Home / Колумни / Ковид импровизации

Ковид импровизации

                       

Од појавата на пандемијата со корона вирусот сведоци сме на секојдневни (дез)информации за причините и последиците од оваа чума на 21 век.

Како во кладилниците “експертите “ и голем број од здрвствените работници секојднево “прогнозираа” до кога ќе трае         пандемијата и колкав ќе биде бројот на жртвите.

Но за жал најголемиот број од нив се покажаа како лоши прогнозери и не погодија речиси ништо.

Ниту погодија до кога ќе трае  корона вирусот, ниту кога тој  ќе исчезне од овие простори, ниту пак колкав ќе биде бројот на позитивните на ковид 19, кои ќе ја изгубат битката со животот.

Во таква ситуција кога “експертите “ кажано со спортски јазик буквално се изнапромашија, сосема нормално е што обичните смртници ја зедоа топката во свои раце и почнаа тие да ја водат играта со ковидот 19.

А нивните “ анализи “ беа и се дека се работи за светска лага и дека  короната едноставно ја нема, туку дека се работи за грип, кој најголемиот број од граѓаните го прележале во јануари и февруари годинава и дека сето ова што ни се случува не е ништо друго, туку  масло на Светската здравствена организација и пресметка на САД со Кина.

Плашејќи се да не се впуштам и јас во такви шпекулации, во оваа прилика само ќе кажам дека со оглед на тоа што се работи за нова болест,  со која светот  за прв пат се соочува, сосема е нормално да не се има  решение за пандемијата и да се лута во предлозите и препораките  за справување со неа.

Не само обичните граѓани, туку  во дијагностицирањето на пандемијата од ковид 19  испаднаа обични лаици и најголемите не само наши, туку и светски епидемилози и вирулози.

Сите тие во текот на зимата сметаа дека со доаѓањето на летото и покачувањето на температурите ќе се намали бројот на заразените, па дури во летните месеци корона вирусот ќе изчезне.

Најеминентните    членови на Кризниот штаб кај нас прогнозираа дека бројот на заразени нема да биде поголем од 2.000, а бројот на починати дека нема да биде поголем од 150 лица.

Но времето покажа дека сите тие биле весели математики и дека кај нас бројката од над 750  заразени е далеку најголема на 100.000 жители во соседството, а за жал на прво место сме и по бројот на починати.

Такво промашување во бројките не би направил ни обичниот лаик. Но за жал кај нас  тоа се случи.

Откако во летната сезона сите нивни  прогнози се покажаа како лаички, сега  луѓето од  истиот Кризен штаб не уверуваат дека есенва и во текот на зимата не очекува, како што милуваат тие да кажат “пикот “, кој ќе биде многу поопасен од тој во текот на летото.

   Токму затоа Кризниот штаб најавува наскоро да воведе нови мерки за справување со пандемијата.

И така во круг.

        Во ситуација кога светот се справува со нова болест и кога најмоќните земји на земјината топка се немоќни да се справат со пандемијата, би било премногу несериозно од мене јас да давам совети за тоа како да ја победиме оваа болест.

        Таква идеја не ми паднала никогаш ни напамет.

        Но тоа што можам да си земам слобода да  кажам е дека во справувањето со пандемијата кај нас се прават бројни импровизации. Последиците од таквите импровизации најчесто ги плаќаат здравствените работници, кои  се на крајот на издржливост и кои почнаа дури да си поднесуваат откази и граѓаните.

        За мене несфатливо е што на почетокот на пандемијата, при крајот на февруари, кога не само во Битола, туку и во државата, немаше ни еден заболен од ковид 19, на само 3 сати пред почетокот на Манифестацијата “ Избираме најуспшни битолчани “  истата да биде прекината  во знак на почитување на Препораките на Министерството за здравство, а само неколку дена подоцна да се држат  партиски конгреси, конвенции, трибини…

        Иако се обидувам едноставно не можам да сфатам како можи сега, кога бројот на заразените и жртвите во државата и Битола  постојано расте да се дозволуваат и поддржуваат со државни пари одржување на концерти, забави, манифестации, фестивали, атлетски трки, собирања над дозволениот број луѓе…

        Никако не ми влегува во главата кога полицијата се изнапиша илјадници казни за неносење на заштитни маски, најповиканите луѓе  во државата да не ја почитуваат таа мерка и да прават  дури и интервјуа  без маски.

        Јас никако не можам да сватам како може кога во Битола немавме голем број на заразени, на почетокот на пандемијата постојано да се дезинфецираа(т) влезовите во колективните станбени објекти и мие градот, а сега кога бројот на заразени секодјневно се зголемува Општинскиот кризен штаб да не препорачува и не презема такви “еколошки” мерки.

        Како и да е.

        Во време кога пандемијата нема милост и буквално коси, секоја импровизација и несериозност скапо се плаќа.

        Во оваа битка покрај здравстевните работници мораат свој влог да дадат и самите граѓани, кои барем во овој момент треба да ја почитуваат единствената терапија која ја “пропишуваат” сите задравствени работници во светот,  а таа е редовно носење маска, држење дистанца и миење на  рацете.

        Овие (пре)пораки треба да стигнат до сите и на тој начин сите ние ќе дадеме свој  личен влог во битката со чумата на 21 век.

        Кога се работи за својот живот и животот на своите најблиски тоа убеден сум дека не е ни тешко, ни невозможно, а ни скапо .

Оваа колумна можете да ја прочитате во најновиот број на Битолски кој од печат излегува утре на 7 октомври

        [U1] 


 [U1]

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*