Home / Економија / “Кромберг и Шуберт “ ги задржа младите во Битола

“Кромберг и Шуберт “ ги задржа младите во Битола

Германската компанија „Кромберг и Шуберт“ веќе шест години функционира во индустриската зона „Жабени“, и е единствената инвестиција што се реализира и што вработи 6.000 работници. Одамна беше најавено дека во зоната 48 домашни и странски инвеститори имаат купено парцели и дека ќе работат 5.000 работници откако ќе се изградат сите фабрики. Сепак, ниту една од тие 48 фабрики не се изградени, зашто најголемиот број од инвеститорите, кои имаа намера да инвестираат во отворање фабрики во зоната се откажаа од своите инвестициски планови, но затоа, пак, во „Кромберг и Шуберт“ го создадоа најголемиот индустриски капацитет, не само во Битола, туку и во државата.
Фабрика за конфекционирање кабли за автомобилската индустрија го реши проблемот со огромната невработеност во Битола и ги задржа младите во градот да не заминат како голем број нивни врсници на печалба во странство.

Германскиот гигант, кој постојано има отворени конкурси за вработување на нови работници, покрај тоа што драстично го намали проблемот со вработувањето на младите битолчани во најголем дел го реши проблемот и со невработените битолчанки, кои откако Грците ги затворија своите текстилни фабрики, останаа без работа.
– „Кромберг и Шуберт“ ја спаси Битола. Доколку не беше оваа фабрика мислам дека како и голем број млади битолчани, кои заминаа на печалба во странство ќе се иселеа од Битола. На таа мисла бев и јас со мојот сопруг, но откако двајцата се вработивме во компанијата се сменија нашите планови и сега не само што не планираме повеќе да заминеме во странство, туку сите наши планови се врзани исклучиво за Битола, ни вели С.В., која од пред некој месец заедно со нејзиниот сопруг се вработи во фабриката.
Од 153 вработени, со колку што почна „Кромберг и Шуберт“ да работи пред шест години, денес во компанијата работат вкупно 6.000 работници, со тенденција бројот на вработувањата во наредниот период уште повеќе да се зголемува.
На почетокот, кога почна да работи оваа фабрика многумина битолчани, особено младите, кои во оваа германска компанија го најдоа своето прво вработување, поради својата неработна дисциплина, како што брзо се вработуваа, така и брзо си заминуваа од работа, и во битолската јавност пласираа дезинформации дека таму е речиси невозможно да се работи и дека владее војничка дисциплина.

Денес, интересот за вработување во „Кромберг и Шуберт“ е огромен, па компанијата, која ги вработи речиси сите млади битолчани, кои сакаат да работат, вработи и голем број работници од соседните градови Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево, а во последно време во компанијата свое вработување најдоа и млади невработени од Источна Македонија, Делчево, Берово, Македонска Каменица.
Процесот на масовни вработувања во оваа се случува особено во изминатите неколку месеци, откако беше отворена втората фабрика, со капацитет за 3.000 нови работници. Тоа е пред сѐ резултат на имплементацијата на новиот проект за конфекционирање кабли за новиот автомобил „мерцедес спринтер“.
Со отворањето на оваа линија за новиот тип во голема мера се зголемија потребите од вработување нови млади стручни кадри, па, така, во наредниот период, според информациите од надлежните во фабриката ќе се вработат уште 1.000 работници, со што бројот на вработените во оваа германска компанија ќе се заокружи на вкупно 7.000 работници.
– Вработувањата, кои ќе следуваат во наредните неколку месеци се финални, според плановите на компанијата и откако ќе се заврши со тој процес, енергијата и ресурсите ќе се насочат кон консолидација на тимовите и стабилизација на процесот на производство по огромниот раст со кој се соочи фабриката – велат од „Кромберг и Шуберт“.
Оттаму додаваат дека нивна цел е да направат „Македонија во мало“, односно да сплотат најголем број луѓе од повеќе градови на едно место, кои ќе се заљубат во Битола и на тој начин ќе си го збогатат животот себеси и на другите со нови искуства, знаења, пријатели.

Компанијата во последно време речиси секој викенд организира отворени денови каде што заинтересираните можат да се запознаат со процесот на производство.
Вработените во „Кромберг и Шуберт“ велат дека ако успеат тука, тогаш можеби има шанси да успеат и во државата за да се вратат луѓето на вистинските вредности и повторно да поверуваат
Покрај тоа, оваа компанија им обезбеди работа и на голем број други мали битолски фирми, автопревозни претпријатија, кои ги превезуваат работниците на „Кромберг и Шуберт“ до индустриска зона „Жабени“, потоа фирмата што се грижи за исхрана на работниците, која во меѓувреме отвора нова фабричка менза во Србија, каде што „Кромберг и Шуберт“ наскоро треба да отвори нова фабрика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*