Home / Избори 2021 / Кондовски: Развој на Битола преку нов ГУП

Кондовски: Развој на Битола преку нов ГУП

Продолжуваме да градиме современа инфраструктура во градот, но и во секое село. Градиме за нашиот народ – асфалт наместо кал.

Со овие зборови денеска кандидатот на СДСМ и коалициските партнери за градоначалник на Општина Битола најави стратегија за просторен развој на градот, но и руралните средини.

„Најавувам изработка на нов Генерален Урбанистички План како услов за ослободување  на севкупниот општински потенцијал, економски развој и просперитет на Битола. На урбанистичката иницијатива ќе ѝ претходи изработка на сообраќајна, хидролошка и сеизмолошка студија и постапка за изработка и донесување на Детални урбанистички планови во рамките на границите за Детално и Генерално Урбанистичко планирање.“-рече Кондовски, додавајќи дека во изработката на Генералниот и деталните урбанистички планови ќе бидат вклучени сите засегнати страни.

„Придобивките од овој крупен чекор се големи. Ќе се детерминира новиот плански опфат, ќе се утврди хиерархија на мрежа согласно начелото „форма-функција“ кое ќе стимулира решенија за одржлив развој, еколошки развој и заштита на животната средина. Ќе се нотираат и задоволат новите потреби на градот во поглед на сообраќајот, инфраструктурата, демографијата и екологијата.“-рече тој објаснувајќи дека новиот ГУП ќе биде во електронска форма, периодот на изработка, како голем зафат, ќе се одвива во текот на целиот мандат, а предвидените средства се во износ од 900 илјади евра.

Кондовски рече дека ова следи како одговор на актуелната состојба, односно затоа што Битола во моментов има необновени Детални урбанистички планови уште од 1975 година, а Генералниот Урбанистички план не е обновен од 1999 година.

„Овој сериозен недостаток го кочи севкупниот локален развој. Го кочи урбаното проширување и урбаната модернизација. Затоа, како иден градоначалник најавувам стратегија за просторен развој на градот – инструмент за проектирање на иднината на општината во целост, запазувајќи ја одржливоста во просторна, економска и социјална смисла.“-рече тој.

Истакна дека ова ќе ги отвори сите можности за современа инфраструктура во градот, но дека нема да бидат заборавени и селата.

„Се уште имаме села каде нема урбанистички планови или се застарени и не одговараат на актуелните потреби. Тоа го кочи процесот на издавање на одобренија за градба. Одговорно ви тврдам дека ние ќе го откочиме! Ќе се гради по закон! Затоа најавувам дека за сите села ќе се донесат и ревидираат урбанистички планови.“-истакна Кондовски.

Најави дека ќе продолжат инвестициите во атмосферска канализација, како и реконструкција на улиците во општината, локалните и полски патишта и поддршката на инфраструктурата неопхдна за развој на алтернативниот туризам. Граѓаните ќе добијат асвалт наместо кал. Водовод и канализација во секое населено место. Чиста наместо загадена вода. Хигиена наместо ѓубре. Услуга за граѓаните наместо злоупотреба на парите на граѓаните, рече Кондовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*