Home / Вести / Обвинителството побара затворски казни за Мијалков и „алфите“ за „Тортура“

Обвинителството побара затворски казни за Мијалков и „алфите“ за „Тортура“

Сметам дека во конкретниот случај единствено изрекување на ефективни казни затвор ќе делуваат одвратувачки на сите идни можни сторители, наведе јавниот обвинител Љубомир Лапе во завршен збор за случајот „Тортура“, кој се однесува на апсењето на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски на 6 јуни 2011 година.

Обвинителот посочи дека од изведените материјални и вербални докази било докажано оти обвинетите ги повредиле нормите на етичко и морално однесување и го сториле делото „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ за кое се предвидени затворски казни од три до осум години.

Лапе истакна дека Љубе Бошковски е понижен со директна умисла, а настанот е снимен и прикажуван на сите телевизии, поради што последицата е непоправлива и неотстранлива. Тој додаде дека особено отежнителна околност за Мијалков е тоа што е претходно осудуван.

Во „Тортура“ заедно со Мијалков обвинети се и поранешниот прв човек на единицата „Алфи”, Ивица Антевски – Пуки, и уште петмина припадници на единицата.

Случајот го води судијката Александра Ристеска. Судењето треба да продолжи на 26 мај со завршни зборови на одбраната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*