, за разлика од политичарите, народот никогаш не греши и дека секогаш е во право.

 

Автор:Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*