Home / Uncategorized / На Македонија местото и е во Европа

На Македонија местото и е во Европа

Конструктивна и отворена размена на мислења за перспективите на Македонија во ЕУ имаа денеска премиерот Зоран Заев и еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан. Тие се согласиле дека Македонија и другите земји од Западен Балкан се партнери на ЕУ и дека сега е потребна поддршка повеќе од кога било за придвижувањето на интеграциите во Унијата.Заев и Хан на заедничката прес-конференција, во рамките на првата официјална посета на Брисел на Заев како македонски премиер, најавија дека со силна посветеност и реформи Македонија ќе се врати на евро-атлантскиот пат.

– Се заблагодарив на охрабрувачките пораки што ги примивме од нив. Мојата прва официјална посета на Брисел, откако бев избран за премиер, ја покажува нашата јасна ориентација и посветеност на мојата Влада за зајакнување на процесот на интеграиции во ЕУ. Членството во ЕУ нема алтернатива и е клучен стратешки приоритет на Македонија. Имаме за цел почеток на преговорите за членство што побрзо, бидејќи Македонија од 2005 година е земја-кандидат и нема почнато преговори, па верувам дека е крајно време овој процес да се придвижи напред – истакна Заев.

Претседателот на македонската Влада дополни дека му е јасно оти поддршката од Унијата треба да се оправда со вистински резултати дома, кои ќе бидат насочени кон јакнење на судството, владеењето на правото и на реформи во јавната администрација. Тој потврди и дека со еврокомесарот разговарале за Итните реформски приоритети што Еврокомисијата ги бара за да може да ги тргне условите од препорката за почеток на преговорите за членство.Заев порача дека во таа насока целата македонска Влада ќе треба да направи напор во отворен дијалог со опозицијата и со граѓанското општество за да се направи исчекор напред.

– Планот е да подадеме рака преку широк инклузивен процес во општеството и поддршка за реформи. Развојот на добрососедските односи е важен дел од мојата програма, а потребни се добри и силни односи меѓу соседите базирани на заедничка почит. Затоа прва билатерална посета што ќе ја имам е посетата на Софија месецов, за средба со премиерот на Бугарија Бојко Борисов, а со цел да ја зајакнеме соработката и да изградиме мостови на поддршка. Министерот за надворешни работи Никола Димтиров, пак, во среда патува во Атина со цел да отвори нови можности за поблиска политичка соработка – додаде Зоран Заев.

Состанокот траел повеќе од еден час.

Хан му порача на Заев дека неговите претходни средби со Туск и Могерини, како и заедничката, покажала силна посветеност на новата Влада кон ЕУ и кон понатамошен развој.

– Вашата земја сврти страница по големата политичка криза што траеше предолго и во која се потроши многу време и енергија. Сега имаме свеж старт, но нема време, бидејќи има многу работа да се направи за нацијата да се врати на евроатлантскиот пат. Сепак, јас сум охрабрен од реализмот што денеска го покажавте и ние очекуваме од новата Влада и од опозицијата да работат заедно на реформите ориентирани кон ЕУ – порача Хан.

Еврокомесарот исткана дека е потребен национален консензус за евроинтеграција во Македонија, што би одел над политичките и над етничките линии, од причина што според него сега земјата ја очекуваат големи предизвици, но и можности. Тој рече дека со Заев дискутирале за специфичните клучни реформски приоритети на Владата за европската агенда, при што македонскиот премиер му соопштил за преземените мерки и за планот за реформи и подобрување на добрососедските односи.

– Охрабрен бев од плановите и дискутиравме за следните итни чекори, при што го уверив премиерот дека ЕК ќе помага како може. Јас ќе дојдам на 26 јуни во Скопје, за да ги видиме напорите на Владата за различните области од Итните реформски приоритети. Да имаме преглед на прогресот. Експертот Прибе ќе ја посети земјата во следните денови и ќе се врати во јули со тим со цел да ја советува новата Влада за справување со прашањата од областа на владеењето на правото. Сепак, најважни се имплементацијата на сите делови на договорот од Пржино и на Итните реформски приоритети. Не за да ги задоволите Комисијата и ЕУ, туку вашата земја и граѓаните. Ова е есенцијално за земјата да се врати назад на евроинтеграцискиот пат – истакана Јоханес Хан.

Заев посочи дека со Хан разговарале и за транспортната заедница, односно договорот што треба да биде наскоро потпишан во Трст (Италија) и понудил Скопје да биде домаќин на секретаријатот на транспортната заедница со цел поддршка на иницијативата за регионална економска интеграција. Тој додаде дека заеднички предизвици со кои се соочуваат сите во Европа се миграцијата, борбата против тероризмот, радикализмот и насилниот екстремизам.

Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата, премиерот Заев истакна дека постои намера за брзо придвижување кон целосна интеграција на Македонија во Европската Унија, соодветно преку повик и на опозицијата и граѓанското општество и сите други со капацитет да помогнат во овој процес.

– Во процесот на формирање Влада порачавме дека сме за соработка и инклузивност. Првпат предадовме мнозинство во комисиите во Парламентот да бидат водени од опозицијата, бидејќи ако имаме успех, тој ќе биде заеднички, на власта и на опозицијата и на сите кои ги повикуваме да придонесат кон брзо добивање на датум за преговори за членство во ЕУ – посочи Заев.

Комесарот Хан, пак, подвлече дека за отворање на преговорите треба позитивен извештај и препорака од ЕК, па потоа договор на сите 28 земји-членки на ЕУ. Во таа насока тој рече дека е важно спроведување на Итните реформски приоритети. Но, во делот на отворање на преговорите, тој ја поздрави посетата на Заев на Бугарија и на министерот Димитров на Грција, истакнувајќи дека е важано да се најде решение за прашањето за името, базирано на заемна доверба и да се креираат лични односи.

– Сега има заемно разбирање дека треба да имаме прогрес во ова прашање, за да биде релевантно за иднината и да увезуваме стабилност. Треба да се најде заедничко решение, но ако влегуваме со отворен ум во разговорите, тоа е можно. Секогаш има начин за да се придвижат работите и на тоа мора да работиме. Мора да се најде решение прифатливо за сите – дециден беше Хан, кој во тој поглед побара сите во преговорите да бараат компромис.

Хан ја отфрли можноста за почеток на пристапните преговори со Македонија под референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија”, бидејќи според него треба да се најде трајно решение, а не провизорно. Тој рече дека е потребен компромис „за секој да добие по нешто”.

– На крајот на денот, се надевам дека решение може да се најде. Со признавање дека сите имаат интерес од тоа. Нема да биде лесно, многумина се обидуваа со години, но сега има нов моментум и убеден сум дека можеме да ја искористиме ситуацијата и да направиме прогрес – рече Хан.

Во поглед на тоа како може да се реши наметнатиот спор со името од соседна Грција, премиерот Зоран Заев рече дека „ако се има пријателски однос, добар пристап, може да се најде решение”. Според него, Македонија ќе се занимава повеќе со евроиднината, отколку со евроминатото и со минатото на земјите од регионот.

– Грција ако сака може да не блокира во процесот на интеграции на секое преговарачко поглавје, а тоа е 35 пати. Но, ако Македонија даде причини градејќи пријателство со сите соседи, па и со Грција, тогаш може да очекуваме создавање на позитивен амбиент да разговараме и за ова чувствително прашање. Ни треба поддршка од соседите и од Грција, од граѓаните на Грција, преку владејачката партија и опозицијата да водат грижа да ѝ помогнат на Македонија на патот кон интеграциите во ЕУ и во НАТО – заклучи Заев.

Заев на првата официјална посета во Брисел е придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Тој претходно се сретна и со претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск и со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини, а попладнево ќе има средба и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*