Home / Uncategorized / На два дена пред пречекот на Новата 2017 година: Изборите завршија, време е за (новогодишно) славје

На два дена пред пречекот на Новата 2017 година: Изборите завршија, време е за (новогодишно) славје

Со прегласувањето во избирачкото место 2011 во Теарце, конечно, и официјално завршија предвремените парламентарни избори. Познати се и изборните резултати.

И покрај победата на СДСМ во Теарце, победник на изборите е владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, која освои 51 пратенички мандат.

На второ место е опозициската  СДСМ со коалицијата за граѓаните која доби 49 пратенички мандати.

Иако ваквиот исход на изборите му овозможи на  Никола Груевски повторно да добие мандат и да составува влада, од СДСМ тврдат дека тие се победници и најавуваат дека СДСМ ќе биде партијата која ќе ја составува новата влада.

И сега кога изборите завршија, а познати се и резултатите, останува на политичките лидери и партии да се договорат кој ќе влезе во новата влада.

Што се однесува до народот тој го кажа своето. Сега е време народот на Македонија, конечно, малку да здивне и да се подготвува за новогодишната прослава и Божикните празници.

За два дена ќе ја испратиме старата 2016 и ќе ја пречекаме Новата 2017 година.

Во новата година сите влегуваме доста изморени и  исцрпени од долгата политичка криза која не следеше повеќе од две години.

Време е сега политичарите да се зафатат со работа и откако до 31 декември ќе го формираат новото собрание, да состават влада, чиј мандат во овој момент никој не може да го предвиди.

Време е сега народот, откако малку ќе се одмори од изборите, да се подготви да слави. Во новата година сите влегуваме со разни желби, кои сепак за сите обични смртници имаат иста цел.

Во новата година животот да ни биде подобар, поспокоен и помирен, без (политички) турбуленции.

Со такви желби и посакување за добро здравје и лична среќа на секого, Битолски весник на сите битолчани и читатели им ја честита Новата 2017 година.

Нека ни е среќна и бериќетна!

 

 

 

Б.В.

Фото: С.Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*