Home / Вести / Нов албум на Каролина Гочева со Исмаил Лумановски и Дуке Бојаџиев

Нов албум на Каролина Гочева со Исмаил Лумановски и Дуке Бојаџиев

По голем број заеднички настапи и соработки, на повидок е нов албум на Каролина Гочева, зад кој ќе застане продукцијата „Авалон“, а кој го подготвува во соработка со Дуке Бојаџиев и со Исмаил Лумановски. На албумот се застапени единаесет песни – преработки на едни од најубавите, подзаборавени композиции, чии оригинални автори се најмаркантните и најзначајни имиња во македонската забавна и џез-музика: Драган Ѓаконовски- Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев и други.
Идејата за овој албум се роди во 2016 година, а оттогаш внимателно се работеше на неговиот концепт, избирање на композициите и создавање нови аранжмани, со фокус на тоа да им се даде нов живот на некои од најубавите песни на домашната забавна музика, во комплетно нови аранжмани.
Генијалноста на Дуке, која се проткајува аранжмански низ сите единаесет нумери преку композицискиот јазик и пијаното, совршениот вокал на Каролина и импровизациската моќ низ кларинетот на Исмаил, се идеална комбинација за уште едно одлично издание, кое веруваме дека ќе предизвика огромен интерес кај сите љубители на овој жанр, но и за пошироката публика.
Албумот се снимаше во јануари годинава во Македонската филхармонија.
Првата песна што ќе биде претставена наскоро со спот е „Идила“, чиј автор е Драган Ѓаконовски-Шпато, како најава за новиот албум, кој ќе излезе наесен.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*