Home / Свет / Малезискиот авион најверојатно се урнал

Малезискиот авион најверојатно се урнал

Патничкиот авион на малезиската компанија „Ер Азија“, што денеска исчезна над Јаванското Море со 162 патници и членови на екипажот, најверојатно се урнал, изјави индонезискиот заменик претседател Мухамад Јусуф Кала.

Според Кала индонезиските власти немаат информации за можна локација на падот на авионот.

Спасувачките екипи ја прекинаа потрагата по исчезнатиот авион во текот на ноќта, соопшти претходно индонезиското министерство за сообраќај. Потрагата ќе биде продолжена во понеделник, а дополнителни проблеми претставува лошото време.

Помош во потрагата понудија и Сингапур, Австралија и Малезија.

Авион на „Ер Азија“ со 162 патници исчезна утрово од радарската контрола. Пилотите на авионот „ербас 320-300“, на лет од Индонезија до Сингапур, барале да ја сменат висината за да ги избегнат лошите временски услови.

„Авионот бил на планираната рута на летот и барал отстапување поради временските услови пред да се загуби комуникацијата, додека авионот се’ уште бил под контрола на индонезиската контрола на воздушниот сообраќај“, соопшти авиокомпанијата во изјавата.

Авионот не испратил сигнал за помош пред да исчезне меѓу пристаништето Танџунг Пандан и градот Понтианак, во Западен Калимантан на островот Борнео, јави Ѓоко Мурџатмоѓо, директор за воздушен сообраќај од индонезиското Министерство за транспорт. Контактот со авионот бил загубен околу 42 минути откако авионот полетал од аеродромот „Сурабаја“ во Индонезија. Тоа се случило околу еден час пред предвиденото време кога авионот требало да слета во Сингапур, во 00.30 часот. Времето на летање од Сурабаја до Сингапур вообичаено е нешто повеќе од два часа.

Авионот превезувал двајца пилоти, пет членови на екипажот и 155 патници, меѓу кои 16 деца и едно бебе, соопшти „Ер Азија“ . Се наведува дека во авионот имало шест странци – тројца Јужнокорејци и по еден од Сингапур, Малезија и од Франција, додека другите биле индонезиски државјани.

„Ер Азија“ е регионална нискобуџетна компанија која работи во неколку југоисточни азиски земји и има одлично досие за безбедноста. Таа соопшти дека и капетанот и првиот офицер биле искусни пилоти. Авиокомпанијата јави дека е започната операција за пронаоѓање и за спасување, а Сингапур јави дека ги активирал своите воздухопловни сили и морнарицата за да помогнат.

Инцидентот од неделата се случи покрај двете катастрофи што го погодија националниот авиопревозник на Малезија, „Малезија ерлајнс“, кој загуби два авиона оваа година.

 

 

Извор: Утрински весник

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*