Home / Македонија / Kарпош се приклучува кон Скопје – Вело град

Kарпош се приклучува кон Скопје – Вело град

Поголемата застапеност на велосипедот како алтернативно превозно средство е од примарно значење.  Ова беше еден од заклучоците кои произлегоа од денешната средба на градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев во пресрет на донесување на Буџетот за 2018-та година, и континуираните средби и консултации кои секојдневно ги одржува со граѓанските здруженија со цел да се креира партиципативен буџет во интерес на сите карпошани.

Денеска, Богоев имаше работна средба со претставници од неформалната група “На Точак”, на која напомена дека Општина Карпош од 2018-та година започнува со субвенционирање при купувањето на велосипеди, со цел масовно користење на ова превозно средство од страна на граѓаните.

Мора да започнеме да ги менуваме навиките. Со користење на велосипедот ќе влијаеме и врз намалување на загадувањето, знаејќи дека автомобилите се едни од најголемите загадувачи во Скопје, рече Богоев.

На средбата се разговараше и за постоечката велосипедска инфраструктура, при што беше истакната потребата за подобрување и изградба на нови вело патеки кои ќе придонесат за поврзување на Карпош со другите населби во главниот град.

Од суштинско значење е Општина Карпош да се придружи кон иницијативата Скопје да прерасне во Вело град. Тоа ќе се постигне со подобрување на велосипедската инфраструктура и сигнализација низ сервисните улици кои се под надлежност на Општина Карпош и нејзино приклучување кон булеварите на Градот, посочија претставниците од неформалната група “На Точак”.

Стана збор  и за предлог решенијата за паркирање на велосипедите пред фреквентните места во Карпош и установите кои се на територија на Општината.

Во завршниот дел од средбата присутните изрaзија подготвеност да соработуваат и за зголемување на јавната свест кај најмладите карпошани, преку советување и организирање на обуки во основните училишта за придобивките од користењето на велосипед.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*