Home / Колумни / Како “господарот” Али ја сфаќа демократијата

Како “господарот” Али ја сфаќа демократијата

                       

            Откако постои светот и векот постојат слуги и господари.

Најчесто сонот на секој еден смртник на овој свет, бил да не биде слуга, туку господар, ако не на туѓите животи, тогаш барем на својот.

            Но колку што јас знам, а мислам дека имам доволно   долго паметење да знам, досега не постоел случај, не само  во Македонија, туку и во било која  друга земја во светот, кога еден лидер себеси и својот народ,  го прогласил за  Господар.

            И бидејќи кај нас работите главно се одвиваат како во рекламниот спот “ Скопско и се е можно” деновиве за жал  бевме сведоци и на таков најблаго речено непријатен  чин, кој предизвика разочарување, револт и гнев кај обичните граѓани од сите националности, особено кај Македонците.

            Без око да му трепне и да се запраша себеси какви непријатни чувства ќе предизвика кај најмногубројниот Македонски народ и останатите народи кои живеат во Македонија, интегративецот и “демократот “по името на партијата (ДУИ), Али Ахмети,  викендот, кога во кумановското село Сопот го отвораше меморијалниот центар, или музеј на УЧК,  дословно  изјави дека Албанците се државотворци и господари во Македонија.

            Колку ваквата изјава на лидерот на ДУИ да боли, сепак воопшто никој не треба да го изненадува.

            Во последно време, по сите остапки кои спрема ДУИ и нејзиниот лидер Ахмети  и неговото најтесно раководство ги прават македонските власти, не само Али Ахмети, туку и неговите најблиски членови во партијата  и фамилијата се однесуваат  буквално како да се Господари на Македонија.

            Тој и сите негови најблиски,  кои во името на партијата се  декларираат себеси за демократи до сите свои права и слободи најчесто доаѓаат со насилни и недмократски мерки и барања.

            Па така деновиве, додека министерката за одбрана на Македонија, Славјанка Петровска очекува одговори од општините во врска со иницијативата за поставување споменици на загинатите бранители кај Вејце, Карпалак и Љуботенски бачила,  лидерот на ДУИ Али Ахмети во  кумановското село Сопот, без, како што истакнува градоначалникот на Куманово Максим  Димитриевски да има дозвола за тоа,  го отвори меморијалниот центар на УЧК.

            И како што е вообичаено кога станува збор за прославите на Албанците кај нас  како декор во Музејот е  истакнато знамето на „Голема Албанија”, во кое  се  внесени дел од Македонија.Србија и Грција.

            -Кога ја почнавме активноста, ја почнавме за да ја направиме Албанија, да нема граница, но политиките се сменија и избравме прагматизам, а не фанатизам. ние избравме албанците во Македонија да бидат државотворци, да бидат господари во оваа земја и да се залагаат во сопствената држава, а ова знаме денес е официјално и неприкосновено, изјави Ахмети на свеченоста.

            Колку ваквата изјава на Ахмети да предизвикува разочарување, револт или гнев, не треба воопшто да не чуди никој од нас.

            Останувајќи си секогаш доследен на својата недоследност, едно да зборува а сосема друго да прави,   Али Ахмети вакви и слични изјави, под знамето и картата на Голема Албанија  има изјавено без број пати.

            Тоа што останува нејасно како досега ниту една партија или власт од Македонците не успеаја да  го препознаат ликот и карактерот на  Али Ахмети.

            Тој, како и покојниот Амди Бајрам постојано е во власта, дали со ВМРО ДПМНЕ или  со СДСМ,  па дури и тогаш кога ја изгуби довербата кај Албанците, кои во последните неколку изборни циклуси му го свртија грбот.

Кога станува збор за ДУИ и Али Ахмети за нив не значат ништо  ни Уставот ни законите.

            Злоупотребувајќи ги остапките на  македонските власти,  тие  во изминатите 22 години од конфликтот во 2001 година, повикувајќи се на одредбите од Охридскиот рамковен договор, истиот толку многу ги зголемија и проширија своите барања , што во него беа вметнати  дури и одредби и правила кои ни самите Албанци не помислуваа да ги бараат.

            Не знам како се чувствуваат  најголемиот број од обичните Албанци, кои ја делат судбината на обичните смртници Македонци, Турци, Срби, Бошњаци, но лидерот на ДУИ и неговите најблиски, партиски и фамилјарни членови,  така се однесуваа(т) како да се господари на(д) Македонија.

            Им се допаѓало тоа или  не,  сепак  едно треба да му се признае на лидерот на ДУИ Али Ахмети  и неговите сопартијци, кои  повикувајки се на Охридскиот рамковен договор се изборија  со години да седат дома, а да земаат плата и да избираат каде и за колку пари ќе работаат во  државната управа.  Тој и неговите соработници буквално ги запоседнаа сите  важни институции, министерства, агенции.

            ДУИ и Али Ахмети се изборија да господарат не само со економските ресори во државата, туку и со судството и обвинитеството.

            Тие се изборија дури и за тоа  во своите кабинети да играат фудбал на мали голчиња.

            Кога би ги набројувале сите нивни стекнати и нестекнати права и повлности кои ги уживаат би ни требало многу простор. Но во оваа прилика се осврнувам само на изјавата на Ахмети по отворањето на Музејот во Сопот, Кумановско.

            Додека на македонските бранители местата каде тие беа убиени,се означувани со обични  камени плочи, кои изчезнуваа преку нок и министерката  за одбрана , Славјанка Петровска, согласно Законот за меморијалните споменици и спомен обележја чека да се изјаснат градоначалниците  Албанци, дали се тие надлежни да издадат одобренија за градба или не, Али  Ахмети без да чека   дозволи  за градба изгради  бројни споменици  со огромни  габарити и димензии  секаде што помисли и посака  во Зајас, Колари, Тетово, Гостивар, Кицево,  Кумановско.

             По толку долго време присутност на политичката сцена и 22 годишното учество во сите власти, мислам дека на сите ни стана јасно дека непочитувањето  на законите и прописите му е вродена мана на  лидерот на ДУИ, но жудно е како сето тоа надлежните институции и власти се прават слепи и како тоа да не го гледаат.

            Али Ахмети може себеси да си смета за Господар. Но само  на својот живот, но  ни тој, ни било кој политичар во Македонија,  независно од која националност е не може себеси да се смета за господар над другите луѓе.

             Таквите “ господри “, а во случајот и Али Ахмети треба да знаат дека Македонија е држава на Македонскиот народ и на другите народи кои живеат во Македонија.  Сите тие и такви “господари”  треба да знаат дека  Македонија по уставното уредување е прмалентарна деократија, во која има поделба на законодавната, извршната и судскаат власт.

 Во оваа држава на сите треба да им биде јасно дека тој што има намера било кое спомен обележје да го гради, кое ги велича своите херои, а буди  непријатни чувства кај другите народи,  пред да почне да  гради мора да ги испопчитува сите закони и процедури.

Таквото однесување треба и мора да важи за сите, без исклучок, па дури и за тие кои како  лидреот на ДУИ, Али Ахмети себеси се сметаат за Господари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*