Don't Miss
Home / Интервјуа / Ќе го вратиме некогашниот сјај на РЕК Битола

Ќе го вратиме некогашниот сјај на РЕК Битола

Битолски весник:Господине Ковачевски, деновиве РЕК “Битола” слави голем јубилеј: 30 години од свеченото пуштање во работа на ТЕ Битола 3. Кажете ни како ќе биде одбележан овој голем јубилеј?

Васко Ковачевски: АД Електрани на Македонија оваа година ќе го одбележи Денот на рударите – 28 август со редица настани, од кои дел ќе бидат и во Подружницата РЕК Битола и во Битола.

На 27 август, понеделник, во просториите на АД ЕЛЕМ, Подрузница РЕК Битола ќе бидат потпишани Меморандуми за соработка со СОУ Таки Даскало и СОУТ Ѓорги Наумов од страна на директорите на училиштата и генералниот директор на АД ЕЛЕМ, д-р Драган Миновски, како и Меморандуми за соработка на АД Електрани на Македонија со Техничкиот факултет Битола и Факултетот за информатички и комуникациски технологии. Истиот ден, во Фоајето на НУ Центар за култура во Битола ќе биде отворена излозба на текстови и фотографии на “Битолски весник” за почетоците со работа на РЕК Битола, со акцент на Блок 3 кој започнал со работа на 28 август 1988 година, односно годинава се одбележуваат 30 години од почетокот на неговата работа. Централната прослава на Денот на рударите ќе се одржи на 29 август, среда, на платото пред Управната зграда на ПЕ Рудници, кога традиционално ќе бидат доделени и пофалници на вработени во АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола за особен придонес во работењето на комбинатот во периодот од 28 август минатата година до денес.

На 30 август, четврток, во просториите на АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола, ќе се потпишат Меморандуми за соработка со општините Битола, Новаци и Могила. Серијата настани по повод Денот на рударите на АД ЕЛЕМ во Подружницата РЕК Битола и во Битола, ќе биде заокружен в петок, на 31 август кога во соработка со Одделението за трансфузиологија при Клиничката болница во Битола и ОО на Црвен крст Битола, од 07:30 часот до 12 часот, во Управната зграда на АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола, ќе биде реализирана крводарителска акција. Потоа, следуваат неколку активности од хуман карактер, кои ја отсликуваат заложбата на компанија да биде општествено одговорна, а нејзините вработени сензитивни за потребите на општеството. Така, синдикалната организација на АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола ќе донира парична помош за Здружението за телесни инвалиди “Мобилност”.

Синдикалната организација при АД ЕЛЕМ ќе донира инхалатори во Детското одделение при Клиничката болница во Битола, а ФОД ке ја промовира донацијата во спортската сала Младост во Битола.

Б.В:Со какви резултати РЕК Битола го пречекува јубилејот 30 години од свеченото пуштање во употреба на ТЕ Битола 3?

В.К: Менаџментот на РЕК Битола не може да биде незадоволен од постигнатите резултати ако се има во предвид дека јас на чело на комбинатот се наоѓам само неколку месеци. И мојот тим со кој тесно соработувам е со скромен стаж во менаџирањето на РЕК Битола. Со чиста совест можам да кажам дека се вложивме максимално и ние како РЕК Битола и раководството на АД Државни електрани на Македонија да ги подобриме состојбите во најголемиот капацитет за производство на електрична енергија во земјава. Што се однесува до податоците, и покрај големиот број предизвици со кои се соочивме како раководство, кај вкупното производство на јаглен во првите шест месеци од годинава, производството е натфрлено. Испораката на електрична енергија во електроенергетскиот систем на Македонија е стабилна и согласно потребите на потрошувачите.

Б.В.Дали вие како прв човек на РЕК Битола сте задоволни од постигнатите резултати?

В.К:Јас како прв човек на РЕК Битола сум задоволен од постигнатите резултати, иако ке повторам дека сигурно постоеле можности за повеќе и подобро. Но, мора да се имаат во предвид објективните состојби во комбинатот кои ги затекнавме и релативно краткиот период од моето назначување на директор на РЕК Битола до денес. Резултатите треба да бидат последица на ангажаманот на сите вработени во комбинатот, без исклучок. Производствениот процес е сложен и секоја алка во него е многу важна. Она што ме прави позадоволен од постигнатите резултатите е токму подобрувањето на работната атмосфера во РЕК Битола изминатите неколку месеци.

Б.В:Вие сте на функцијата прв човек на РЕК  Битола релативно кусо време.  Кои беа вашите очекувања кога ја презедовте оваа важна функција и кои се сега, откако сте неколку месеци директор на РЕК Битола?

В.К: Моите очекувања кога ја презедов функцијата директор на РЕК Битола беа многу работа и беспоштеден ангажман со цел подобрување на состојбите во Комбинатот, а со тоа подобрување и на состојбата на електроенергетскиот систем на Македонија. После само неколку месеци можам да кажам дека очекувањата се исполнија. Јас и мојот тим директори и раководители во РЕК Битола многу често не знаеме за работно време. Заедно со раководството на АД ЕЛЕМ, си поставивме високи цели кои бараат, некогаш и деноноќна, посветеност за да се достигнат. Очекував и очекувам да го зголемиме производството на електрична енергија и да го вратиме Комбинатот во кондиција каква што ја имаше некогаш, кога се произведувале по 4,5 милиони киловат часови годишно. Потоа, очекувам нашето домакинско работење да намали трошоците на производство за да добиеме  поевтина  електрична енергија, истата да ја продадеме на дистрибутерите, а тие поевтино да ја пласираат кај крајните корисници граѓаните, односно домакинствата и индустријата. На крај, иако не најмалку важно, очекувам со неколкуте проекти што се предвидени да ја заштитиме животната средина и да ја тргнеме црната дамка од Комбинатот како најголем загадувач во регионот.

Б.В: Како вие лично го доживувате РЕК Битола?

В.К: РЕК Битола за мене е досега најголемиот предизвик со кој сум се соочил. Не само јас, туку сите вработени, се надевам дека го доживуваат како еден многу комплексен систем во кој секој зависи од секого. Фактот што РЕК Битола произведува околу 80 проценти од електричната енергија во земјава, создава и притисок и обврска. Од доследното исполнување на работните задачи на сите вработени во Комбинатот, зависи електроенергетската стабилност на Македонија. Затоа, работењето во РЕК Битола е и привилегија и огромна обврска. Лично за мене, РЕК Битола е срцето на македонската енергетика и столбот на македонската економија. Значењето на Комбинатот, пак, за општествено – економската благосостојба на регионот, мислам дека е факт кој секој го знае.

Б.В: Во изминатиот период кога бевте лидер на Општинската организација на СДСМ и пратеник во Собранието важевте за жесток критичар на (не)работењето на претходното раководство во Комбинатот. Во каква состојба АД ЕЛЕМ, а потоа и вие го затекнавте РЕК Битола?

В.К:Кога јас дојдов на чело на РЕК Битола, актуелното раководство на АД ЕЛЕМ веќе ги имаше превземено првите чекори за консолидација на Комбинатот. Во тесна соработка со генералниот директор на АД ЕЛЕМ, д-р Драган Миновски и со членовите на УО на Државните електрани на Македонија, продолжуваме по патот кој го имавме зацртано – да го вратиме РЕК Битола на старите, добри патеки, кога беше не само најголем производител на електрична енергија во Македонија, туку и пример за домакинско располагање со ресурсите. Состојбите што АД ЕЛЕМ ги затекна во РЕК Битола беа подраматични од што се очекуваше. На прагот од грејната сезона минатата година, депонијата за јаглен беше речиси празна, но со натчовечки напори на менаџерскиот тим на АД ЕЛЕМ, како и на сите вработени во РЕК Битола, електроенергетскиот систем на земјава остана стабилен во најкритичниот период од годината. Со моето доаѓање за директор на РЕК Битола, се обидуваме не само да го зголемиме производството на јаглен, туку и да се зафатиме со решавање на голем број проблеми што се таложеле изминатите години. На пример, после две години од предвидениот период, годинава беше направен генерален ремонт на Блок 1 на Термоелектраната на РЕК Битола. Допрва, има уште многу што да се направи за РЕК Битола да започне да го врака својот стар сјај.

Б.В: Кон што беа насочени вашите активности како прв човек на РЕК Битола во изминатите неколку месеци?

В.К:Како и секој нов директор во некоја компанија, така и јас, најпрвин се посветив на формирање на тим со кој ќе можеме заедно да ги оствариме зацртаните цели. Паралелно се градеа и односите со генералниот директор на АД ЕЛЕМ и со членовите на Управниот одбор на компанијата, кој практично и ме постави на функцијата. Кога делите иста цел со луѓето околу вас, работата и оди полесно и побрзо и поефикасно. Немавме многу време на располагање за консолидирање, бидејќи процесот на производство не чека, така што во од ги решававме и ги решаваме и проблемите со кои се соочуваме. Пред нас имаме неколку крупни проекти кои веднаш започнавме да ги реализираме. Набавката на сопствена механизација за ископ на јаглен и јаловина е еден од најзначајните проекти кој треба да ги намали нашите тросоци за производство. Не помалку важни се напорите за поправка на постојки и машини што АД ЕЛЕМ, односно РЕК Битола ги поседува, а со години биле неискористени. Тука се и еколошките проекти кои беа исто така на листата на приоритетни проекти.

Б.В: Кои се вашите планови од позицијата прв човек на РЕК Битола за наредниот период?

В.К: Плановите не се разликуваат од она што го навестив претходно. Моите планови и очекувања се работите да ги направиме подобри, и во Комбинатот РЕК „Битола” и во Компанијата „ЕЛЕМ”. Гледајки отсрана, може да се заклучи дека РЕК Битола е едно од најпосакуваните места за работа на жителите на Пелагонија, па и пошироко. Тој со години е синоним за стабилност, и покрај разните премрежја низ кои поминал Комбинатот, кога повеќе кога помалку познати за јавноста. Од друга страна, Комбинатот последниве години се најде на удар на јавноста заради скандали од кои дел добија и судска разрешница, како и заради зголемената јавна свест за екологијата. Моите и плановите на АД ЕЛЕМ се со домакинско работење, со ангажирање на фирми кои свесно и совесно ќе ги завршуваат доверените работи и обврски, со квалитетно менаџирање, РЕК Битола да биде комбинат за пример во Македонија.

Б.В: Господине Ковачевски какво е чуството да се биде на чело на овој најголем електро енергетски комбинат во државата?

В.К: Чувствата се помешани. Од една страна е чест и привилегија да се раководи со РЕК Битола, а од друга страна огромна е обврската да се обезбеди најголемиот дел од потребното количество енергија за потрошувачите во земјава. Искрено, со сиот залог што зад себе ги имам како човек што се обидел и успеал да остави трајни вредности зад себе, не се оптоварувам со такви размислувања. Моите мисли и мојата енергија во моментов се насочени да го дадам најдоброто од себе на функцијата на која се наоѓа. Истото можам да го потврдам и за моите најблиски соработници.

Б.В:Кои се вашите пораки кои сакате да им ги соопштите на вработените и граѓаните на Битола по повод јубилејот?

В.К:На рударите во РЕК Битола, во мое лично име, во име на менаџерскиот тим на Комбинатот и на раководството на АД ЕЛЕМ, им го честитам Денот на рударите. Нивната работа е тешка, но очигледна за сите. Нивниот ангажман е голем, но ние како раководство знаеме да го цениме. Нивната пожртвуваност и во најтешки и најсложени временски услови да обезбедат суровина за производство на електрична енергија, е вреднувана и ценета не само од раковдството на РЕК Битола и АД ЕЛЕМ, туку и од граѓаните на Република Македонија. Им посакувам добро здравје и успех во работата. Им ветувам дека ќе направиме се за да им ја олеснеме работата и да бидат горди што се дел од АД ЕЛЕМ и од Подружницата РЕК Битола. На граѓаните на Битола им порачувам да веруваат во нас и заедно со нас да работат на враќањето на некогашниот сјај на РЕК Битола.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*